Зошто се опасни нашите гревовни страсти – I дел

 

Од историјата на Рим е познато дека Тарпеја, ќерката на началникот на тврдината на Капитолискиот рид, се согласила да ги пушти непријателските војници, соблазнета од нивните златни гривни. Таа ги пуштила под услов војниците да ѝ ги подарат сите украси што ги носат на левата рака. Воините го исполниле ветувањето: нивниот предводник Гатиус прв ѝ го дал својот штит и гривната, и веднаш потоа војниците почнале да ги фрлаат кон неа своите скапоцени украси и штитови, додека таа не паднала мртва под нивната тежина. Така една мала желба станала причина за погибел.

Со секоја гревовна страст се случува практично истото. Човекот ќе се соблазни од некакво си замислено богатство, еднаш ќе даде согласност и понатаму таа страст нафрла врз душата бесконечен товар, ја поробува и на крај ја убива.

Еден наш современик учеше во Јерославското уметничко училиште. Сѐ беше добро, но во еден миг тој дојде до извесно „откритие“ дека наводно алкохолот во мали количини ги поттикнува творечките способности, го помага откривањето на талентот, при што исчезнува природната ограниченост. И ете ова откритие го доведе до таму што за овој човек стана невозможно да твори или на било каков друг начин да се изразува себеси без алкохол, во трезвена состојба тој беше тажен, здодевен и изгубен; а кога ќе се поднапиеше се претвораше во уметник и херој. Така тој пиеше за да го одржува својот дух. Но по извесно време почна да чувствува дека неговата душа му припаѓа на некаков си злобен господар, а во него самиот царува пустош. На еден празник си пиел во својот стан заедно со својот познаник. Тој дури и не забележал дека во еден миг изгубил контрола над реалноста, буквално се потчинил на некаква туѓа волја, го скршил балконското стакло, и направил неколку чекори по тесната настрешница. Нему до тогаш му се чинело дека пиењето алкохол вдахновува и окрилува, доведува до творечки полет, и еве нему навистина му се случило да полета, само не творечки, туку од V – ти кат.

Секоја гревовна зависност воопшто е уривање, уништување на она убавото што Бог го всадил во секого од нас. Страста паразитира на нашите природни способности, потреби, дарови и ги претвора во штета за човекот. Потребата за јадење и пиење се претвора во стомакоугодие и пијанство, потребата за љубов во блудна похота, потребата за совршенство – во гордост и самоувереност.

Што е страста? Таа е гревовна приврзаност, болна склоност на нашата природа кон она што ни штети и не разрушува однатре. Страста – тоа е грев којшто преминал во навика. Во внатрешноста на човекот се јавила потреба од некаков си грев, нешто незапирливо не влече кон него, противењето на таа наклонетост предизвикува внатрешна болка, болка која како да вели: „Поскоро задоволи ме, инаку нема да имаш мир“.

Страста е нешто што те гризе од внатре: завист, љубомора, осудување… таа лишува од внатрешен спокој, го раскинува срцето, предизвикува бура од помисли, го помрачува умот, а волјата ја стега со челични притисоци. Човекот буквално станува исполнител на туѓа, злобна волја, го прави она што не би го правел во здрава состојба на душата. Ова особено е очигледно кај гневот: губењето на разумноста води кон јарост и физичко уништување на сѐ што е во близина. Но не помалку се разорни и другите страсти, на пример унинието, кое го затвора човекот во себе, го лишува од внатрешен живот, го имобилизира и не му дозволува да се изрази себеси во дејствителна љубов кон ближниот.

Значи, секоја страст е неадекватност. Човекот се однесува несоодветно на здравото поведение. Изливите на гнев, нескротливите блудни нагони, бескрајната гордост – сите тие се аномалии на човечкото однесување, кои произлегуваат од едно длабоко гревовно растројство, од внатрешната слабост во душата на човекот.

Страста никогаш не може да го направи човекот среќен и затоа за жалење е оној којшто брза да ја задоволи секоја потреба на својот ненаситен ѕвер. Буквално управуван од невидлив водач, страсниот човек безволно се труди и брза да ги насити безумните потреби на страста, но и после неговото наситување сепак, останува незадоволен. Човекот, лишен од Бога, секогаш ќе биде незадоволен во сѐ. Тој сака да граба, да се наситува, да стекнува, но никогаш не чувствува исполнетост.

Продолжува