Како и претходните осум години наназад, и оваа година Божикниот базар во Кичево со чест и благодарност го пречека нашиот почитуван старец, епископот Антаниски г. Партениј, чијашто појава меѓу кичевчани секогаш носи радост, топлина и благослов.
Имено, вчеравечер, на празнично украсениот плоштад, јасно се чувствуваше љубовта и благодарноста на граѓаните кон својот духовен татко, кој веќе триесет години неуморно работи на нивата Господова, грижејќи се за Христовото стадо со непрестајна пожртвуваност и со тивка татковска грижа.
Божикната атмосфера беше збогатена со богата културно-уметничка програма: настапи на пејачи, игроорци и хорови, присуството на славното кичевско вовче, детска радост околу рингишпилот, како и штандови со крофнички, божикни колачи, украси и рачни изработки подготвени од вредните раце на кичевчани.
Со особена радост, владиката Партениј им подари божикни пакетчиња на сите мали деца, внесувајќи уште повеќе светлина и насмевки во овој празничен настан. Во името на кичевчани, пак, со топол збор кон Старецот се обрати г. Бошко Сарафилоски:
Ваше преосвештенство, наш возљубен владико и духовен татко, г. Партениј,
Почитувани мои сограѓани, браќа и сестри
Во оваа Божикна ноќ, кога небото тивко се наведнува кон земјата, кога срцата ни се отворени и душите омекнати од радоста на Христовото Рождество, ни претставува огромна чест и благослов да Ве имаме помеѓу нас. За Кичево, Вие не сте гостин – Вие сте присуство што трае. Татковски глас што не слуша секогаш, но секогаш се чувствува, а ние чувствуваме дека имаме татко кој нѐ има секогаш во своите молитви.
Во годините кога многу луѓе останаа без утеха, без потпора, без тивок збор што води, Вие за нас станавте оној кој нѐ собира, нѐ враќа и нѐ исправа без осуда, без гордост, но со љубов што лечи. Нѐ учевте дека верата се живее – не се покажува, дека љубовта се дава – не се бара, и дека смирението е најголемата сила на човекот.
Ваше преосвештенство,
Вие нѐ учевте со пример, не се строгост туку со разбирање и љубов. И затоа Вашиот збор допира, а Вашата тишина лечи. Многумина од нас вечерва овде стојат како Ваши духовни чеда. И тоа не е само духовна констатација, тоа е животна вистина. Затоа што духовен татко е оној кој те гледа и кога молчиш, кој те препознава и кога си далеку, и кој се моли за тебе, кога ти самиот немаш сила за молитва.
Владико наш,
Од 2010 година, за мене лично Вие сте токму тоа – татко по дух. Човек пред кого не мора да се глуми сила и пред кого слободата не е срам, туку почеток на сѐ. Во ова време кога светот гласно зборува, а малку слуша Вие нѐ учите како да се служи на ближниот.
Од името на кичевчани, од името на сите Ваши духовни чеда овде, и од моето синовско срце, Ви благодариме што нѐ носите во молитвата, што не нѐ оставивте сами на патот и што нашето и Ваше Кичево има место во Вашето големо татковско срце.
Нека Бог Ви подари здравје и сила, а ние како Ваши духовни чеда ветуваме дека ќе бидеме достојни за љубовта што ни ја давате. Добредојдовте, владико на нашите срца! Добредојдовте во нашиот заеднички дом!
Христос се роди!
На овие полни со љубов и искреност зборови, Преосвештениот Антаниски возврати со благодарствени и поучни зборови, упатени кон сите – зборови што, како и секогаш, останаа како тивка духовна поука и благослов:
Христос се роди, мили мои кичевчани! Нека ни е за многу години!
Од сѐ срце се радувам што Кичево го гледам вака весело и што Божикниот базар прерасна во едно навистина прекрасно дружење во овој убав град со голема историја! Помнам како со голем ентузијазам на сестринството од Пречиста и на вредните и благородни Кичевчани – секогаш подготвени за добро дело, поттикнати од нивното заедништво со манастирот, со Црквата – и благодарение на добрата волја од страна на општината, за првпат во Македонија, најпрвин овде, на овој градски плоштад, се постави голема Божикна пештера, заедно со Божикно дрво. Тоа беше вистинска реткост; можеби никаде во нашата татковина, на ниеден градски плоштад не беше поставена Божикна пештера дотогаш како овде. Тоа се должи на фактот што кичевчани се борбени луѓе и токму тоа ги одржало низ вековите, а и понатаму ќе ги одржува, та и понатаму да не отстапат пред налетите на злото што го опкружува целиот свет. И токму единството е она што може сите да нѐ држи силни и сплотени во доброто, и само единството со Бога и помеѓу нас нѐ води кон благобитие и напредок.
Тоа се покажува, возљубени мои, во вашиот град во овие изминати години, во кои со голем восхит, во љубов и единство, се празнува славниот спомен на Рождеството Христово. Она што се случува овде не е нешто надворешно, стихијно или случајно, туку плод на една долготрајна и макотрпна духовна работа и соработка.
Со особено внимание го слушав обраќањето на моето духовно чедо Бошко, кое со зборови ги изрази срцата на сите вас, кичевчани. И длабоко ме трогна она што го рече: дека јас во овој град не сум гостин. Верувајте, така и се чувствувам. Навистина се чувствувам како еден од вас.
За Кичево ме врзуваат многу убави спомени. Но најубавите од нив не се места или настани, туку срцата на луѓето што ги запознав, и особено многубројните духовни чеда, кои уште од пред дваесет и повеќе години доаѓаа во Бигорската света обител. Тоа беше време кога беше реткост човек да се исповеда, да бара света Причест, да започне вистински, воцрковено да го живее православниот живот. Во тој поглед, Кичевчани беа корифеи меѓу повеќе градови. Иако малубројни, тие беа храбри, истрајни и решителни. И еве, денес јасно ги гледаме плодовите на таа нивна постојаност во духовниот живот.
Токму затоа сакам особено да ги поздравам тие свои први духовни чеда и да им кажам дека моето срце е и нивно, а знам дека и нивните срца се мои, зашто сме обединети во Христа. Денес јасно се гледа колку беше важна таа нивна упорност, зашто духовниот живот навистина не е лесен. Денес, повеќе од кога било, е вистинска уметност човек да живее духовно во свет исполнет со соблазни и расеаност.
Но, еве ги плодовите. Самиот Господ ни сведочи во светото Евангелие, обраќајќи им се на Своите ученици, а преку нив и на сите христијани: Вие сте солта на земјата и Вие сте светлината на светот[1]. Со овие зборови Христос ни укажува дека, иако вистинските христијани можат да бидат малку на број, тие имаат огромна одговорност: да бидат пример, сведоштво и светлина за другите. Зашто ние веруваме во Бог на светлината, Кој се откривал низ целата историја – од создавањето на светот, преку пророците, и накрај се јави во полнотата на времето, на Божик. Он се јави така што дојде во светот, иако Бог, станувајќи човек, се сокри во пештера, на таинствен и смирен начин. И како што тогаш можеше да се јави таинствено, така и денес се открива. А каде? Во срцата на луѓето кои Го бараат. Токму затоа им се откри и на мудреците од Исток, кои долго време бараа, истражуваа и размислуваа. Тие беа астрономи, луѓе на науката за своето време, кои не застанаа на површината, туку бараа одговори на најдлабоките прашања. И накрај, Господ им се откри и ги повика во Витлеем, за да Му се поклонат на новородениот Цар – Цар Кој се роди во пештера, во штала. Таков е нашиот Бог: Бог на смирението, Бог на светлината и Бог Кој сака да го спаси светот, не со сила, туку со љубов.
Она што е најважно оваа вечер, возљубени мои, е да разбереме дека Божик е празник на Божјото доаѓање. И не само на Неговото некогашно доаѓање во историјата, туку, пред сè, празник на Неговото доаѓање во нашите срца. Промената најнапред се случува во човекот. А кога ќе се променат повеќе луѓе, тогаш започнува и преобразбата на околниот свет – тивко, незабележливо, но суштински. Тоа во овие две илјади години историја многупати се покажа на дело. Христијаните биле оние кои, во различни времиња, ги преобразувале општествата и го менувале светот на подобро, но секогаш почнувајќи од себе. Зашто Господ не нè повикува на бунт, ниту на протест против другите, за преку надворешен притисок да изнудиме промена. Напротив, Он нè повикува на внатрешно покајание и преобразба, да Го примиме во сопственото срце. А кога тоа ќе се случи, тогаш без зборови и без насилство ќе се преобразуваат и оние околу нас. Токму затоа Христос дојде во Витлеем. Токму затоа го прегрна целиот свет на таинствен начин, станувајќи вистински Човек. И зошто? Свети Атанасиј Велики ни го открива тоа со една кратка, но најсуштинска реченица: „Бог стана човек, за човекот да стане бог.“[2]
Гледате ли, возљубени мои, кое е нашето предназначение?
А сепак, самите сме сведоци какви сме ние, христијаните. Колку пати сме причина за раздори и неслоги; брат со брат не се сака, христијански држави меѓусебно војуваат, луѓе се убиваат. Сето тоа сведочи дека често сме далеку од нашиот премил Бог, Кој нè прегрнува со љубов. Затоа, да започнеме да се менуваме. Секој празник во Црквата има за цел да ни даде пример и поука, да нè повика на конкретен духовен чекор. А овој голем празник, втор по големина по Христовото Воскресение, нè повикува јасно и решително да тргнеме по Христовиот пат, да се преобразиме.
Ви благодарам на сите што внимателно ме слушавте. Ве молам за вашите молитви и за вашата љубов. Ви го посакувам вашето единство во Христа со сите луѓе од овој град, без разлика на верата и нацијата. Христијаните се повикани да го прегрнат секој човек, без разлика на неговата вера, нација, лични определувања или уверувања. Ние сме повикани да љубиме, како што Он го возљуби светот, иако светот Го гонеше и не Го прими. И денес, за жал, е истото.
Од срце им благодарам на членовите на хорот „Митрополит Козма Пречистански“, кој постојано расте благодарение на вашите добри срца, кичевчани, и благодарение на родителите што ги испраќаат овие деца да учат нешто највозвишено: како најнапред да станат добри, Христови луѓе. Нашата благочестива вера токму на тоа нè учи. А има ли човек кој не сака да биде добар? Сите го сакаат тоа. А патот е еден: Евангелието и Оној Кој заради нас се роди во пештера.
Овие деца секогаш се радуваат и ги радуваат нашите срца. Тие често се присутни на светите Литургии каде што служиме, и народот се трогнува до солзи кога тие се молат и пеат. Денеска во Пречиста ми подарија вистинска духовна радост. Во своето обраќање кон нив реков дека тие пеат исконско православно пеење, кое воопшто не е лесно за изучување. Тоа пеење користи посебна нотација – не западната петолиниска, туку византиска, која е поинаква, но длабоко прецизна, совршена и богословски проникната. И тие деца со труд и љубов ја усвоија.
Им благодарам посебно и на организаторите на базарот, кои со љубов се трудат да ги израдуваат срцата на кичевчани, без разлика на нивната вера и етничка припадност.
Ако некого ненамерно сум пропуштил да спомнам, нека ми прости.
Уште еднаш, од срце, ви посакувам убав Божик и благословена промена на срцата – кон подобро.
Да сте живи и здрави! Христос се роди!
Божикниот базар и оваа година посведочи дека празникот на Христовото Рождество не е само настан, туку жива заедница, средба и радост во која Кичево препознава една духовна љубов и благословено присуство.
[1] Матеј 5, 13-14.
[2] Свети Атанасиј Велики, За воплотувањето на Словото, 54, 3.































