Претседателот на македонското друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај во посета на Бигорски манастир

Претседателот на македонското друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај, во рамки на престојот во државава, на 06.08.2025 година го посети и познатиот Бигорски манастир.

Покрај средбите со првите луѓе на неколку општини и институции, неизоставно, како и секогаш престојував во Бигорски манастир, кој дава голема поддршка за нас Македонците во Албанија, информираше Ѓурѓај.

Секогаш ми е задоволство, додава, да се сретнам со отците во ова светилиште, како и сега остварената со архимандрит Кирил, на која непосредно го запознав со проблемите со кои се соочуваат Македонците во Албанија, како и со активностите на друштвото.

На срдечниот разговор искажан е заеднички став за унапредување на соработката, но и продолжување на помошта што Бигорски манастир ја дава за црквите каде што живеат Македонци во Албанија, нагласи Ѓурѓај, кој за манастирот донирал примероци од изданијата на весникот “Илинден”.

До сега, покрај другото Бигорски манастир и подари 12 икони на црквата „Свето Преображение“ во селото Ербеле, област Поле или Долни Дебар, кое се наоѓа во близина на албанско-македонската граница кај Дебар, каде што некогаш живееле голем број Македонци.

Во оваа една од најстарите и најзачајни цркви во овој дел на Албанија, дарувањето на иконите следуваше по средбата на Ѓурѓај со епископ Антаниски г. Партениј, игумен на манастирот.