Чoвекот – тoа е образ Божји, па затоа невозможно е да се љуби Првообразот, без да се љуби Неговата икона, Неговото изображение – човекот. Не пишува ли Апостолот на љубовта, Свети Јован Богослов, вака: Ако некој рече: „Го сакам Бога“, а го мрази својот брат, лажец е: оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел? (1. Јован 4, 20) И ете, токму со силата на таа Божествена љубов, Христијанството блескаво се пробило во темнината на овој свет и положило темели на она што ние денес го нарекуваме духовно благородство, морална честитост, возвишена култура, хуманост, христијанска цивилизација. А стариот континент, Европа, таа лулка на префинетоста на човечката мисла, на убавината и на правото, потквасена од квасот на апостолското учење и крвта маченичка, нераскинливо се сврзал со оваа христијанска култура. Еве и дваесет века после апостолската проповед на нејзино тло, и покрај општата криза на духовните вредности, и покрај сите експерименти кои не се собразуват со нејзината духовна култура, таа и натаму не заборава да го цени и наградува она што е добро, хумано, богољубиво и човекољубиво.
Во рамките на својата програма „Наградување на исклучителни Европјани“, чијашто цел е да ги поттикнува хуманоста, мирот и доброљубието, Европскиот парламент награди педесет поединци и организации, меѓу кои и нашиот возљубен старец и игумен, Архимандрит Партениј. На главната церемонија која се одржа на 9 октомври, во топлата атмосфера во една од свечените сали на Парламентот на Европската Унија во Брисел, во присуство на многубројни европратеници и гости, од страна на вицепретседателот на Европското собрание, г-ѓа Силви Гијом, на лауреатите официјално им беше врачена грамотата за почесниот европски медал. Потоа добитниците на оваа исклучителна награда беа поздравени и од Претседателот на Парламентот, г. Антонио Тајани. Меѓу наградените имаше луѓе и организации од разни општествени сфери, а дел од нив беа и припадници на православното Христијанство.
Така, добитници на наградата „Европски Граѓанин“ беа и неколку добротворни организации од Романија, Грција и Кипар, од кои едната, „Кивотот на светот“, е раководена од православниот свештеник, отец Антониј од Грција, а се занимава со помагање и згрижување на напуштени и незаштитени деца. Меѓу добитницте се најде и академик Пјер Маврис од Франција, главниот иницијатор на програмата за размена на студенти „Ерасмус“. Најстариот лауреат е г. Михаи Сора од Романија, философ и есеист, роден во 1916 година. Тој одржа прекрасен говор, во кој нагласи дека имал можност да ја види Европа во урнатини, крв, раскината од војни, поробена од диктаторски режими, и затоа сега многу се радува што ја гледа обединета, со демократски дух. Свеченоста за лауреатите продолжи и следниот ден, на 10 октомври, кога тие имаа можност да се запознаат со Европскиот парламентариум и со историјата на Европската Унија.
Среде бројните личности коишто му честитаа на отец Партениј за големата награда беа: сегашниот Претседател на Европскиот парламент, г. Антонио Тајани, поранешниот, г. Ханс Герт Петеринг, заменик-претседателот, г. Димитриос Пападимулис, како и неколку други политичари од Европската Унија. Со сите нив отец Партениј разговараше за евроинтеграцијата на Македонија и ги замоли да помогнат во тој процес.
Наградата „Европски Граѓанин“ била воведена во 2008 година, а Европскиот парламент ја доделува на граѓани и организации, коишто дале значителен придонес или исклучителна посветеност за подобро взаемно разбирање и потесна интеграција меѓу граѓаните на ЕУ, или за подобрување на прекуграничната и транснационалната соработка во ЕУ; придонес и за долгорочна, прекугранична и транснационална културна соработка што го зацврстува европскиот дух и хуманоста; за негување на вредностите опишани во Повелбата за основни човекови права во Европската унија. Таа е претставена преку почесен медал и грамота, потпишана од Претседателот на Парламентот.
Краткото резиме за личноста на отец Партениј, коешто беше поместено на табло во салата, напишано на четири јазици (англиски, бугарски, македонски и француски), гласеше вака:
*Манастирот Св. Јован Крстител е православен манастир во западниот дел на Република Македонија
Архимандрит Партениј беше предложен за лауреат од страна на европратеникот од Р. Бугарија, г. Андреј Ковачев, и откако предлогот беше одобрен од бугарската комисија, тој беше изгласан и од европската комисија, со што станува првиот македонски граѓанин добитник на ова големо признание. Република Бугарија е најголемиот поддржувач за европската интеграција на Република Македонија.
Најсрдечно им благодариме на г. Андреј Ковачев и неговите соработници за несебичната љубов со која нѐ пречекаа во Брисел и особено за тоа што посакаа да ја наградат целокупната дејност на нашиот старец. Бог да им ги умножи љубовта и добрината и да ги награди со небесна награда!