Литургиска радост во чест на свети Партениј, почит и љубов во чест на дедо Партениј

„Каде што е Евхаристијата, таму е полнотата на Црквата, зашто таму Христос нè собира во едно – не како множество, туку како едно тело.“

Торжеството по повод светлиот спомен на светиот отец наш Партениј Лампсакиски Чудотворец и именденот на нашиот возљубен старец, Преосветениот епископ Антаниски г. Партениј, продолжи и денес, и тоа со она што е најсуштинско, најсвето, најголемо во животот на Црквата: со Божествената Евхаристија, таа круна на секое празнување, без која секоја радост останува незавршена и секое собирање – недоречено.

На празничната Утрена богослужба, бигорскиот католикон одново се исполни со оние тивки и длабоки струења на молитвата со кои Црквата го подготвува срцето за средба со Возљубениот. Псалмите, стихирите и каноните, изговарани и пеени со оној молитвен тон својствен на манастирските последованија, го отвораа просторот за она кое допрва следуваше – за светата и Божествена Литургија, тоа средоточие на целокупното христијанско суштествување, каде што времето се повлекува пред вечноста, а човечкото пред Божественото.

Со Божествената Евхаристија чиноначалствуваше самиот славеник, нашиот секогаш сакан владика и духовен татко г. Партениј, а нему му сослужуваа: архимандритот г. Доситеј, старец на манастирот Гргетег на Фрушка Гора; архимандритот г. Амвросиј од манастирот на Света Параскева во Макриница близу Волос, протопрезвитерот г. Ставрос од Волос, бигорските архимандрити: Доситеј, Макариј, Кирил и Анатолиј; протојерејот Љупчо Симиџиоски од Охрид јереите: Јулијан и Александар од Сремската епархија, Илија Попгонов од Радовиш и Павел Крцоски од Охрид, и бигорските јероѓакони Порфириј и Силуан.

Каква убава глетка, какво сведоштво беше тоа! Околу едниот престол, околу единствената чаша Господова, свештенослужители од различни помесни Цркви и епархии, домашни и гости, сите обединети во она прекасно единство дарувано од Самиот Христос преку Неговите бесценети тело и крв. Тука, пред светиот престол, паѓаат сите граници, се топат сите растојанија, и останува само она суштинското: дека сите ние сме едно во Христа, дека Црквата е жива и дека таа живее токму вака, литургиски, евхаристиски, соборно.

А Старецот, кој во текот на овие два празнични дена примаше толку многу изрази на љубов и почит, го украси евхаристиското собрание со трогателно слово, кое не беше само изговорено, туку и преживеано, на моменти изговорено и низ солзи. Зашто кога говори Старецот, тој не зборува од себе, туку од она место каде што молитвата и животот одамна се стопиле во едно, каде секој збор е напоен со солзи и со тишина, со благодарност и со трепет пред Бога. И токму тие солзи, тие негови тивки и кротки солзи, беа поречити од секоја беседа; тие го кажуваа она што зборовите не можат: дека љубовта е голема, дека жртвата има смисла, дека Бог е верен во Своите ветувања.

Љубовта, пак, на верниците кон својот пастир и духовен татко повторно го облагородуваше воздухот во Бигорското светилиште. Таа љубов, присутна во секој поглед, во секоја честитка, во секое скромно стискање на раката, е можеби најубавото потврдување дека Старецот не работел напразно сите овие децении; дека семето кое го сеел со толку трпение и молитва, вродило плод; дека чедата го препознаваат таткото; дека паствата го слуша гласот на својот пастир.

Нека великиот дародавец Бог, по молитвите на светиот отец наш Партениј Лампсакиски, ѝ го подари нашиот Старец на Својата света Црква и на сите нас уште многу, многу години, со несмалено здравје, со неугаслива ревност, со онаа негова силна и непоколеблива вера која нас нè учи, нè храни и нè води кон Христа Господа! Нека бидат благословени неговите раце кои литургисуваат и благословуваат, неговите очи кои со љубов гледаат на секого, неговото срце кое не престанува да се моли за своите духовни чеда! И нека оваа радост, ова евхаристиско заедничарење, биде предвкус на она вечно Царство кое нè очекува, каде што нема да има ни солзи, ни разделба, туку само полнота на љубовта во Христа!

Честит и благословен именден и на многаја лета, возљубен наш Старче!