Современиот свет и радоста II дел

Да ја погледнеме, сега, радоста и среќата во нашите домови. Радоста е божествен дар. Кога во некоја прилика би отишле на Света Гора, вие ќе ја видите насмевката и радоста на монасите. Нивните лица се како сонце, а секој манастир е едно семејство, со еден отец, еден старец, кој ги опкружува браќата со љубов. Манастирот е како некој прстен, кој во средината има скапоцен камен, а наоколу дијаманти – непроценливи вредности, Божји дијаманти.
Манастирот е едно семејство. Како се раѓа тоа семејство? Од еден духовен брак. Монахот се венчава за Црквата. Да погледнеме некои карактеристики на монаштвото, за да можеме по аналогија да ги сфатиме и нашите бракови, световните бракови, семејствата, и радоста што можеме да ја стекнеме.

Една подвижничка, Преподобната Синклитикија „само кон Небесен Жених го управуваше својот поглед“. Бидејќи беше венчана за Христа, таа имаше духовно чувство, па нејзината наклонетост постојано беше насочена кон Христа. Ако ние монасите правиме така, тогаш во уште поголема мера тоа треба да го прават брачните луѓе. Зашто ние монасите Го имаме Бога Кој го исполнува сиот наш живот. А во бракот, во светот, имаме тешкотии, проблеми, болести, кавги. Што, тогаш би можела да направи жената?

Може да го сака својот маж, да се жртвува за него, да му се обраќа на убав и умилен начин, да го трпи, да му се насмевнува. Па дури и ако нејзиниот маж е тврдоглав, тежок, острастен, зашто мажот и жената станале еден човек. „Ќе бидат едно тело“, вели Новиот Завет (за сопружниците). Како што Христос и света Синклитикија се соединиле, станале едно, така се случува и во светот. Зошто го велам ова? Ако жената оствари убав однос со својот маж, тој, малку по малку ќе омекне, ќе стане помил, од неговите очи ќе потечат солзи радосници, и ќе рече: „Зошто кон својата жена, своето срце, кое самиот го примив, зошто да се однесувам лошо со неа и зошто да ја загрижувам?“ Кога жената се однесува убаво, во семејството навистина влегуваат благословот и среќата. Ако направи спротивно, ја уништува среќата. Имаме среќа, зашто Бог ни ја дал. Ако не внимавам на односот со својот маж, можам да ја уништам таа среќа, да ја избришам.

Ако жената е невеста, како што монахињата е невеста Господова, мажот е „икона и слава Божја“, како што се вели во Светото Писмо. Мажот е заштитник на жената, како татко. Тој секогаш треба да е добро расположен, радосен, да го одбегнува тешкиот замор, па времето што поминува сé повеќе и повеќе ќе ги соединува. Така среќата никогаш нема да попушти, нема да пукне. Мажот нека се научи да ѝ проштева на жената, да ја разбира. Неговите очи нека не гледаат на оваа или онаа страна, нека гледаат само во очите на жената негова, а и жената нека гледа само во очите на мажот свој. Е, тогаш нивниот дом ќе биде рај. Значи, мажот во семејството, во својот личен семеен манастир е како Господ, како Бог, а жената е невеста Христова, Црквата. Според тоа, како што Црквата Му се покорува на Господа, така и жената му се покорува на мажот. Мажот е исто така и глава, што значи дека за сè треба да се грижи. Треба да води сметка за сите потреби, маки, болки, грижи на жената своја и на своето семејство.

Една друга монахиња и маченичка, света Текла, „ја виде убавината на Женихот и не се одвои од она што го виде“. Маченичката Текла, во мигот кога страдаше и го губеше својот живот, ја виде убавината Христова и „не се одвојуваше од она што го виде“. Сè до последниот миг на страдањето свое таа не гледаше во ништо друго освен во убавината на нашиот Бог.
Најважна е постојаната прегратка на двајцата што се сакаат. Кога во себе ја имаме таа вера и на таков, а не на световен начин, размислуваме за бракот, секој од нас, таткото, мајката, дури и децата ќе живеат во таа прекрасна атмосфера и ќе велат: „Кој ќе нè раздели од љубовта Христова?“. Зашто Бог, кога сме толку силни и радосни, и кога толку многу се сакаме, е секако меѓу нас.

А нашето Свето Предание, особено за невестата Христова, монахињата, вели „свештен сад“. Монахињата е една заветена личност. Но ако девојката е „свештен сад“, и жената во бракот на себе зема еден свештен призив, зашто таа во повеќето случаи се грижи за децата и ги учи за Христа, Црквата, светиите, севкупното црковно предание. Ако мајката не може да постигне, и таткото е должен да помогне. А ако не направат така, кога нивните деца ќе пораснат, ќе се изгубат, и куќата наместо среќа, ќе ја снајде несреќа.

Нека жената преку мажот свој стане скромна и стекне почит. Нека му се обраќа умилно, како што кажавме, нека му ги признава неговите права. Зашто мажот е малку построг, малку погорд, има повеќе тешкотии, вложува повеќе напор. Заради тоа треба да му се даде повеќе право. Тој е оној кој го поткрепува семејството. И жената придонесува кон тоа. Свети Григориј Богослов вака ѝ зборува на некоја жена која туку што се омажила: „Твојот маж е око на твојот живот… сакај го само него, и само нему угодувај му… Ако мажот твој е упорен во нешто, должна си да се повлечеш, зашто тој премногу се заморува, и на работа и дома. Упати му ги своите умилни зборови “. И продолжува: „Почитувај го. Ако твојот маж некого не сака, ти немој да го фалиш тој човек, бидејќи ќе создадеш проблем во домот и во вашите односи. Нека вашите радости бидат заеднички, тагите заеднички. Жено, нека мажот твој биде сокриен во длабината на душата твоја и тебе мажу нека жената ти биде во срцето твое“.

Така се обезбедува постојаната радост која е дар Божји, а особено кога се молиме, кога сме мирни, кога нема препирки, особено не пред децата. Ако сопружниците не се сложуваат децата ќе бидат несреќни. Ќе носат болка во душата. Можеби ќе одат во црква, ќе се молат, но ќе имаат болка. Ова ви го велам за да го спречиме тоа, така што во животот секогаш да имаме радост.

Знаете ли дека во еден стар Правилник од V век, игуменот се нарекува „содејственик на благодатта?“ И игуменот заедно со Бога содејствува во радоста. Правете така и вие, особено мажите. Тогаш животот ваш ќе биде радостотворен и вашата заедница со Бога вистинска. Зашто знаеме дека „Он е Оној Кој Е“, Кој секогаш Е, и пред сè постои, Кој пред нас се роди, Оној Кој никогаш не бил нероден. Според тоа Он го има сето искуство, со кое и нас нè исполнува.
И уште, ако сакаме да бидеме среќни, да не се мешаме во многу и туѓи работи. Како што оние кои живеат монашки живот добиваат небесна радост бидејќи непрестајно живеат во своите ќелии, така и животот на мажот и жената во основа нека се одвива во куќата, во семејството. Секако дека мажот и жената ќе излегуваат, за да се опуштат, секако дека ќе одат на прошетки, но нека не се мешаат во туѓи работи. Така нема да дојде до кршење на срцата.
Но за да бидеме среќни, треба да обратиме внимание и на нешто друго, на тоа како се однесуваме во друштво. Да не се плашиме, колебаме, да не мислиме на зло, но да бидеме спремни и за непредвидливи ситуации.

(Продолжува)