Зошто се опасни нашите гревовни страсти – II дел

Доколку ја оставиме страста на мир, таа ќе си бара сѐ повеќе нова храна, уништувајќи во душата сѐ што е живо. Затоа, вистинскиот однос кон гревовната страст може да биде само војување со неа. Било каква согласност со неа води кон трагедија.

А што се случи со претходно спомнатиот мој познаник? Слава на Бога, тој не се упокои, него го залечија и тој излезе од болница со повреден рбет, со неподвижна лева рака и за жал со една така нескротлива желба и понатаму да пие. Сега тој не пиеше за постигнување на уметнички успеси, туку за надминување на чувството на инфериорност. Неговиот оштетен црн дроб реагираше со неиздржлива болка на секоја нова доза на алкохол. По следното пијанство во него наеднаш се случил некаков си внатрешен преврат. Од некаде му се јавила мисла дека тој е пропаднат, дека потполно пропаднал духовно и дека ако паднеш во рацете на ѓаволот, тој само би те довршил без никаква милост. Гледаме дека остатоците на светлината и образот Божји, коишто постојат во душата на секој човек, дури и на оној паднатиот, се пројавија и во овој случај. Доаѓајќи си на себе, тој наеднаш ја забележал Библијата, на којашто порано не ѝ обраќал никакво внимание, механички ја отворил, како што се покажало, на страниците на Евангелието, и почнал да чита.

Додека читал, неочекувано за самиот себе, тој забележал дека го напушта стравот. Евангелието вселило во него некаков внатрешен мир и утеха. Од тие чувства тој не сакал да се раздели па затоа ја читал без прекин свештената книга и тоа три дена по ред, дури и ноќе кога спиел, се плашел да ја испушти Библијата од раце. Потоа тој почнал да се моли, поточно таа молитва на некаков начин сама излегла од неговото рането срце: „Боже, ако постоиш, спаси ме мене, избави ме од пијанството. Доколку не ми помогнеш, јас утре повторно ќе почнам да се пијанам. Те молам помогни ми“. И оваа негова срдечна молитва направила чудо – внатре згаснал огнот којшто секогаш порано го прогонуваше и тераше да оди по шанковите, тој дури престанал и да пуши, но она што е најважно е дека внатре во неговата душа, наместо пустош се родила животна радост.

Ние често се чудиме зошто никако не успеваме да се разделиме од некои свои гревови. Зашто ние не би сакале да го правиме тоа што го правиме, но сепак, продолжуваме, буквално сме се претвориле во еден безволен механизам којшто го извршува она што му е наложено во неговата програма.

Страстите премногу длабоко навлегле во нас, ги примаме како свои природни потреби, и потоа станува невозможно да ги победиме со свои сопствени сили. И иако досега никој не умрел поради тоа што се откажал од алкохол, или блуден грев, ние грешиме така – како да ќе умреме буквално, ако не згрешиме.

Но, ако во раце ни дадат отровна змија, зарем би се согласиле да си играме со неа? Треба да се сфати дека секоја гревовна страст е една змија која ја каса душата и ја труе со сатански отров. И потоа треба да си го усвоиме следниот принцип: подобро да умрам отколку да згрешам.

Праведниот Алексиј Мечев вели: „Треба гревот да се замрази, сето тоа да изгори внатре во срцето, кога ќе почнеш да го спомнуваш… и дури тогаш, гревот ќе ни стане одбоен и веќе нема да се вратиме на него“. Доколку имаме одбојност кон страста, ние ќе се држиме понастрана од неа. А имајќи љубов кон Бога, повеќе ќе се стремиме кон Него.

Потполно да се победи страста може само со Бога. За мојот гореспомнат познаник немаше друга можност, за него Бог не бил една теоретска вистина, туку единствена Реалност, Која може да помогне. Срдечната молитва, со силна надеж, со желба да се спасиме, може да направи вистинско чудо. Решителноста на срцето и огнената молитва, ја отвораат вратата на душата за Бога, а Неговата благодат внатре прави преобразба, очистува и ослободува, спасува и исцелува.

Црквата нѐ учи да владееме со своите природни потреби, да се воздржуваме од јадење и пиење во определено време во годината, или денот (постите и Евхаристиското воздржание). Тоа е еден драгоцен опит на владеење со себеси, кога телото си го бара своето, но ти се издигнуваш над неговите потреби.

Доколку се учиме да се воздржуваме од она што ни е природно – јадењето и пиењето, тогаш ќе можеме да се научиме да се воздржуваме и во тоа што ни е противприродно – страстите и гревовните нагони. Нема да умреме поради тоа што не сме го достигнале или поминале следното ниво на компјутерската игра. Напротив, само тогаш ќе го почувствуваме вистинскиот живот. Кога ќе се научиме да ги победуваме своите ситни желби, тога ќе можеме да достигнеме победа и над долгогодишните свои страсти.

Секако, животот на секој поединец си има свои особености. Што значи дека секој си гради свој опит на борба со гревот. Но Бог се нарекува Себеси наш Небесен Отец, без разлика на нашите лични особености. Нема грев којшто не бил простен заради покајанието, и нема страсти коишто сеисцелителната помош Божја не би можела да ги искорени. А Преп. Силуан Атонски напишал: „На тие коишто се борат со гревот, Господ им ја дава не само Својата прошка, туку и благодатта на Светиот Дух, Којшто ја радува душата и ѝ дава длабок и сладок мир“.