„Добро е да се чува царската тајна, а пофално е Божјите дела да се разгласуваат.” „Добро е да се чува царската тајна, но пофално е Божјите дела да се разгласуваат“ – така му рече ангелот Рафаил на Товија, откако на чудесен начин слепите очи му прогледале (Товит.11.10-12).
Зашто опасно е и убиствено да не се чува царевата тајна, а премолчувањето на славните Божји дела е голема штета за душата. „Затоа јас се плашам – вели писателот на житието на преподобна Марија Египетска, Св. Софрониј, патријарх Ерусалимски, – и од самата помисла да го закопам во молчење тоа што е божествено. А тоа ќе го направам, ако не му го објавам на светот ова житие, кое дојде до моиве раце. Ако не го објавам, на мене ќе се исполни заканата упатена кон мрзливиот слуга од Евангелието, кој од Господа добил талант да работи со него, а тој талантот го закопал в земја. Но никој да не се посомнева во ова што го пишувам и нека никој не помислува, дека сум се осмелил да пишувам невистини. Не дај Боже, да зборувам лаги за светителите. Но, ако има и такви читатели, на кои ќе им биде тешко да поверуваат во чудното дело на оваа повест, нека Господ и кон нив биде милостив, бидејќи тие, имајќи ја во предвид слабоста на човечката природа, ги сметаат за невозможни чудата, кои се зборуваат за луѓето. Но, време е веќе да го започнам раскажувањето за овој чудесен настан, кој се случил во нашиот род.”
Во еден палестински манастир, се подвизуваше еден старец, украсен со праведност и благоразумност, кој уште од младоста беше добро упатен во монашките подвизи. Се викаше Зосим. Тој ги помина сите подвизи на подвижничкиот живот и го исполни секое правило, предадено во наследство од совршените монаси. А сето тоа правејќи го, тој никогаш не заборави да се поучува од Божјите зборови: било да лежеше, или стоеше, или со рацете ракоделие вршеше, или јадеше, тој никогаш не престануваше да Го слави Бога и да се поучува од Божјите зборови. Уште од рано детство во манастир, тој до својата педесет и трета година добро се подвизуваше во подвижнички трудови. Но тогаш го нападнаа некакви помисли, дека божем е веќе во сè совршен, па не му требаат никакви поуки од другите. И во мислите си разговараше со себе: Постои ли на земјата монах, кој би можел да ми користи и да ми укаже на некој подвиг, што јас не сум го извршил? Додека тој така си размислуваше, му се јави ангел и му рече: „О, Зосиме! Добро се подвизуваше, колку што ти беше допуштено како човек; добро го мина подвижничкиот пат, но меѓу луѓето нема ниту еден, кој би можел да покаже дека е совршен. Има и поголем подвиг од оној што ти си го поминал, но не знаеш за него. Затоа, за да дознаеш уште колку други патишта има, што водат кон спасение, излези од својата земја, како што тоа го направи славниот патријарх Авраам, и оди во манастирот што се наоѓа крај реката Јордан.“
Старецот веднаш постапи според советот на ангелот; излезе од манастирот во кој уште од детството монахуваше, дојде на Јордан и го пронајде, покажаниот му од Бога, манастир.
Чукна на манастирската порта, монахот-вратар му отвори и тој му се претстави на монахот. Монахот го извести игуменот. Игуменот го прими Зосима и гледајќи пред себе монах, кој го направи вообичаениот монашки поклон и молитва, тој го праша:
- Од каде си брате и зошто си дошол кај нас, бедните старци?
Зосим му одговори:
- Од каде доаѓам не е потребно да кажам; а дојдов по духовна корист оче, бидејќи слушнав за вас големи и пофални нешта, кои можат душата да ја спријателат со Бога.
Игуменот на тоа му одговори:
- Брате, Бог Кој единствен ги исцелува слабостите на душите, нека и тебе и нас не научи на Својата божествена волја и нека не упати да правиме се што е корисно. Зашто човек на човека не може да му биде од корист, ако секој не пази на себе и ако со буден дух не го прави она што е полезно, имајќи Го Бога за свој соработник. Но, бидејќи љубовта Христова те поттикнала да не видиш нас, бедните старци, тогаш остани кај нас, ако заради тоа си дошол. И Добриот Пастир Кој душата своја ја даде за наше искупување, Ќе не нахрани сите нас со благодатта на Светиот Дух.
Кога игуменот му го рече тоа на Зосим, овој му се поклони, измоли од него молитва и благослов и како одговори: ‘Амин!’, остана во тој манастир. И виде таму старци, кои бидејќи со духот беа издигнати кон небото, во служба на Бога, блескаа со добри дела и постојано богомислие. Тие беа предадени на непрестајна молитва, сеноќно бдеење, постојан труд на рацете и псалми на усните. Кај нив немаше празни зборови, а за стекнување на земни приходи и за житејски грижи, кај нив не се ни спомнуваше. Нивна единствена и постојана грижа беше: како да го смират своето тело. Храната им беше леб и вода и секој ги употребуваше, според мерката на љубовта Божја во себе. Кога го виде тоа, Зосим извлече голема духовна полза за себе, предавајќи се и самиот на подвиг. Така измина доста време и наближи Големиот Пост. Манастирската порта беше секогаш затворена; се отвораше само кога некој од браќата, заради манастирски работи, ќе излезеше надвор од манастирот. Местото беше пусто; не само што не беше посетувано од луѓе, туку беше и непознато за мирјаните. Во манастирот си имаше еден обичај, заради кој Бог и го доведе таму Зосима. Имено, во првата недела од Великиот Пост, презвитерот ќе отслужеше Света Божествена Литургија, на која сите се причестуваа со Пречистото Тело и Крв на Христа, нашиот Бог; потоа малку ќе каснеа; и тогаш повторно се собираа во црквата, твореа усрдна молитва и многу поклони, се целиваа еден со друг и секој пред игуменот ќе направеше голем поклон, просејќи од него благослов и молитва за престојниот подвиг; после тоа, манастирската порта се отвораше и сите заминуваа во пустината, пеејќи го заедно целиот 26-ти псалм: „Господ е моја светлина и мое спасение: од кого да се бојам? Господ е крепост на мојот живот, од кого да се плашам?”
Во манастирот остануваа само еден или двајца браќа, не за да го чуваат внатрешниот имот, зашто разбојниците немаа што да украдат, туку за да не остане црквата без богослужби. И ја поминуваа реката Јордан. Секој со себе носеше храна колку што можеше и сакаше, според својата телесна потреба: еден носеше малку леб, друг смокви, трет урми, четвртиот раскисната леќа, а петтиот ништо, само телото свое и на него облеклото. Овие кои не носеа ништо за храна, кога ќе ги принудеше потребата на телото, се хранеа со зелје што растеше во пустината. Кога ќе го поминеа Јордан, тие се разделуваа и заминуваа далеку еден од друг, и не знаеја кој како пости или како се подвизува. Кога еден од нив случајно ќе здогледаше некој друг брат, тој веднаш се упатуваше на спротивната страна. И сите го поминуваа времето во постојана молитва и земаа многу малку храна, и тоа само во одредено време. Откако така ќе го поминеа целиот Чесен Пост, тие на Цветници се враќаа во манастирот. Секој се враќаше, имајќи ја својата совест како сведок на својот труд; и никој не го прашуваше другиот, како и на кој начин се подвизувал.
Таков, значи, беше уставот на тој манастир. Така, тогаш и Зосим, според манастирскиот обичај, ја помина реката Јордан, носејќи сосем малку храна. Своето молитвено правило го вршеше, патувајќи низ пустината; го исполнуваше строго, и за време на јадење и за време на некоја друга потреба. Многу малку спиеше, обично ноќе седнуваше на земјата, малку ќе одмореше и потоа стануваше и го продолжуваше својот пат. Желба му беше да стигне до средината на пустината, надевајќи се дека ќе најде некој од отците, кои таму се подвизуваа и од нив ќе добие духовни поуки. Откако измина 25 дена пат, тој малку се запре, и вртејќи се кон исток, почна да го чита шестиот час. Бидејќи тој, за време на своето патување, вршејќи го своето молитвено правило, често застануваше па пееше и правеше метании – поклони. И додека така, сега, стоеше пеејќи, тој од десната страна здогледа нешто како сенка на човечко тело. Отпрвин се исплаши, мислејќи дека е демонско привидение и се стресе. Но, како се прекрсти, тој го изгони стравот од себе. Најпосле, кога ја завршуваше својата молитва и погледна на југ, тој виде како се движи некоја прилика, со црно и од сонцето изгорено тело, со коса бела како снег, која беше кратка и достигнуваше до вратот. Штом го здогледа тоа, Зосим потрча на таа страна, многу радосен, зашто во текот на тие денови немаше видено ни човечко суштество, ниту било какво животно. А кога таа прилика оддалеку го здогледа Зосима како доаѓа, самата почна да трча и да бега кон внатрешноста на пустината. Зосим тогаш како да заборави на својата старост и измореност од патот, трчаше брзо, сакајќи да ја стигне оваа прилика. И Зосим се покажа побрз од бегалецот. И кога веќе толку се приближи, што да може да се слушне глас, Зосим започна со солзи да вика:
- Зошто бегаш од мене грешниот старец, ти слуго на вистинскиот Бог, заради Кого во ова пустина живееш? Причекај ме мене недостојниот и немоќниот! Причекај ме заради надежта за награда за подвизите твои! Застани, и мене старецот, дај ми ја молитвата твоја и благословот заради Бога, Кој од никого не се згнасил.
Додека Зосим го зборуваше ова со солзи, и веќе беше близу до бегалецот, одеднаш се појави еден сув поток, и бегалецот претрча на неговата спротивна страна. А Зосим, уморен, повеќе не можеше да трча и застана на оваа страна од потокот, плачејќи и ридајќи уште посилно. Тогаш, бегалецот од онаа страна проговори:
- Авва Зосиме, прости ми заради Господа, не можам да излезам пред тебе, бидејќи сум жена, а гола сум. Туку, ако сакаш, мене, грешната жена, да ми го дадеш својот благослов и молитва, фрли ми нешто од твојата облека, за да ја покријам својата голотија и така да излезам пред тебе.
Тогаш, Зосима го опфати трепет и ужас, зашто слушна како по име го повикува жена, која никогаш не го видела, ниту некогаш слушнала за него и си рече во себе:
- Да не е оваа жена прозорлива, не би ми го знаела името.
И веднаш ја соблече од себе својата горна облека и ѝ ја фрли. Таа се покри со облеката, излезе пред него и му рече:
- Зошто, аввa Зосиме, си посакал да видиш една грешна жена? Што тоа сакаш да слушнеш од мене, или на што да се поучиш, та толкав труд си зел врз себе?
А тој се фрли на земја, барајќи од неа благослов. Но и таа, исто така, се фрли на земја и така, обајцата легнати ничкум, еден од друг просеа благослов. И од двајцата можеше да се слушне само едно: “Благослови! Благослови!” Бидејќи помина доста време, жената му рече на Зосима:
- Авва Зосиме, ти треба да благословиш и молитва да кажеш, бидејќи ти си презвитер и многу години служиш пред Светиот Олтар, принесувајќи Му на Господа дарови на Божествените Тајни.
Овие зборови уште повеќе го уплашија и запрепастија Зосима и тој гушејќи се во солзи и липајќи, испрекинато зборуваше:
- О мајко духовна! Ти кон Бога си се приближила и телото свое потполно си го умртвила. Тоа најдобро се гледа од дарот Божји што го имаш, бидејќи по име ме викаш и знаеш дека сум презвитер, иако никогаш не си ме видела. Затоа, заради Господа, благослови ме ти мене и со твојата совршена молитва, помоли се за мене бедниот!
Таа тогаш попушти на старчевото усрдно преколнување и рече:
- Благословен да е Бог, Кој го посакува спасението на душите човечки!
А Зосим на тоа одговори:
- Амин!
И обајцата се кренаа од земјата. Таа тогаш го запраша старецот:
- Заради што, човеку Божји, си дошол кај мене грешната? Зошто си посакал да видиш жена, која нема никакви добродетели? Ама, тебе сигурно те упатила благодатта на Светиот Дух, да му послужиш на телото мое, кога ќе се исполни времето. Но, кажи ми оче, како денес живеат во светот христијаните, како царевите, како светите Цркви?
Зосим и одговори:
- По светите молитви ваши, Бог ни подари стабилен мир. Но чуј ја молбата на недостојниот старец, и Господа ради, помоли се за целиот свет и за мене грешниот, та ова мое патување по пустината да не остане без плод.
Таа на ова му одговори:
- Авва Зосиме, ти имаш свештенички чин и тебе повеќе ти доликува да се молиш за мене и за сите, зашто за тоа и си ракоположен. Но, бидејќи сме должни да правиме послушание, ќе постапам по твојата наредба.
Откако го кажа ова, таа се сврте кон исток, и подигајќи ги очите и рацете кон небото, почна да се моли толку тивко, што нејзините зборови не се слушаа. Зосим стоеше во трепет, гледајќи во земјата, и ништо не зборувајќи – како што подоцна и самиот кажуваше. И Бога за сведок Го призиваше, тврдејќи го ова: “Таа долго се молеше, и кога малку ги подигнав очите од земјата и погледнав во неа, ја здогледав каде, подигната еден аршин над земјата, стои во воздухот и се моли.”
Како го виде ова, Зосима го обзеде неискажлив страв, па тој се фрли на земјата и, капејќи се во солзи, ништо не велеше освен: “Господи помилуј!” и дури, така прострен, лежеше на земјата, старецот го нападна помисла, да не е ова некое привидение и дух кој се преправа дека се моли. А Преподобната, свртувајќи се кон старецот, го крена и му рече:
- Авво Зосиме, зошто те смутуваат помисли и ти зборуваат дека јас сум привидение и дух кој се преправа дека се моли? Те молам, оче блажени, биди сигурен во ова: – јас сум жена грешница, но со светото крштение заштитена; и не сум привидение, ниту дух, туку сум земја, прав и пепел, и навистина тело, кое никогаш ништо духовно не помислило.
И како го рече ова, таа со крсен знак го осени своето чело, очите, устата и градите свои, говорејќи вака:
- Авва Зосиме, Бог нека не избави од лукавиот и од стапиците негови, бидејќи е тешка војната негова против нас.
Слушајќи и гледајќи го ова, старецот падна пред нозете нејзини, и зборуваше во солзи:
- Те заколнувам со името на нашиот Господ Исус Христос, вистинскиот Бог, Кој Е роден од Дева, заради Кого одиш гола и заради Кого, телото свое така си го умртвила, немој да го сокриеш од мене житието свое, туку раскажи ми се, за да се објават големите дела Божји. Бога ради кажи ми, не за да се пофалиш, туку за мене грешниот и недостојниот да ме известиш за себе. А Му верувам на мојот Бог, за Кого живееш, дека токму затоа и ме упатил во оваа пустина, за да ги објави делата твои. Ние, пак, не можеме да им се противиме на одлуките Божји. Зашто да не Му беше угодно на нашиот Господ, Исус Христос, да се дознае за тебе и за твоите подвизи, Он немаше да те покаже на мене, ниту ќе ме укрепеше на толкав пат, мене, кој никогаш не сум сакал, ниту сум можел да излезам од својата ќелија.
Откако Зосим го изговори тоа и уште многу други работи, таа го подигна и му рече:
- Се срамам, оче, да ти ги раскажам делата свои. Но, бидејќи го виде откриено телото мое, јас ќе ти ги откријам и делата свои, за да дознаеш со каков срам и гнасотија е исполнета душата моја. Ќе ти раскажам за себе, не заради пофалба, како што рече ти самиот. Оти со што имам да се пофалам јас, која сум била избран сад на ѓаволот? Но, ако почнам да раскажувам за себе, ти ќе побегнеш од мене, како што човек бега од змија, бидејќи со ушите не ќе можеш да ги поднесеш гнасотиите што јас, недостојната, сум ги направила. Но, сепак ќе кажам се и ништо нема да премолчам. Само, најпрво те молам, да не престанеш да се молиш за мене, да најдам милост во Судниот Ден.
А, старецот, жеден да го дознае житието нејзино, непрестајно плачеше, зашто не можеше да ги запре солзите. И таа започна да раскажува за себе вака:
”Јас сум, оче свети, родена во Египет. Кога имав 12 години и моите родители беа уште живи, јас се одреков од нивната љубов и отидов во Александрија. И бидејќи ја изгубив невиноста, се оддадов на неиздржлив и ненаситен блуд. Срам ми е дури и да мислам на тоа, а не пак да зборувам. Сепак ќе ти го раскажам она што е најважно, за да можеш да ја дознаеш невоздржливоста на телото мое; полни седумнаесет години поминав јас во разврат, не заради некоја заработка или подароци, зашто не сакав да ги примам, дури ни од оние кои настојуваа. А, тоа го смислив, само за привлечам кон себе што поголем број на посетители и така да ја задоволам својата телесна похот. Но, немој да мислиш дека од што бев богата, не наплаќав. Не, јас живеев во беда, и многу пати, гладна, предев волна. Неизгаслив блуден пожар гореше во мене и јас постојано се валкав во калта на блудот. Живеејќи на тој начин, еднаш, во времето на жетвата, видов големо мнозинство на мажи од Либија и Египет, како одат кон морското пристаниште. Јас тогаш прашав некого: – Каде овие луѓе така брзаат? И добив одговор: – Во Ерусалим, за на празникот Крстовден, кој ќе биде по неколку дена, да се поклонат на Чесниот и Животворен Крст. Јас потоа го прашав: – Дали би сакале и мене да ме поведете со себе?
Тој ми одговори: – Ако имаш средства и храна, никој нема да ти забрани. Јас на тоа му реков: -Јас, брате, немам ни средства, ниту храна, но сепак ќе појдам и ќе влезам со нив на истата лаѓа, па тие ќе ме хранат, зашто телото свое ќе им го дадам во наем.
А сакав да патувам со нив, за да имам што поголем број љубители, подготвени за мојата страсна похот. Ти реков, оче Зосиме, не терај ме да ти го раскажувам срамот свој, зашто ме опфаќа ужас – Господ знае – дека со зборовите свои го гнасам и самиот воздух.”
А Зосим, топејќи ја земјата со солзи, и одговори:
- Кажувај, Господа ради, кажувај, о мајко моја, и не ја прекинувај, така полезната за мене, приказна!
И таа продолжи да раскажува:
„Младичот, кога ја слушна бесрамноста на моите гнасни зборови, се насмеа и си отиде. А јас ја фрлив фурката, што ја имав тогаш при себе, и побрзав кон морското пристаниште. Таму здогледав една група од десетина млади луѓе, кои ми се видоа погодни за мојата страст, а многу беа и веќе искачени на лаѓата. И јас, по својот обичај, бесрамно се втурнав меѓу нив и им реков: – Поведете ме и мене таму кадешто одите! Нема да ви бидам непријатна! И додадов уште некои грди зборови, на што сите тие почнаа да се смеат. И гледајќи ја мојата бесрамност, тие ме зедоа со себе во својата лаѓа. И лаѓата тргна на пат. А како да ти раскажам, човеку Божји, што се не се случуваше за време на пловидбата! Кој јазик би можел да го искаже, и кое уво да го поднесе злото на моите дела, што ги направив во лаѓата за сето тоа време? Јас, тогаш, проклетницата, ги наведував на грев и оние што не сакаа. И им бев учителка на секакви искажливи и неискажливи нечистотии, на кои им нема ни пример. Верувај ми оче, се чудам, како морето го поднесе тоа мое блудничење. И како земјата не ја отвори устата своја и не ме фрли во пеколот, мене, која толку многу души вовлеков во мрежата на смртта? Но, сигурно Бог го барал моето покајание, не сакајќи ја смртта на грешникот, туку трпеливо чекајќи го неговото обраќање.
Така допатував во Ерусалим и деновите пред празникот ги поминав во уште поголеми гнасотии. Бидејќи не ми беа доволни оние момчиња, со кои допатував, туку и многу други граѓани и туѓинци наведов на грев. А, кога дојде празникот Крстовден, јас и тогаш ги ловев младите души. На самиот ден Крстовден, рано наутро, видов како сите брзаат во храмот. Појдов и јас и со другите влегов во тремот на храмот. Кога започна моментот на воздвижение на Чесниот Крст Господов, се потрудив и јас со народот да влезам во храмот, но имаше многу свет и туркање, и јас, бедната, со голема мака, одвај се доближив кон вратата на храмот. Но, кога стапнав на прагот, некаква невидлива сила ме задржа и не ми даваше да влезам, додека сите други непречено влегоа внатре. И така, останав сама во тремот. Но сметајќи дека тоа ми се случи поради женска немоќ, јас повторно се обидов и им се придружив на едни други, што пристигнуваа. Се принудував себеси да влезам, но попусто, бидејќи штом својата грешна нога ќе ја ставев на прагот, некоја неочекувана, невидлива сила веднаш ме спречуваше и јас се враќав назад во тремот. И така се обидував три – четири пати, но се беше попусто; не можев да влезам. Преморена од срам и изненадена, се повлеков настрана и застанав во еден агол од тремот на храмот. И кога едвај, малку се прибрав, јас се запрашав себеси: – Што е тоа што не ми дозволува да го видам Животворното дрво на Крстот Господов? Тогаш до очите на срцето мое се допре светлината на спасоносното сознание: светлата заповед Господова, која ги просветува духовните очи, ми покажа дека тежината на делата мои не ми дозволува да влезам во храмот. И јас почнав да плачам и да ридам, и во градите да се удирам, воздивнувајќи од длабината на срцето. Плачејќи така, ги подигнав очите и горе на ѕидот од тремот, здогледав икона на Пресвета Богородица и почнав да и се молам со сиот свој дух, говорејќи: – О, Дево Владичице, Која Бога Словото во тело си Го родила! Знам, добро знам дека јас, вака нечиста и гадна блудница, не сум достојна ни да погледнам на Твојата чесна икона, икона на пречистата Приснодева Марија, Која имаш и тело и душа чисти и неосквернети. И со право, Твојата девствена чистота ме мрази и презира, мене блудницата. Но, бидејќи сум слушала дека Бог, Кого си Го родила, токму затоа постанал човек, за да ги повика грешниците на покајание; помогни ми мене, осамената, која од никого немам помош. Направи и мене да ми биде допуштен влез во храмот и не ме лишувај од тоа да го видам Чесното Дрво, на кое, со тело беше распнат Бог, од Тебе родениот, Кој крвта Своја ја даде за мое искупување. Нареди, о, Владетелке, и мене да ми се отвори вратата, за да можам да му се поклонам на Божјиот Крст! Ти, самата, биди ми најверодостоен сведок пред Синот Твој, дека никогаш повеќе телото свое не ќе го осквернам со блуд, туку штом ќе го видам светото Крсно Дрво на Твојот Син, јас ќе се откажам од светот и од се на светот, и веднаш ќе појдам таму, каде што Ти, како посредничка на моето спасение, Самата ќе ме упатиш!
Штом го кажав ова и добив, нешто како известување, јас поттикната од огнена вера и утврдена со надеж во милосрдието на Богородица, тргнав од местото на кое стоев и се молев, и пак им се придружив на оние кои влегуваа во храмот. И сега веќе никој не ме задржуваше, ниту спречуваше да се приближам до вратата, која водеше во храмот. Но, ме имаше опфатено голем страв и ужас, па целата се тресев и треперев. И кога дојдов до вратата, која до тогаш ми беше затворена, јас без никаква мака влегов во храмот, се удостоив да го видам Чесното и Животворно Дрво на Крстот, и ги видов Тајните Божји и тоа дека Господ е секогаш подготвен да ги прими оние кои искрено се каат. И како паднав на земјата, се поклонив на Чесниот Крст, го целивав со страв, па излегов, брзајќи кон мојата Заштитничка. И кога дојдов пред светата икона на мојата Посредничка, паднав на колена пред Приснодева Марија, и го изговорив ова: – О, секогаш блажена Дево Владичице, Богородице, Ти го покажуваш на мене своето преблаго човекољубие! И не се гнасиш од моите недостојни молитви, зашто ја видов славата, која јас, блудницата, навистина не сум достојна да ја видам. Му благодарам на Бога, Кој заради Тебе го прима покајанието на грешниците! И што уште имам да размислувам или да кажам јас, грешната? Време е, веќе, Владичице, да го исполнам ветувањето, што Ти го дадов како на моја Посредничка: еве, упати ме сега каде сакаш! И отсега биди ми учителка на спасението, водејќи ме по патот на покајанието!
Кога го изговорив ова, слушнав глас, како од далеку ми довикува: – Ако го преминеш Јордан, ќе најдеш мир! А јас, кога го слушнав овој глас, и уверена дека мене ми е упатен, со солзи повикав кон иконата на Богородица: – Владичице, Богородице, не оставај ме!
И откако, така, се помолив со плач, јас излегов од тремот на храмот, и почнав да чекорам многу брзо. Додека така брзав, некој ме виде и ми подаде три парички, велејќи ми: – Прими го ова, мајко! – Јас ги примив и купив за нив три леба. И го прашав продавачот на леб: – Кој пат води кон Јордан? Тој ми покажа, и јас тргнав, брзајќи и солзи ронејќи. А кога денот беше при крај и сонцето на заоѓање, јас стигнав до храмот на Св. Јован Крстител, покрај Јордан. Откако се помолив во храмот и се поклонив, слегов веднаш на Јордан и со неговата света вода ги измив рацете и лицето. И повторно се вратив во храмот и се причестив со Пречистите и Животворни Христови Тајни. Потоа изедов половина од едниот леб, па се напив вода од Јордан, легнав на земја, и преноќив, одмарајќи се. А кога зората зазори, најдов мал чамец, се префрлив на другата страна од Јордан, и повторно и се помолив на мојата Патеводителка – Пресветата Богородица, да ме упати кадешто сака Таа. И јас дојдов во оваа пустина, и од тогаш до денес пребивам овде, чекајќи Го Бога, Кој ме спасува од малодушноста и од бурата, зашто само Нему Му се обраќам.“
Зосим тогаш ја праша:
- Колку години има, госпоѓо моја, откако си се населила во пустината?
Таа му одговори:
- Четириесет и седум години, откако излегов од Светиот Град.
Зосим ја праша:
- Со Што се хранеше, госпоѓо моја?
Таа одговори:
- Кога го поминав Јордан, имав два и пол леба. Тие постепено се исушија и се скаменија и неколку години јас ги јадев по малку, додека не ги изедов.
Зосим потоа пак ја праша:
- Како толку време си поминала, дали си била во опасност, дали те смутувала некаква непријателска сила?
Таа му одговори:
- Ме прашуваш за нешто, авва Зосиме, за кое се плашам да ти одговорам. Бидејќи ако почнам да ги набројувам многубројните опасности, што сум ги поднела, и лутите помисли, што ме смутувале, се плашам, тие повторно да не ме зафатат.
На тоа Зосим и рече:
- Госпоѓо моја, не изоставај ништо, зашто токму тоа те молев, подетално да ми го раскажеш.
Тогаш таа му одговори:
„Верувај ми, авва Зосиме, седумнаесет години поминав во оваа пустина, борејќи се со моите безумни желби, како со лути ѕверови. Оти кога ќе почнев да јадам, посакував месо и риби, со кои се хранев во Египет. А го посакував и своето омилено пиење: виното, бидејќи многу пиев, додека бев во светот. Овде пак, ни вода немав, па силна жед ме измачуваше и јас страшно патев. Понекогаш ме измачуваше желба за развратни песни и ме принудуваше да ги пеам демонските песни, на кои бев навикната. Но во такви моменти, јас ќе почнев да плачам и да се бијам в гради, сеќавајќи се на заветите што ги дадов пред да дојдам во оваа пустина, а во мислите се пренесував пред иконата на Пресвета Богородица, мојата Посредничка, и пред неа плачев, молејќи ја да ги изгони од мене помислите, кои толку ја измачуваа мојата бедна душа. И откако долго ќе плачев и в гради искрено се удирав, некаква светлина ќе ме осветлеше од сите страни и спокојство ќе го обземеше моето битие. А, што да ти кажам, пак, за блудните помисли, што ме напаѓаа? Авва, прости ми: оган се запалуваше во моето острастено срце и целата ме опфаќаше и на посакуваното телесно соединување ме принудуваше. Но, кога таква помисла ќе ме нападнеше, јас се фрлав на земја и со солзи се залевав, замислувајќи се како стојам пред мојата Посредничка и Таа го осудува мојот престап и ми укажува на грозните маки. И дење и ноќе не се подигав од земја, се додека не ме осветлеше онаа слатка светлост, одгонувајќи ги тешките, гнасни помисли. А очите свои ги упатував кон мојата Посредничка, молејќи ја непрестајно да ми биде на помош мене, бедната, во оваа бескрајна пустина. И навистина, Таа ми беше помошничка, и во покајанието сотрудничка. И така поминав 17 год, поднесувајќи безброј маки. Од тогаш, па се до денес, помошничката моја Богородица ме раководи во се и за се.“
Зосим потоа ја праша:
- Зарем, немаше, повеќе, никакви потреби?
Таа одговори:
„Откако ги изедов оние лебови, јас 17 год. се хранев со зелје, што расте во ова пустина. А облеката со која ја минав реката Јордан, од изветвеност се распадна, па имав големи маки од мразот зиме, а лете од жештината. Преку зима многу пати се тресев, премирав и треперев од студ, паѓав на земја како мртва и долго неподвижна лежев. Се борев со многу и разновидни неволји и неизмерни искушенија. А од тогаш, па до денес, голема сила Божја ја закрилуваше мојата грешна душа и моето ништожно тело. Зашто, размислувајќи само, од какви се зла ме имаше избавено Господ, јас стекнав непотрошлива храна, надеж за спасението мое. И се хранам и покривам со Словото Божјо, кое држи се и сите: зашто не живее, човекот, само од леб, туку од секој збор кој излегува од устата Божја (Мт. 4,4). И тие кои немаа засолниште, меѓу камења се засолнуваа, бидејќи ја соблекоа од себе облеката на гревот (Спореди Јов. 24,8).“
А кога Зосим слушна, како таа се повикува на Мојсеј и на Пророците и на псалмите, тој ја праша:
- Каде ги учеше, госпоѓо, псалмите и другите книги?
А таа, насмевнувајќи се, му одговори:
- Верувај ми, човеку, откако го поминав Јордан, јас не видов друг човек, освен твоето лице денес. А не видов ни ѕвер, ниту било кое друго животно. Книги никогаш не сум читала, ниту слушнала некој друг да чита или пее, туку живото и дејствително Слово Божјо го учи човекот на знаење. Ете, со ова ја завршувам својата животна приказна. А сега, те заколнувам во овоплотениот Логос Божји, да се молиш за мене блудницата.
Кога таа го изговори ова и го заврши своето кажување, старецот поита да и се поклони и со солзи повика:
- Благословен да е Бог, Кој твори големи и страшни, славни и прекрасни, неискажливи нешта, на кои им нема број. Благословен да Е, зашто ми покажа со што ги дарува оние кои се плашат од Него. Навистина, Ти не ги оставаш оние кои Те бараат, Господи!
А таа го запре старецот и не му допушти да и направи метанија, велејќи му:
- Те заколнувам, оче, во Исуса Христа, нашиот Бог и Спасител, да не кажуваш никому ни збор, од ова што го слушна од мене, додека Бог не ме земе од земјава. А сега оди си со мир, и догодина пак ќе ме видиш, благодарејќи и на благодатта Божја, која не чува. Но, Господа ради, исполни ми ја оваа молба: идната година, за постот, не го поминувај Јордан, како што е тоа правило на вашиот манастир.
Кога го слушна тоа, Зосим се восхити дека таа го знае дури и поредокот во неговиот манастир. И ништо друго не велеше освен:
- Слава Му на Бога, Кој им дава големи нешта на оние кои Го љубат!
А таа му рече:
- Остани, значи, Авво, во манастирот, како што ти велам, зашто и кога би посакал, ти не ќе можеш да излезеш. А на светиот Велики Четврток, во времето на Тајната Вечера Христова, земи Ги, во светиот сад, Животворното Тело и Крвта на Христа, нашиот Бог, па дојди на онаа страна на Јордан, близу онаа населба, и причекај ме. Јас ќе дојдам да ме причестиш со Животворните Дарови, зашто не се имам причестено, од времето кога се причестив во храмот на Светиот Претеча, пред преминувањето на Јордан. А сега од се срце сакам да се причестам, па те молам: не ја презирај мојата молба, туку по секоја цена донеси ми ги Животворните Божествени Тајни, да се причестам во денот, кога Господ Своите Ученици ги направи причесници на божествената Вечера. А на Јована, игуменот на манастирот во кој живееш, кажи му: ‘Внимавај на себе и на своето стадо, зашто таму се прават некои работи, кои треба да се исправат.’ Но, сакам тоа да му го кажеш, не сега, туку кога Господ ќе ти нареди.
Откако го рече тоа и испроси од старецот молитва за себе, таа замина во внатрешноста на пустината. А Зосим, поклонувајќи се до земја, го целива местото, каде стоеја стапките на нејзините нозе, па Го славеше Бога. Потоа се врати, величајќи и благословувајќи Го Христа, нашиот Бог. Како ја помина пустината, тој стигна во манастирот во одредениот ден, т.е. на Цветници. И таа година, тој премолчи за она што го виде и никому не смееше да каже. А во себе Го молеше Бога, пак да му го покаже тоа сакано лице. И тагуваше и очајуваше, размислувајќи колку е долга годината, и сакаше тоа време да помине брзо, како еден ден. А кога се приближи првата недела од Светиот и Велик Пост, сите браќа се подготвија и откако, според манастирскиот обичај, направија молитва, со пеење излегоа во пустината. Но, бидејќи Зосим се разболе, тој беше принуден да остане во манастирот. И се сети како таа, преподобната, му кажа дека и да сака, нема да може да излезе од манастирот. Но после не многу денови, тој оздраве и пребиваше во манастирот. А кога браќата се вратија од пустината и се приближи Велики Четврток, Зосим направи според ветувањето: стави во мала чаша Света Причест- Пречистото Тело и Крвта Христова , па тоа го стави во корпа. Освен тоа, зеде малку суви смокви и урми и малку леќа раскисната во вода и доцна навечер отиде на договореното место и седна на брегот од реката Јордан, чекајќи ја преподобната. Иако светителката долго време ја немаше, Зосим не задрема, туку неуморно гледаше кон пустината, очекувајќи да го здогледа она што толку срдечно го посакуваше. И седејќи така, старецот си велеше во себе: „Да, не, мојата недостојност ја спречи да дојде, или, пак, веќе дошла и се вратила, бидејќи не ме најде?“ Така размислувајќи, старецот воздивна и заплака, па откако ги подигна очите кон небото, Го молеше Бога и велеше: „Господи, не ме лишувај од радоста, повторно да го видам тоа лице, кое ме удостои да го видам, за да не заминам празен, носејќи ги гревовите свои, на своја осуда.“ Бидејќи така се помоли со солзи, тој повторно почна да размислува во себе: „Што корист и да дојде, кога нема чамец? Како ќе ја помине реката Јордан и како ќе дојде при мене, недостојниот? Тешко мене, поради мојата недостојност! Тешко мене, ако бидам лишен од такво добро!“
Додека старецот така размислуваше, ете, се појави преподобната и застана на онаа страна на реката, од кадешто доаѓаше, а Зосим се исправи на нозе, сиот радосен и весел, фалејќи Го Бога. Но повторно почна да го мачи мислата, како таа ќе ја помине Јордан. Тогаш тој виде, зашто беше полна месечина, дека таа ја осени со крсен знак реката Јордан и тргна по водата и одејќи по неа, како по суво, полека му се приближуваше. Тој сакаше да и се поклони, но светителката, која сеуште одеше по водата, оддалеку му забрани, велејќи:
- Што правиш, оче, ти – свештеник, па уште ги носиш и божествените Тајни.
И тој ја послуша. А кога таа слезе од водата, му рече на старецот:
- Благослови, оче, благослови!
Тој, пак, одговарајќи со трепет, и рече:
- Навистина Е праведен Бог, Кој вети дека ќе ги уподоби на Себе, оние кои се очистуваат себеси, според силата на својата молитва. Слава Ти на Тебе, Христе Боже наш, што преку оваа Твоја слугинка ми покажа, колку сум далеку од вистинското совршенство.
Кога Зосим го изговори ова, преподобната го замоли да го прочита Символот на верата, и Господовата молитва. А кога тој го направи тоа, Светителката се причести со Пречистите и Животворни Христови Тајни, и според обичајот, го целива старецот. Потоа, подигајќи ги рацете кон небото, таа воздивна, заплака и извика:
- Сега отпушти ја, со мир, слугинката Своја Господи, зошто очите мои го видоа спасението Твое!
И тогаш му се обрати на старецот:
- Прости ми, Авва Зосиме, те молам, исполни ми уште една желба: оди сега во својот манастир, осенет од Божјиот мир, а идната година, дојди повторно на оној поток, каде првпат разговаравме. Дојди, те молам, дојди Господа ради, и пак ќе ме видиш, како Што сака Господ.
А тој на тоа и одговори:
- Би сакал, ако е можно, да одам по тебе и да го гледам чесното твое лице. Но те молам, исполни ми ја мене, старецот, оваа единствена молба: Земи малку од храната што ја донесов овде.
И како и го рече тоа, ја понуди со она што го имаше донесено во корпата. Таа со прстите зеде три зрна леќа, ги стави во устата, и рече:
- Доста е ова за духовната благодат, која ја чува неосквернета природата на душата.
И пак му се обрати на старецот:
- Моли Го Господа за мене, оче мој, моли, спомнувајќи ме секогаш мене, бедната!
А тој се поклони пред нејзините нозе, и ја молеше и самата да Му се моли на Бога за Црквата, за царевите и за него. Измолувајќи го ова од неа со солзи, тој ја остави да си замине, а самиот липаше и плачеше; зашто не смееше долго да ја задржува, иако посакуваше, бидејќи таа неизоставно сакаше да си замине. И таа, штом ја осени повторно Јордан со крсниот знак, ја помина, одејќи по водата, како и првиот пат. Тогаш старецот се врати, обземен од радост и голема стравопочит. Притоа се прекоруваше себеси и длабоко жалеше, што не го дозна името на преподобната. Но, се утеши со надежта дека ќе го дознае идната година.
✤ ✤ ✤
И кога помина една цела година, Зосим тргна повторно во пустината, откако претходно исполни се, според обичајот, и брзаше кон она чудесно создание. По долгото патување низ пустината, тој забележа некои знаци, кои му покажуваа дека местото што го бара е тука некаде, во близина. И тој се вртеше де лево, де десно, барајќи ја со очи светителката. Но, кога виде дека таа од никаде не се појавува, му бликнаа солзи и подигајќи ги очите кон небото, тој Му се помоли на Бога, велејќи: „Покажи ми го, Господи, своето неукрадливо богатство, што си го сокрил во оваа пустина! Покажи ми го ангелот во тело, со кого не е достоен да се спореди ни целиот свет.“ Така молејќи се, тој стигна до потокот и кога застана покрај него, тој на источната страна ја здогледа преподобната, како лежи мртва, со раце прекрстени на градите и со лице свртено кон исток. Тој и притрча и со своите солзи почна да и ги мие нозете на блажената, бидејќи не се осмелуваше да се допре до некој друг дел од нејзиното тело. Откако долго плачеше и ги изговори потребните псалми, тој изврши и опело. И се праша себеси: „Дали да го погребам телото на преподобната? Дали ќе и биде тоа угодно на блажената?“ И додека така во мислите се прашуваше себеси, тој над нејзината глава го забележа напишано ова:
„Погреби го, Авва Зосиме, на ова место, телото на смирената Марија, предај му го правот на правот! Моли Го Господа за мене; Се упокоив на први април, во самата ноќ на спасоносното страдание Христово, по причестувањето со божествените Тајни.“ (Преподобна Марија се упокоила во 522 година.)
Кога го прочита овој напис, старецот најпрво се запраша, кој го напишал ова. Зашто таа, како што самата му имаше кажано, не знаеше да пишува. Но, многу се зарадува што го дозна името на преподобната. А, дозна и тоа дека таа минатата година, во истата ноќ кога се причести, стигнала до потокот, до кој, тој самиот мораше да патува дваесет дена, и веднаш си заминала кај Бога.
Славејќи Го Бога и топејќи ги со солзи земјата и телото на преподобната, старецот си рече во себе: „Време е, оче Зосиме, да го извршиш она што ти е наредено. Но, како ќе ископаш гроб, кога немаш ништо во рацете?“ И како го рече тоа, тој здогледа, недалеку од себе, еден мал стап, го зеде и започна со него да копа. Но, земјата беше сува и копајќи, старецот се мачеше и препотуваше, но ништо не можеше да направи. И кога воздивна силно од длабочината на срцето, тој здогледа огромен лав, како стои покрај преподобната Марија, и ѝ ги лиже нозете. Тоа силно го уплаши, особено кога се сети, како блажената му рече дека никогаш не видела ѕверови. Но штом се прекрсти, старецот поверува дека покојната, со својата сила, ќе го сочува неповреден. Во тој миг лавот почна кротко да се приближува кон старецот, умилкувајќи се и како божем поздравувајќи го. Зосим тогаш му рече на лавот:
- Лаву, бидејќи големата покојница ми нареди да го погребам нејзиното тело, а јас сум стар и не можам да ископам гроб, ниту ги имам потребните алати за копање; а и мојот манастир е многу далеку, па не би можел да се вратам брзо со алати, тогаш ти ископај гроб со твоите шепи, за да го предадеме на земјата телото на преподобната.
Штом лавот го слушна тоа, веднаш со предните нозе ископа дупка, толку голема, што да може во неа да го собере телото на блажената. А старецот повторно со солзи ги облеа нозете на преподобната и многу и се молеше, таа да се моли за сите. И го погреба нејзиното тело со истата онаа искината облека, што тој самиот и ја дофрли, тогаш кога прв пат ја сретна. Потоа си заминаа и обајцата. Лавот како кротко јагне се оддалечи во внатрешноста на пустината, а Зосим се врати во својот манастир, непрестајно благословувајќи и славејќи Го Христа, нашиот Бог.
Кога дојде во манастирот, Зосим им раскажа на сите за преподобна Марија, не премолчувајќи ништо што виде и слушна од неа. И сите се восхитуваа, слушајќи за големите дела Божји, и со страв, вера и љубов почнаа да прават помен и да го празнуваат денот на упокојувањето на преподобна Марија. А игуменот Јован, по зборовите на преподобната, најде некои на кои им беше потребно духовно исправување, и со Божја помош ги поправи.
Зосим го мина својот живот богоугодно, и кога наврши близу сто години, тој го заврши во манастирот својот привремен живот, и отиде во вечноста кај Господа. И монасите од тој манастир го чуваа ова житие на преподобна Марија, едни на други си го раскажуваа на општа полза за сите слушатели. Само не го имаа запишано. А јас, вели Св. Софрониј, го запишав тоа житие од нив. Ако, пак, некои други подобро го запишале житието на преподобна Марија, јас за тоа уште ништо немам дознаено. Но и јас, колку што можев, според своите сили, го запишав ова житие, држејќи се само до вистинитата повест. А Бог, Кој твори прекрасни чуда и со големи дарови им возвраќа на оние што Му прибегнуваат со вера, нека ги награди оние кои со духовна полза ја читаат ова повест и оние кои ја слушаат, и оној што се потруди да ја запише, и нека ги удостои со уделот на оваа блажена Марија, сите кои од памтивек Му угодиле со богомислие и трудови. Да Му одадеме и ние пофалба на Бога, вечниот Цар, и да не удостои да најдеме и ние милост во денот на Судот, во Христа Исуса, нашиот Господ, Кому Му прилега секаква слава, чест и моќ и поклонение, со Отецот и Пресветиот и Животворен Дух, сега и во сите векови, амин. Светите Отци се вистински наставници и учители во раководењето на монасите и поправањето на сите нивни мисли, чувства и идеи, на сите стари и одамна направени гревови во таканаречените братства. Колку е тешко тоа војување, се гледа од житието на Св. преподобна Марија Египетска.
Светата Православна Црква, освен денот на нејзиното претставување, 1/14 април, за празнување одредила и цела една седмица, заедно со неделата на Св. Марија Египетска, земајќи ја Преподобната како образец на вистинското покајание, пример на полно самоодрекување и издигнување, од најнискиот гревовен пад, до најголемите духовни височини, прославувајќи го, на овој начин, нејзиниот голем подвиг.
Преданието за житието на Св. преподобна Марија Египетска е запишано од Ерусалимскиот Патријарх, Св. Софрониј, кој управувал со Ерусалимската катедра од 634 до 644 година, по Господа Исуса Христа. Заедно со својот учител, блажениот Јоан Масх, Св. Софрониј уште како млад монах, кон крајот на VI и почетокот на VII век, ги обиколиле речиси сите свети манастири во Палестина, Сирија и Египет и се запознале со животот и подвизите, не само на современите монаси, туку и на претходните поколенија на подвижници. Плод на нивното благочестиво поклоничко патешествие била познатата книга „Лимонариј“ или уште позната како „Духовен Лак“, во која е опишано патешествието на двајцата монаси и се запишани житијата и подвизите на источните подвижници.
Житието на Св. преподобна Марија Египетска е напишано истовремено, или малку подоцна од „Духовен Лак“, но очигледно запишувањето на житието било поттикнато од чудото за време на благочестивото странствување. Со литературните својства и писателско мајсторство, „Житието на Св. Марија Египетска“ е еден прекрасен бисер во византиската духовна литература.
Светиот Патријарх, Софрониј Ерусалимски е автор и на други духовни дела. Како ревносен заштитник на светата православна вера и како вистински поборник, тој се грижел и се борел за чистотата на православието, против ереста на монотелитите (оние кои празнувале само една божествена волја во Богочовекот, Господ Исус Христос), тој составил и едно соборно послание против еретиците. На свиканиот 6-ти Вселенски собор, во 680 година, тоа послание било прочитано од пратеникот и претставникот на тогашниот Еруслимски Патријарх Теодор, Архиѓаконот на Светата Ерусалимска Патријаршија, Андреј, ученик и воспитаник на веќе покојниот Св. Патријарх Софрониј. Св. Андреј Критски го зел со себе и го претставил пред Соборот „Житието на Св. Марија Египетска од Св. Патријарх Софрониј“ и својот Велик покаен канон, напишан од сопствената рака.
Оттогаш, на 6-от Веселенски собор, во Цариград, Светата Православна Црква го вклучила во великопосното богослужение и Великиот покаен канон на Св. Андреј Критски, во кој, дел од стихирите се посветени на покајниот подвиг на Св. Марија Египетска. Тоа подразбира и целосно читање на Канонот на утрената богослужба во четвртокот од петтата седмица на Великиот пост, кога се чита и нејзиното житие и тоа богослужение се нарекува „подвиг во чест на Св. Марија Египетска“, т.е. стоење во нејзина чест, а петтата недела од Великиот пост целосно е посветена на неа.
Да не очајуваме, браќа, за своето душевно спасение, зашто нема грев, што Бог не го простува, освен богохулството против Светиот Дух, и доволно е само да се пројави потребното покајание во светата Православна Црква, преку Тајната Покајание.
Духовното искуство на светата Православна Црква учи, дека телесниот грев на блудството и развратот доведуваат до пеколот и широката река на телесниот разврат води голем дел од човештвото кон бездната на адот.
Треба да се знае дека телесниот разврат го осквернува не само телото на човекот, туку и го жалости Божјиот Дух, Кој живее во него, а особено кај оние христијани, кои го примиле Светото Крштение. Тоа е токму една цел од намерите на ѓаволот- да го обессили Божјиот народ, православните христијани, за да се отвори патот за сатанското царство среде човечкото општество. Телесниот разврат го влече со себе и гревот на убиството на неродените зачнати деца, како несреќни жртви на развратот, така што развратниците, освен за телесниот грев, ќе одговараат пред Судот и за убиството на неродените деца. Особено во наше време, кога телесниот разврат бесрамно се фали и кога постојано потсетува на духовната смрт, корисно е да се спомне заборавениот пример на покајанието и достигнувањето на благодатно осветување, како што може да се види во житието на Марија Египетска. На тој начин, оние кои згрешиле, се поттикнуваат да се покајат и да не грешат повеќе, а тие кои се соблазнуваат од гревот и се подготвени да го направат, се опоменуваат да се борат против нечистите желби и помисли и да се погрижат да водат целомудрен живот, – или во чистотата на христијанскиот брак или пак во светоста на воздржанието. Во спротивно, ќе платат за својот разврат со срамни и смртоносни болести за време на земниот живот и ќе се најдат во вечната смрт на адот, по смртта. Да не заборавиме, браќа, дека Бог дојде да ги повика грешниците кон покајание и спасение, и дека често пати, митарите и грешниците, поради своето големо покајание, ги испреваруваат праведниците во царството небесно.
✤ ✤ ✤
По молитвите на преподобната мајка Марија Египетска,
и на преподобниот отец наш, Андреј Критски
Господе Исусе Христе, помилувај и спаси не!
Амин!
Крај и слава на Бога!