За христијанската благородност или за евангелското морално совршенство

 

Благородноста е христијанска морална добродетел, благо воспитување на душата во зборови и на дела. Одликите на благородноста се смел дух, великодушноста, слободата, чесноста, благодатноста, дарежливоста, висината на духот, великодушноста, чистотата, отвореноста, благопроизволноста, отменото држење, праведноста и вистинитоста. Благородноста е соборна добродетел; добродетелта и благородноста се истоимени зборови и укажуваат на истата смисла, на воспитаноста на душата. Благородноста на душата сведочи за нејзината подобност на иконата Божја, чија благодат и убавина се излеале врз неа; благородноста навистина е отсјај на Светлината на божествената икона која се истурила врз добрата душа. Благородноста е извирање на скриената душевна благодат. Благородноста ја засакале и побарале сите подвижници на добродетели, сите мудреци и философи; никој не може без неа да носи чесно име на благ човек, ниту мудрец, ниту мудрољубец.
Григориј Назијанзин за благородноста го вели ова: „Благородноста е чување на ликот и уподобуван.е на праобразот, кое се стекнува со расудување, добродетел и чиста желба.” А потоа: „Знам за една вистинска благородност, за благочестието, а тоа е да имаме свест за тоа од каде сме и каде одиме.” И на друго место: „Тоа е своевидна слава, чување на ликот и уподобување според праобразот, во таа мера во која тоа е можно за окованите во тело, што можат да примат незначајно изливање на Доброто.”
Теодор, пак, вели: „Добродетелта на благородноста е многу пославна од благородноста според раѓање.”
А Еврипид вели: „За добар го сметам благородниот човек, а неправедниот (односно без добродетел), па макар и да му е пород на вишниот Зевс, го сметам за злороден.” Некој друг философ, пак, вели: „Една добродетел знам, благородноста, а сите останати се случај.”
Златоуст вели: „Само една е благородноста – да се врши волјата Божја.”