Духовните врутоци во Бигорскиот манастир

Македонија е библиска земја, зашто тука светлоста на христијанството ја донесе, никој друг, туку најревносниот благовесник на Словото Божјо – апостолот Павле. На оваа благопријатна почва од најрано христијанско време најпрво се формирале христијански општини, а потоа епископии и помесни цркви.

Христијанската историја, исто така, бележи и развиен духовно – монашки живот на овие простори. Македонското монаштво му претходело на Светогорското, а отпосле регрутирало и во другите монашки центри. Од својот зародиш, па сè до денес, монаштвото имало своја силна традиција во Македонија, која и денес впечатливо се возобновува по неколку-децениски дремеж. Тоа посебно е видливо во последниов период, и голема е нашата радост, што сега секојдневно се бијат камбаните на старите манастирски цркви, во кои монашките братства одново го враќаат духот на претходниците. Посебен духовен вруток на монашката обнова претставува манастирот Свети Јован Бигорски.

Манастирот Свети Јован Бигорски го привлекува љубопитството на сите вљубеници во уметноста поради својот непроценлив иконостас во резба, а пак, на поклониците на вистинскиот дух, со својот богат литургиски живот, живописната местоположба, чудесната архитектура на конаците во кои се негувала просветата и излевала ќелијната молитва, и со жуборењето на чешмите од кои блика непресушна вода… Тука секојдневно навраќаат групи и поединци, и секој од свој аспект го пронаоѓа она што е вредно во манастирот. На славата, пак, на 10 и 11 септември, како и на Рождеството на Свети Јован – Иванден (7 јули), доаѓаат од Дебар, Мијачкиот крај, Малесија, Дримкол, секој, без разлика каде и да се отселил во меѓувреме, ќе најде време да дојде и да се напои од овој духовен вруток. Така беше и во вторникот, пред манастирската слава Отсекување на главата на свети Јован Крстител. Вриеше како во кошница, а највпечатливо беше масовното присуство на народ на вечерната богослужба – на чинот на монашењето.

Во овој манастир веќе расте новооснованата монашка заедница раководена од игуменот Партениј, која ја сочинуваат еромонахот Иларион, монахот Матеј и ероѓаконот Доситеј, чие замонашување беше извршено во предвечерието на последната манастирска слава, на 10 септември 1996 год.

Тоа беше настан кој зборуваше сам за себе, со толку многу симболика, со вера и надеж дека овие млади монаси и подвижници ќе можат да го понесат бремето на нашето црковно битисување. Но, да се навратиме на самиот чин на последново монашење.

Таа вечер беше монашко наречение за Дејан Талески, млад прилепчанец, студент на Електротехничкиот факултет во Скопје, кој веќе подолго време е искушеник во овој манастир. Тивок, мирен, одмерен и зрел, бдее над типикот, исполнувајќи ги строгите монашки правила. Оваа продуховена вечер нè исполни со торжествена радост поради чудното совпаѓање на богодарените прилики, кои ни открија една препознатлива симболика што поврза неколку настани: 15 – годишниот јубилеј од монашењето на митрополитот Тимотеј, што се случи на истата празнична вечер токму во Бигорскиот манастир, и уште по 15 години од упокојувањето на Неговото блаженство архиепископ Доситеј, возобновителот на Охридската Архиепископија во лицето на МПЦ, новородениот монах го доби неговото име, што досега не беше обновено.

Добивме нов Доситеј, чие име гордо звучи, постанувајќи олицетворение на нов монашки подвиг.

Утредента на празникот, надлежниот епархиски архиереј Митрополитот Тимотеј, на светата архиерејска Литургија го ракоположи ероѓаконот Иларион во еромонашки чин, а монахот Доситеј, во ероѓаконски чин, покрај нив, пак, за искушеник беше примен и Јордан од Струга. Веќе од поодамна во Бигорскиот манастир се подготвуваат и неколкумина потенцијални искушеници, со кои овој манастир претставува вистински монашки расадник.

Бевме удостоени да ја видиме Божјата милост и промисла, олицетворени во овие млади избрани души, кои избраа да го последуваат патот на оние што Христос ги повикува во заедница со Него, велејќи им да го земат Неговиот благ јарем, да ги остават своите ближни, зашто за монахот поблизок од Него нема. Преку доживотното сиромаштво во Христа, да се богатат духовно, да имаат непресушен извор на благодат, да пијат од врутокот на вековната духовност на Бигорскиот манастир.

 

Протоереј: ЉУПЧО ДВОЈАКОВСКИ