На 6 и 7 октомври 2018 година, во Калишта, се одржа јубилејниот Архиепископски црковно-народен собор на МПЦ-ОА, по повод 60-годишнината од Вториот црковно-народен собор, одржан од 4 до 6 октомври 1958 година, на кој беше прогласено возобновувањето на Охридската Архиепископија и беше избран првиот Архиепископ г. Доситеј.
Соборот, под претседателство на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан, започна со заседавање утрото на 6 октомври, при што беа донесени неколку незначителни измени во Уставот на МПЦ-ОА, од административен карактер, откако беа заверени и потврдени неколку веќе донесени одлуки на Светиот архиерејски синод, како потврдувањето на поделбата на Австралиско-новозеландската епархија и поранешната епархија Полошко-кумановска на два дела итн.
Вечерта, во катедралниот храм на Божјата Премудрост – Света Софија во Охрид беше одржана свечена академија на која беседеше Неговото Блаженство г. г. Стефан, а беше презентиран и архивски видео материјал од Вториот црковно-народен собор од 1958 година. Академијата беше затворена со црковни песнопенија во исполнение на хорот од браќата на нашата Света Обител.
Утрото на 7 октомври, во Света Софија беше отслужена синодална архиерејска Литургија, со која официјално беше завршена работата на Соборот.
Треба да се забележи дека Црковно-народниот собор е пракса која за првпат се појавува во 18-от век во Српската православна црква, за време на Хабсбуршкото владеење, со цел да се влијае или да се ограничи одлучувањето во Црквата од страна на надворешни фактори. Во СПЦ ова тело е укинато веќе од 1911 година, а сè повеќе се приврзаниците кои го делат мислењето дека и во МПЦ-ОА треба да се укине или да добие само церемонијален карактер, бидејќи според црковните правила, највисокото раководно тело во Црквата е Соборот (Синодот) на архиереите. Според сегашните правила, највисоко раководно тело во МПЦ е Црковно-народниот собор, кој има власт да ги потврдува, односно ревидира синодските одлуки и да носи резолуции и заклучоци, што е апсурд, земено предвид дека во него учествуваат лаици – што имаат еднаков глас како и архиереите, а се многу побројни – така што неретко се носат политички мотивирани одлуки и пораки, како на конкретниов собор, заради влијаење на јавното мислење, а кои засегаат теми што не се во надлежност на Црквата, туку на соодветните државни институции.