Ликот на благородниот

 

Ликот на благородниот е особена глетка, бидејки врз него се излева благодатта на божествената Икона. Добродетелите кои се насобрале во него, прикладно го отсликале со својата четка образот на благородниот и секоја добродетел ја запишала својата убавина со најтенки линии; така ликот на благородниот станал навистина неповторливо уметничко дело, како она кое е создадено по подобието на праобразот. На него е впечатена божествената убавина. Благочестието на благородниот кон Божјото е прво меѓу неговите добродетели. Тој се плаши од Бога и ја врши волјата Негова, Божјиот закон му станал омилено вршење и тој го прави она што е добро, на Бога што Му е благоугодно и совршено. Борбеноста му ги раководи мислите, им дава складност на неговите зборови и раководи со неговите одлуки, таа и држењето му го прави одмерено, го управува каде да оди, му ги одмерува чекорите, му укажува на вистинскиот пат, го води низ животниот пат. Мудроста, совеста и знаењето го учат каде е вистинското блаженство и што треба да се прави, а што не треба. Со сите намери и напори на неговата душа управува расудноста. Мудроста го поучила во науката на вистината и го понела кон поимањето на божественото, совеста го научила правилно да расудува за се и за тоа да зборува отворено, а знаењето го довело до самопознание. Борбеноста станала кормилар на неговите мисли. Неговата желба се идентификувала со Божјата волја. Моралната машкост му ја оклопила душата и го направила неуморен подвижник на добродетелта, војник и поборник на правдата и вистината. Тој трпи жалост, храбро поднесува неволји, владее врз поривот за наслади и страсна желба, исто како и со тагата и со гневот и воопшто, одолева на сé што му ја заведува душата со сила или измама. Трпението го учи да поднесува тага заради доброто, да боледува заради доброто, и храбро да ги поднесува неволјите и покорот. Висината на духот го научила да промислува и да прави големи и смели работи. Дарежливоста го воспитала од сопствениот имот богато да ги дарува оние на кои им е потребно. Великодушноста му наложила да биде полн со почит и долготрпение. Љубовта го поттикнала да го заборави злото, незлопамтивоста и победување на злото со вршење добри дела. Моралното достоинство го навело на презир кон сé што е телесно, како да е во ништо достојно во споредба со невидливото. Морално достоинствениот не го збунува ниедна страст, ниту, пак, грешките на лошите кон него не му ја вртат душата кон гнев, ниту може неговата душа да поднесе било каква друга нискост. До таа мерка е недостапен за гнасните страсти, така што тие не можат ни да се охрабрат да го погледнат. Моралната сила го покажува како победник во сé и како повисок од сите напади кои се движат кон него. Храброста му дава морална сила без страв да зборува за доброто, за исправното, за праведното и за неволјите. Целомудреноста му го краси карактерот и се јавува како сила и светлина на бестрасната душа, како воздржливост, како владеење со духот и како душевна слобода, додека, пак, непорочноста му дава чистота на умот и срцето. Таа Бога посветените ги украсува со венци на девственоста и им ги јавува на ангелите на земјата.

Таков е карактерот на благородниот човек.