За расата и брадите

Свештенството на црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп, почеток на 20от век

 

Многу е пишувано за расата и брадите на клириците. Повеќето од оние кои не ги поднесуваат, се некои што сакаат да изгледаат како слободни и новотарски духови. Сите овие се секогаш „практични“ луѓе, кои ги судат верските работи со својот практичен и прозаичен ум, додека, пак, христијанската вера нема никаква врска со практичните умови, затоа што таа е најдлабока поезија, бездна на поезијата. Злопатењето во Црквата ја има својата причина, според моето мислење, во тоа што недостигаат поетски души со вистинско значење на поезијата, а се исполнивме со „практични луѓе, односно со сувопарност и Господ напомош…“.

Нека почне некој да размислува и нека се запраша каква врска имаат овие „школувани и практични“ луѓе, наречени разумни и паметни, со Христа, Кој ги кажа следниве зборови: ‘Ако не се вратите и не станете како деца, нема да влезете во Царството Небесно. – Не грижете се што ќе јадете и што ќе пиете и во што ќе се облечете. – Јас ви велам, не спротивставувајте се на злото, но ако некој те удри по десниот образ, заврти го и левиот. – Блажени се оние што се судени заради Мене. – Љубете ги вашите непријатели. – Не собирајте сокровишта на земјата. – Влезете низ тесната врата, зашто е тесен и жалосен патот што води кон животот, но малцина го наоѓаат. – Оставете ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци. – Не дојдов да донесам мир, туку меч. – Царството Божјо се зема насила и силните го грабаат“.

Каква врска може да имаат овие работи, а и многу други кои ги кажал Христос, со практичниот ум? Практичниот ум гледа која е користа и добивката за материјалниот живот и неговата безбедност; тој не може да се вивне слободен онаму каде што го кани Христос. Зарем може една вера, која произведува потполно спротивни работи на практичниот ум, да биде за практични луѓе? Како да се помири практичниот човек со тоа дека не ќе му користи ништо, дури и да го придобие сиот свет? Како може таков човек да жртвува сè што е допирливо, како би ги гонел сенките на идниот живот? „Силните го грабаат Царството Божјо“, вели Христос. Може практичниот човек, кој сè премерува и никогаш не ризикува, да биде силник? Практични беа и Фарисеите и Римјаните, а и самиот Јуда, кој се грижеше многу за касата. Практичниот човек не може да не е сомничав, лукав… Христос им рече на Јудејците: „Како можете да зборувате за добро, кога сте лоши?“ Самарјанката не разбираше што ѝ говори Христос, зашто нејзиниот мозок беше практичен и кога Он ѝ говореше за „жива вода што напојува за вечен живот“, таа му зборуваше за природна вода, „за да не ожеднува и да доаѓа постојано на кладенецот“.

Практични беа и Евреите од Стариот Завет, залепени за овоземната корист и затоа сè што им вети Бог, „заветувањата“, ги разбираа како материјални, според нивното материјално размислување.

Значи, практичните луѓе, кои се и „малословни“, прашањата на верата ги гледаат и ги судат според користољубивиот начин на кој работи нивниот мозок. Тие ги сакаат новотариите во богослужбите и во сите црковни работи. Тие сакаат кратење на богослужбите, покажуваат голема грижа за одморителните столици во храмот, за надворешниот ред и чистота, за осовременување на богослужбите со европска музика, со реалистична иконографија, со промена на сè она што го носи преданието, со укинувањето на обредните уредби и, на крај, со промената на надворешниот изглед на клириците: според нивното мислење, расото (мантијата) треба да се укине, а попот да носи панталони и сако како сите мажи, свештениците треба да си ги скратат косите и брадите, да си го избричат мустакот „за да бидат чисти“. Гледате како практичните луѓе внимаваат многу, како што кажав и претходно, „за надворешноста на чашата“. Значи, според нивните мудри и продлабочени укажувања, нема да бидат запуштени и валкани како свети Јован, како свети Антониј, како свети Златоуст, како свети Козма Етолски, но редовно ќе си се бањаат, ќе се бричат и ќе залеваат на мириси, како сите денешни цивилизирани луѓе, па дури и гангстерите, големите преваранти, луѓето од журките, хиподромите, плажите итн.

Многу пати сум пишувал за облеката на посветените и за нивниот надворешен изглед, поттикнат од некои „практични“ новотарци, кои се грижат за нивната „анахрона и варварска облека и за грдотијата (колкава чувствителност и возвишен вкус!) на нивните коси и бради“. Нема да пишувам повторно за тоа што сум пишувал другпат, заштитувајќи го надворешниот изглед на нашите клирици од аспект на преданието.

Сега би можел да го кажам само следново, соодветно на преданието во поглед на облекувањето на клирот. Нека си замисли кој сака, дали може да остане што било преданиско православно од оној ден кога в село попот ќе се појави со сако и панталони, со кравата и шешир, избричен и дотеран, како што некои доаѓаат од странство, па се згрозува човек кога гледа избричени гушки, образи како лупени јајца, кикиришки, со изглед на банкар или кинооператор, со движења и глас како од по плоштадите…

Денес ќе кажам неколку збора само за расото и за брадата, „од естетски аспект“ како што велат естетичарите, зашто новотарците кои викаат дека треба да се укинат, велат дека се вџашуваат од грдотијата на расото и на брадата и дека тоа што го велат, го велат во името на „добриот вкус“.

Протојереј Чешмеџиев од Охрид

 Најпрвин, каков е добриот вкус во верските и црковните работи? Во нив не постои „добар вкус“ според вкусовите на светот, но добро и убаво е она што е благопријатно и честито, тоа што е прикладно на духовното достоинство на свештеникот. Како што е и изгледот на толку многу предмети во црквата – згради, икони, псалми, садови, книги, одежди – кои се такви за да го издигнуваат умот и срцето на верникот во духовниот свет како свештени симболи и потсетувања за словото Божјо кои „воведуваат“ од овој материјален и распадлив свет во духовниот и нераспадлив свет на Царството небесно – така и облеката и изгледот на клириците треба да го покажува нивното духовно достоинство. Уште во древните времиња пред Христа свештениците, вражачите и пророчиците имале особени облеки, а мажите имале и коси и бради, за да се засили нивниот изглед и духовно влијание. Древните Грци кои ја издигнале формата до степен на обожување, давале големо значење на оние работи кои широкоумните и слободоумните практични христијани ги сметаат за „незначајни и небитни“, според нивниот школуван ум. Барем нека си помислат дека еден лав, кој во неговата природна состојба е украсен од Бога со прекрасна грива, ако го острижат ќе биде како куче шугаво. Ни една толку практична работа не им доаѓа на памет на овие „практични“ господа? Ама, во овие глави не влегуваат ни други илјадници работи кои можат да бидат кажани на оваа тема.

Но, како што реков и погоре, да ја видиме работата и од аспект на „добриот вкус“, зашто во последно време практичните новотарци ја свртеа песната за расото и брадите накај естетиката, можеби поради тоа што нашата најбезвкусна епоха дава големо значење на „естетиката“ и на „добриот вкус“.

Би сакал да напишам една цела книга со наслов „Невкусот говори за естетиката“. Да ја напишам и на висок јазичен стил, за да биде согласен со оние кои ми дале повод да пишувам.

Значи, кои се оние кои го разобличуваат расото и брадестите свештеници во име на естетиката? Одговор: по правило се најбезвкусните, луѓето со „лош вкус“ кои немаат никаква врска со уметноста, ниту со вообичаениот добар вкус. Влезете во нивните домови и канцеларии и ќе ве опфати ужас. Архитектура, мебел, икони, книги, вазни, лустери – сè те турка да излезеш надвор. Тоа што ќе ти остави најголем впечаток е некое умилително кадро, со уште поумилителна рамка, закачена над бирото или креветот, кое ќе претставува некој „сладок Исус“ полн со захарин, со онаква присилна насмевка каква што бараат фотографите од муштериите пред апаратот, со сјај на лицето, со коса навиткана во фризерница, со кинематографски движења итн.

Понекогаш се случува да сретнам некој поп, особено ако е и личен човек, застанувам и му се восхитувам на величието, на тоа што неговиот изглед истовремено има и влијателност и скромност, но и за довербата која ја влева неговата облека. Свештен лик! Но и каква чудесност има целиот негов став. Јас сум зограф, па моето око е изострено за сè што е убаво, и не само што не наоѓам ниту една дамка на него, туку и му се восхитувам. И ми текнува дека постојат некои, дури и теолози, кои си ги скиселуваат фаците и го карактеризираат како „неестетски“! Го карактеризираат како неестетски и Хомер, Тиресиј, Ментор, Ахил со црната виткана брада, Темистокле, свети Василиј, свети Лукијан – кого закоравениот Диоклецијан го виде и се изгуби, свети Николај, Константин Палеолог, Атанасиј Ѓакон, Папафлесас, Исаија Салонски, на крај грд им е и духовниот лав, свештеникот, со својата природна грива, а убав им е оној оскубанион, кој е како овен што го острижале и станал непрепознатлив, со своите криви нозе, со мисиркиниот врат и со комичното брадулче! Аман, немој полошо! Кај може да стаса човек од самоувереност и желба да се покаже европеизиран! Ние што по малку се разбираме од уметност, ги имаме овие чувства, а недоделканите и безвкусни „се згрозуваат од неубавиот и варварски изглед на клириците!“ Кои? Оние чии очи сакаат да гледаат здробени и безлични форми.

Но попот и да не е многу добро строен, со својата облека ќе изгледа украсен, повеќе отколку да би носел сакоа и панталони. Со брадата и косата се кријат недостатоците на главата, гушата, широките усни, дебелите образи. Потоа и камилавката, која е една чудесна капа, а станува уште почудесна ако има и пана. Кусурите, недостатоците што може да ги има телото на клирикот се кријат со мантијата – стомакот, кривите нозе, долгите раце итн. Целата облека е благолепие и духовно господство, наспроти тесните и струкирани кројки на католиците. Нашите попови се како духовни господа. Слава на Бога што гледаме вакви библиски ликови во веков на монотонија, на неискажлива истообразност и недуховна прозаичност! Дури и оние кои не ги сакаат косите и расата, со восхит на стара мома зборуваат за некакви „библиски ликови“. Како што вели и поговорката: Сакаш јаболко, сакаш дуња земи си.

Колку може со брадата да се украси и да му се даде благолепие и духовно достоинство на еден свештен лик покажува, помеѓу другото, и статуата на Мојсеј од Микеланџело (ова го кажувам за оние кои се восхитуваат на западњаците). Додека според древното предание Мојсеј се претставува ќос со малку ретки влакна на подбрадокот, Микеланџело, значи еден уметник кој околу себе гледал бричени клирици, го направил со долга и испреплетена брада и со бујна, виткана коса, за да му даде карактер на натчовек и свештено лице, како во случајот со Саваот, со Патријарсите и со други почитувани личности од Светото Писмо.

о. Алекса Попов од Прилеп (1809-1912)

Еден мој познаник клирик, кој пред неколку години патуваше во Сирија и Либан, ми кажуваше дека од еден Сириец архимандрит слушнал дека јорданскиот крал Абдула му велел на блажениот Патријарх Александриски: „Вие Православните во вашиот изглед имате нешто што нè поттикнува нас муслиманите да чувствуваме почит. Додека оние франкопопови (католиците) ни изгледаат како тајни агенти за сомнителни работи“. Но и некои наши свештеници кои отишле во странски христијански земји, низ Европа и Америка, со раса и бради како што прават Русите, биле почитувани од тамошните, додека на стрижените и светски облечени наши свештеници воопшто не им оддавале почит што прилега на свештени лица. Многу странци ми го имаат потенцирано ова и затоа во нивниот спомен им се врежува нашата Црква која во тамошните парохии испраќа такви свештеници. Бездруго, костумот и краватата има и големо влијание врз однесувањето на нашите клирици кои ги носат. Еден паметен и образован човек кој ги знае црковните работи, ми кажуваше дека оттогаш кога нашите свештеници престанаа да ги носат расата, се зголемило непримерното однесување на клирот во таа земја каде што живее.

Еден благочестив свештеник, мој познаник, ми кажуваше како навечер кога ќе ја соблече мантијата за да спие, не се препознава себе си и му се чини дека божествената благодат која ја чувствува додека ја носи, си оди од него.

Како што и офицерот или полицаецот, кои служат на земната власт, ја носат униформата за да бидат препознаени, така и свештеникот, особено поради тоа што служи на небесната власт, треба да ја носи својата униформа и да не се срами од неа, како што прават оние кои не го сакаат расото. Нека ја соблечат својата облека поповите и нека облечат граѓанска, да видат каков потсмев ќе претрпат од неверните. Мантијата е штит.

За вакво нешто, тешко нас ако се појави попот в село со панталони и кравата, а на лето со кратки ракави! О, несреќа! О, растурање на сè! Што би можело веќе да се одржи? Сè ќе се распадне. Попот во селото е симбол. Верски и народен симбол, па макар бил и неписмен и најнедоделкан. Мантијата го потсетува народот на неговата историја, на неговите жртви, на неговите болки, на неговите радости и затоа мантијата го стоплува, му дава разум, вера, надеж, доверба и љубов кон своето племе. Тие што сакаат да го укинат расото и да го модернизираат древниот изглед на попот, размислиле добро што бараат? Нека ги прашаат луѓето од дијаспората каква радост и умиление чувствуваат кога во земјите каде што живеат ќе сретнат некој свештеник со брада и мантија. Некаде видов да пишува еден набожен ѓакон, дека во писмо кое го добил од негов познаник, млад свештеник кој служи во Тасманија Австралиска пишувало: „многу ми е пријатно што успеав да ги сочувам мантијата и брадата и така уживам голема почит и уважување од домородците на Тасманија“.

Но, за кратко, повторно да се вратиме на оние кои не можат да го сварат расото и брадата на свештениците од големиот „естетичен“ вкус што го имаат изградено.

Еден од нив, кој сега е во блажено успение, а додека живееше беше познат професор по теологија, ме покани во својот дом за да ми ги покаже своите „уметнички дела“… Гледав што е можно побргу да избегам оттаму и кога излегов, се прекрстив издишувајќи длабоко и Му заблагодарив на Господа што не ме удостои да станам мудар професор. Значи, тој сиромав човек, тоа душевно суво дрво што се правеше мудар, не го поднесуваше ниту расото, ниту византиската иконографија, ниту „варварската византиска музика, а ги трошеше сите свои сили до смрт борејќи се за осовременување на нашите црковни уметности“! Бог да му прости.


Од книгата Ἀσάλευτο Θεμέλιο, Ἀκρίτας 1996