Радувајте се во Господа и кога светот не ни влева радост

За духовни дела, пред сѐ, е потребен Божји благослов, а тој може да се здобие само ако побудите ни се чисти, а не ако во позадината на нашите намери стои угодувањето на нашата гордост. Несреќната случајност може да прерасне во несреќен обичај. Неопходно е едноставноста да не биде без мудрост. Како сѐ уште не си сфатил дека едноставноста ослободува, а дека секоја комплицирана префинетост, порано или подоцна, создава мачнина?

Срамота е што неправославните подобро ја почитуваат неделата од оние коишто себе се нарекуваат православни. Понекогаш овој хаос не може да се поправи со човечки средства, па би требало да се уплашиме дека од Небото ќе стигнат уште пострашни казни од оние што веќе ги трпиме. Служењето на Бога се состои и во тоа да не инсистираме премногу на спроведување на нашите, па макар и добри желби, и со чисто срце да го слушаме она што другите добронамерно ни го предлагаат. Не треба да се воздржуваме од правење добра за блиските, потпирајќи се на Бога, а не на себеси. На оној што вака постапува, Господ нема да му ја ускрати Неговата заштита и милост.

Искрената отвореност не би требало да ја примаме како акт на слободниот разум, т.е. со истото почитување и страв Божји, со кој се примаат тајните на христијанските Божји души. Треба да се пазиме да не напишеме или кажеме премногу или премалку од она што е вистина. Ваквата претпазливост не е тешка, а е потребна. Само во вистина и во правда може да се гради мир, и за себе, и за другите. Така е со секој подвиг. Но што е пополезно?  Кога ќе видиме дека добрите страдаат, тоа ни предизвикува особена жал, која не е остра, туку длабока. На затворена врата се тропа со молитва. Со совети може да се влезе само преку отворена врата. Сѐ се раѓа и расте во молчење. Делата кои се огласени пред нивното време, доста често завршуваат само со чкрипливи зборови. Добро е молчењето во кротост и смирение, добар е и зборот кој изразува љубов кон доброто и стремеж кон правдата. Радувајте се во Господа и кога светов не ни влева радост, или –  уште полошо – кога нѐ соблазнува веселието, кое наликува на крцкање на гранки што горат под котелот. На силната вистина, не само што не и се потребни слаби докази, туку и штета ѝ нанесуваат, зашто непријателите откриваат слаби точки. Било какви да се околностите, не треба да бидеме очајни. Очајот нема да ги подобри околностите, а нам може да ни биде само полошо.

Светите отци нѐ учат да не размислуваме многу за луѓето што се во подобра ситуација од нас, иако тие на тоа немаат ни помалку ни повеќе право од нас. Подобро е да гледаме кон луѓето кои имаат исти права како нас, а се во многу полоши околности од нас. Оној првиот начин на размислување нѐ води до роптање или завист, а вториот ни помага да бидеме задоволни со она што го имаме.

Дали е добро да ги повикуваме другите да одат и да си ја положат душата за своите браќа, а ние нашата да си ја носиме кај што сака или кај што нејзе ѝ е полесно? Бидете мудри како змии и незлобливи како гулаби. Овој совет ни е даден за сите животни прилики, па и за оние најтешките. Многу пополезно е да се грижиме за тоа како да го дочекаме нашиот крај во мирна и во добра надеж, отколку да мислиме каде ќе не закопаат или да градиме скапи гробови. Ако случајно осетиме дека животот ни станал бреме, би требало да го подигнеме погледот кон Господа и да не се жалиме колку ни досадил животот. Бог ни го дава и продолжува, заради нашето спасение, затоа треба да го сфатиме како дар. На оној кој нѐ дарува, треба да му се заблагодариме, а не да се жалиме. Не треба да се подлагаме на сите подвизи што ќе ги чуеме. Не секому секој подвиг му е од полза. Ако е кажано дека богатството треба да се стекнува само од себе, и дека не треба во него да го вложуваме своето срце, зарем не е тогаш погубно доколку нашето срце копнее по него? Една искусна мудрост вели: во радоста не заборавај да се подготвуваш за жалост, а во жалоста не заборавај да се надеваш на подобро. Ако Господ ви дарил радост, во вашата душа да биде рај, настојувајте тој рај таму и да остане. Непрестајно работете над него, трудете се – според своите можности – да правите добрини и да се воздржувате од сѐ што е по човечка, а не по Божја волја. Душевниот мир не се сложува со мислата дека некого не сакаме. Затоа, не треба ни да мислиме за тоа. Треба да се молиме за ближниот и да не ги забораваме нашите обврски и Божјата волја.

Научете се да бидете едноставни. Не именувајте ги луѓето со особени имиња кои се над нив. Не занесувајте се со непотребни идеи.


Извор: Сборник мыслей и изречений митрополита Московского Филарета, извлеченных из переписки с разными лицами (azbyka.ru)

Превод: Ивица Цонев