Во служба реставрираниот литиен крст стар два века

По пауза од речиси едно столетие, годинешната велигденската литија на Бигорскиот манастир ќе ја предводи реставриран литиен крст на манастирот, изработен од сребро, делумно позлатен во 1814 година, во Елбасан, Албанија. Овој вреден црковен предмет има своја историја како повторно доаѓа до израз да биде ставен во црковна служба.
– Прекрасно реставриран, зачувавме вреден црковен предмет стар над два века – рече бигорскиот игумен, архимандрит Партениј, кој беше мошне радосен и среќен кога му го донесоа рестврираниот литиен крст.

Со претворањето на манастирот во споменик на културата во 1948 година, за бигорската црковна ризница речиси никој не се грижел, многу предмети, како што се сеќаваат жителите на долнореканските села, исчезнале прекуноќ. Имало чесни верници верни на Бигорскиот манастир, се грижеле и не дозволувале да се отуѓат вредните црковни предмети од непознати лица, така што ги земале од манастирот и ги носеле во приватни колекции. Така, во деновите на снимањето на филмот „Бановиќ Страхиња“, во ноември 1986 година, во Бигорскиот манастир имаше многу лица ангажирани во снимањето на филмот од сите краеви на СФРЈ. Неколкумина чесни луѓе, пред сѐ верници, имале претчувство и стравувале чесниот крст заедно со руипидите, кои се многу вредни, да не бидат украдени, па ги зеле и му ги предале на чување на познатиот охридски кујунџија Вангел Деребан, кој ги заштитил крстот и руипидите. На почетокот на деведесеттите години на минатиот век, Деребан, кој бил во минати години, им ги предал во митрополијата на Дебарско-кичевската епархија. За да се врати првобитниот сјај на овие реликвии, значајни светии за Бигорскиот манастир, пред неколку месеци отец Партениј ги дал на реставрација кај најдобриот реставратор во Солун и пред некој ден, во пресрет на светлото и славно Христово воскресение, беа донесени во манастирот, по извршената квалитетна реставрација.