
Од бисерниот манастир, еден во алката манастири во крилото на Мајката Црква, кој претставува богата духовна, но и ретко значајна културно – уметничка ризница, од која се восхитува културниот свет што ја вбројува неа во светското културно наследство, како од сопствени врутоци планинска вода, надоаѓа и наплив на новите завештаници на монашкиот постриг. Тука, во пазувите на ѕвонливата и питома Бистра планина, повторно се врати монашкиот живот, претставен од младото богоподобно братство на игуменот Партениј, еромонахот Доситеј и ероѓаконот Макариј, а како искушеници се подготвуваат уште неколкумина, кои од љубов кон Спасителот, се подготвуваат доброволно да се откажат од земното и минливото. Младите монаси се трудат да ги исполнат заветите на : воздржание од секаков грев и порок, девственост, безусловна послушност кон својот духовник и Црквата и потполното сиромаштво до смртта, само заради единственото и вечно Царство Небесно.
Овие монашки завети во Бигорскиот манастир, како новопричислен на ова братство, годинава ги положи посветениот на Бога искушеник Методиј Костоски.
Методиј Костоски, роден и воспитан од татко Благој и мајка Слободанка во Прилеп на 25 декември 1962 година, завршил основно училиште и гимназија во Прилеп. Дипломирал на отсек електроника на Електротехничкиот факултет во Битола, а како искушеник во Бигорскиот манастир доаѓа на 25 ноември 1996 година. Израснат во духовна зрелост, се роди како монах Макариј на Светата вечерна богослужба на денот на манастирската слава, Отсекување на главата на Св. Јован Крстител, на 10 септември 1997 година.
За велелепноста на празничната вечерна богослужба придонесоа мноштвото свештенослужители, меѓу кои беа и архимандрит Нектариј (игумен на манастирот Св. Наум во Охрид), игуменот на Бигорскиот манастир архимандрит Партениј, еромонасите Доситеј и Софрониј, протоереите Љупчо Двојаковски и Ефтим Бетински, свештениците Драги Дончевски, Сашо Богдановски, Никола Кипријанов и Петко Кесакоски.
Во својата проповед кон многубројните верници дојдени во манастирската црква, како и кон новопотстрижаниот монах, меѓу другото, Митрополитот Тимотеј истакна: „Првиот услов за стекнување на вечен живот, е луѓето уште за време на земниот живот да го доживуваат Царството Небесно. Ова доживување започнува со духовна преродба и преобразување преку покајание. Свети Јован Крстител ја започнал својата проповед со зборовите: Покајте се оти се приближи Царството Небесно! (Матеј, 3, 2). На истиот начин и Спасителот ја започнал Својата проповед: Покајте се и верувајте во Евангелието! (Марко, 1, 15). Бог со Неговото Царство се приближил кон луѓето испраќајќи Го во светот Својот Единороден Син, Кој со Својот живот, наука, страдање, смрт, Воскресение и Вознесение, го открил, покажал, дарувал и приближил Царството на луѓето. На луѓето им преостанува и тие да Му пристапат, да Го прифатат, да Го доживеат. Сe започнува со покајание, т. е. со преобразување на душата, измена на разумот, чувствата, начинот на расудување и намерите. Со еден збор, потребно е да се доживее она што Спасителот му го порачал на Никодим: повторно да се роди, да се роди одозгора (Јован, 3, 3).
Овие зборови се упатени кон секој човек, но пред сe кон монасите. Затоа и ти, почитуван брате Макариј, примајќи го денес монашкиот постриг, не заборавај на оние зборови, помнејќи дека имаме задача постојано да се менуваме и усовршуваме во добродетелен живот, доколку сакаме да го достигнеме вечниот живот, кој е цел на нашето земно постоење. Ние сме христијани само онолку, колку што ја следиме Христовата наука и Неговиот пример. Свети ап. Павле говорел: Така да, повеќе не живеам јас, туку Христос живее во мене (Гал. 2, 2). Не е доволно да ја исповедаме христијанската вера и само да се нарекуваме христијани, па да можеме да го наследиме Царството Божјо и вечниот живот. Спасителот рекол: Не секој што ми вели: Господи, Господи, ќе влезе во Царството Небесно, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец Небесен (Матеј, 7, 21).
Какво е блаженството на Царството Небесно? Тоа доживување е невозможно да им се објасни на оние што го слушаат зборот Божји и не го исполнуваат. Од нас зависи дали семето на Евангелието Христово ќе никне во нашите души и ќе израсне за да донесе богати плодови во Царството на Отецот наш Небесен.
Драг отче Макариј! Подвизувајќи се во оваа света обител, спасувај ја својата душа, помагај им на оние што Го бараат Бога, а сe во слава на Небесниот Отец, по молитвите на Свети Јован, на кого е посветен овој манастир, а за просперитет на нашата МПЦ и Македонскиот православен народ, како и за углед и достоинство на братството на Бигорската света обител. На братството нека им е честит новиот собрат.
Утредента на Светата божествена архиерејска Литургија, на која сослужуваше и Митрополитот Брегалнички г. Стефан, монахот Макариј беше произведен во чин ероѓакон од страна на Митрополитот Тимотеј. Оваа празнична богослужба беше збогатена и со учество на голем број свештенослужители и верници од целата епархија.
Во својата празнична проповед по Светата архиерејска Литургија, Митрополитот Стефан, зборувајќи за личноста на Христовиот Претеча и Крстител, меѓу другото на жедните за духовна храна им рече:
„Браќа и сестри! Секој од нас се спасува или пропаѓа по личен избор. Светоста во Црквата се стекнува со дела, преку личен напор, преку служење на Бога со правда и вистина, преку самопожртвуваност, самоодрекување, мачеништво и страдање за верата и Христа. Свети Јован Крстител пострадал затоа што не сакал да се покори на гревот и неправдата. Им докажал на луѓето дека пред Бога никој нема привилегии, па ниту најголемите народни управители. Свети Јован и денес е истиот за нас. Единствено тој имал смелост и право да го упати пламениот повик: Покајте се! Овој повик е актуелен и денес, кога сe потешко е да се најде трага Божја во животот на луѓето. Тие и денес го прават само она што им е угодно на телото и затоа се толку духовно слаби, попустливи и плашливи, без возвишен идеал. Доколку барем еден миг во деноноќието посветиме на размислување за овие Јованови зборови и доколку ја разбереме нивната вистинска смисла, животот на луѓето духовно би се преобразил кон добро, а сигурно и многу зла во светот би се намалиле.

Времето на Свети Јован се повторува и денес. Колкумина се откажуваат од вистината за да угодат некому и да ја зачуваат својата висока позиција, или пак, да се здобијат со некој интерес или богатство? Колкумина денес страдаат и се жртва на туѓи интереси? Затоа е потребно покајание, како средство за духовно преобразување и согледување на сопствените гревови кон Бога и луѓето. Зарем има нешто поголемо и повредно, од тоа кога луѓето ќе си подадат рака, кога скараните ќе се смират и оние кои се навредиле ќе си простат? Или кога пред Бога ќе застанеме со отворено срце и ќе речеме: Господи, прости ми, оти згрешив! Тоа е појдовната точка кон морална преродба на човекот и почеток кон нашето духовно совршенство. Ете, затоа и денес, Свети Јован повторно повикува да се покаеме за нашите гревови и да се одвратиме од злото кое постојано нe опкружува“.
Обраќајќи се кон ероѓаконот, тој му посака: „Ти брате, Макариј, го избра вистинскиот пат на сопственото духовно совршенство и спасение на душата, со откажување од светот преку монашкиот завет даден во овој свет манастир, на овој богоизбран ден. Божјата пофалба нека ти биде светлина на патот кон духовното совршенство, а монашките завети непогрешно раководство кон царството Небесно. Носи го достојно и ероѓаконскиот чин за кој денес Бог те избра“.
Така, прославувајќи ја и годинешнава манастирска слава во Свети Јован Бигорски, стануваме свесни дека возобновениот монашки живот, сведочи оти наполно е вратен духот на неговите светли претходници (игумените: архимандрити Партениј Зографски, Арсениј, Митрофан и др., потоа преродбеникот Ѓорѓи Пулески, мноштвото неимари, зографи, резбари, учители итн.).
Бигорскиот манастир бил стожер и вековен неизгаслив светилник на македонската народна просвета во кој, покрај ќелијно – монашкиот, пулсирал сестран живот и стремеж за просперитет, создавајќи преродбенско влијание за национална и црковна самобитност, која се огледа во плодовите што ги придобивме ние, современите генерации македонски православни верници: самостојна Македонска држава и возобновена автокефална Охридска Архиепископија.
Протоереј Љупчо Двојаковски