Зошто е потребно религиското образование во јавните училишта? – монахиња Ефимија Зајковска

Во современиот демократски контекст, дилемата околу религиското образование во македонските јавни училишта останува отворена. Копјата се кршат околу принципот на секуларност, кој подразбира одвојување на државата од верските заедници. Сепак, овој модел на уредување на нивните меѓусебни односи никако не повлекува ригидна линија и не значи целосно исклучување на религијата од јавниот живот – особено не од образованието. Напротив, државата има одговорност да ја препознае вредноста на религијата како чинител што придонесува за меѓусебна толеранција, разбирање, мир и културен дијалог.

Историјата покажува дека игнорирањето на верската компонента во образованието не води кон неутралност, туку кон нова форма на дискриминација – кон верниците и нивните права. Советот на Европа уште во 2007 година (Препорака бр. 1804) предупредуваше дека образованието е клуч во борбата против игноранција и стереотипи. Религиското образование, во тој контекст, не е закана за секуларноста, туку средство за изградба на отворено и демократско општество.

По Втората светска војна, социјалистичкиот режим во Југославија го исклучи религиското образование од училиштата, следејќи ја марксистичката идеологија која ја третираше религијата како форма на заостанатост. Иако Уставот на ФНРЈ формално ја гарантираше слободата на вероисповед, во практика, верниците беа стигматизирани, а религиозната едукација беше потисната.

Со распадот на Југославија, повеќе држави, како Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија, го вратија религиското образование во јавните училишта. Во Македонија, пак, веронауката накратко се врати во 2002 и 2008 година, но секој обид за нејзино етаблирање во јавното образование беше укинат од Уставниот суд, со образложение дека го нарушува принципот на секуларност. На крај, во 2009 година беше воведен предметот Етика во религиите, како задолжително изборен предмет во VI одделение, кој од секуларна перспектива ги обработува моралните аспекти на уставно признатите религии. Сепак, во новата Концепција за основно образование (2021), овој предмет доби маргинален статус како слободно-изборен, со што неговото позитивно влијание речиси исчезна.

Меѓународни документи и обврски

Правото на религиско образование е поткрепено со повеќе меѓународни документи:

-Член 9 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) гарантира слобода на мисла, совест и религија;

-Член 18 од Универзалната декларација за човекови права, како и член 18 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, го вклучуваат правото на религиско образование како дел од слободата на вероисповед;

-Првиот протокол на ЕКЧП (член 2) ја обврзува државата да го почитува правото на родителите да обезбедат образование за своите деца, согласно нивните верски убедувања;

-Декларацијата на ООН од 1981 година ја потврдува обврската државите да не ги дискриминираат децата по основ на вера и да им овозможат верско образование согласно желбите на родителите.

Овие документи покажуваат дека религиското образование не е привилегија, туку основно човеково право, чија реализација не ја нарушува секуларноста, туку напротив, ја зајакнува демократијата.

Образовни и општествени придобивки

Религиското образование во јавните училишта претставува значаен дел од воспитно-образовниот процес, особено во неговата етичка и морална димензија. Религијата не е само систем на верувања, туку и носител на вредносни норми и културни традиции кои ја обликувале моралната свест на човештвото. Преку религиското образование, учениците се запознаваат со суштинските одговори за смислата на животот, правдата, одговорноста и достоинството.

Во услови на глобализација, изразен индивидуализам, релативизација на вредности и општествени кризи, религиското образование може да понуди стабилен етички компас. Неговата цел не е догматско наметнување, туку развивање на култура на дијалог, почитување на различностите и критичка етичка свест. На тој начин, училиштето нема да претставува само место за стекнување знаења, туку и за формирање личности способни да ја обединат интелектуалната зрелост со моралната одговорност.

Европските искуства укажуваат дека интегрирањето на предмети како „Етика во религиите“ во наставните програми има клучна улога во поттикнувањето на социјална кохезија и развојот на меѓуверска толеранција. Таквите предмети овозможуваат систематско препознавање на заедничките вредности кои се дел од различните религиозни традиции, како и критичко и комплексно разбирање на историските, уметничките и културните контексти кои се тесно поврзани со религијата. Во таа перспектива, современите демократии одамна препознаа дека занемарувањето на религиозната димензија во образованието, не само што води кон потценување на сопственото културно и духовно наследство, туку и кон губење на суштински ресурс за формирање и одржување на општествената кохезија. Затоа, религиозното образование во јавните училишта се третира како фундаментален инструмент, кој не само што обезбедува зачувување на националниот идентитет и традицијата, туку и овозможува воспоставување на меѓукултурна свест и промовирање на демократски вредности.

Време е за нов пристап

Во плурални и мултиетнички општества како македонското, религиското образование не смее да се гледа како обид за индоктринација, туку како алатка за воспитување на граѓани со отворен ум, емпатија и разбирање. Тоа е посебно важно за спречување на фундаментализам, дискриминација и радикализација – ризици кои се зголемуваат во средини без здрав и балансиран пристап кон религијата.

Во македонскиот контекст, религијата е тесно поврзана со културното наследство, па оттаму, отфрлањето на религиозниот аспект во образованието претставува културна стерилизација. Македонското општество мора да ги надмине стравовите и идеолошките предрасуди од минатото. Во оваа смисла, се очекува владеачката десно ориентирана демохристијанска политичка гарнитура да го изрази својот полн демократски капацитет и да ја исправи големата неправда настаната со кршењето на правото на религиско образование за децата од Македонија, како и да ја сопре сè посилната дискриминација врз професионалниот кадар, обучен да го систематизира и предава овој вид образование во јавните училишта. Време е политичарите да разберат дека етичко-религиското образование е нераскинлив дел од демократската зрелост на една држава. Тоа не значи враќање на Црквата во училиштата, туку обезбедување рамноправен пристап до образование кое ја опфаќа целината на човечкото искуство, вклучително и духовното.

Вклучувањето на религијата во јавното образование, во рамки на неутрални, секуларни и плуралистички принципи, ќе придонесе за изградба на граѓани кои се способни да живеат заедно и да ја ценат културната и верската разновидност на своето општество.

Тоа е не само легитимна, туку и неопходна цел на секој современ образовен систем.