30-годишнина од возобновениот монашки живот

Блажена е нашата света Црква, втемелена на крвта на оние кои Го возљубиле благиот Христос повеќе отколку сопствениот живот. Блажени сме ние, Христовите луѓе, што се удостоивме секојдневно да го имаме пред очи примерот на ова храбро и бескомпромисно исповедништво на верата. Оти, навистина, нема поголемо сведоштво за Христовата љубов од примерот на светите маченици и исповедници, кои како блескави сведоци што Црквата ги слави и чествува, зборуваат низ своите свети дела колку е велик нашиот Бог. Ете и денес, спомнувајќи си за маченичкиот подвиг на една мала по раст, но во верата голема и непоколеблива света девица, маченицата Христина, во срцата тивко благодариме што и нас, добриот и човекољубив Господ нè повикал на едно такво сведочење во овој свет, кој толку многу има потреба од Христовата светлина.

Бигорската, пак, света Обител, денес има уште еден не помалку значаен повод за славје – монашкиот јубилеј на својот старец, Епископот Антаниски г. Партениј, кој подобно на светата маченица Христина, веќе 30 години принесува бескрвно сведоштво на олтарот на Христовата љубов, излевајќи ја крвта на својата духовна жртва за чедата што ги примил на своите плеќи и смирено ги носи на патот кон спасението во Христа. Затоа, денес блесна во полн сјај благодарноста на бројните монашки рожби, заедно со притекнатите верници, кои дојдоа при својот духовен татко, за да ја споделат со него радоста на заедничкото служење и да му посакаат благодатни сили и здравје, за уште долги лета да гори како огнен факел, сведочејќи им ја на сите неискажливата благост на Христовата љубов.

Триесет години непрекинато носење на крстот на монашкото служење, со љубов, трпение и непоколеблива вера. Триесет години плодна мисија на создавање на духовни рожби, на препород на монаштвото кое низ вековите сведочи за непресушната животворна моќ на Христовото воскресение. Триесет години монашка мистагогија, три десетлетија вдахновено патување низ длабочините на Божјата благодат. Пат на секојдневно отворање на срцето кон Духот Свети, на неуморно смирување, поттикнато од молитвата и подвигот, на распетието и секојдневната жртва што ја претвора душата во жив храм на Отецот небесен. Триесет години пат на обнова и воскресение, на постојано умирање за себеси и раѓање во Христа, на раѓање на нова духовна суштина, која се одликува со љубов, со смирение, со несебичност и трпение. Пат кој го исполнува монашкото срце со непресушна радост и надеж, како одговор на Божјиот повик кон светоста и единство со Него. „Сè можам преку Исуса Христа Кој ме крепи“ (Филип. 4,13), беше водечка светлина во овие години, како и едно друго апостолско слово: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“ (Гал. 2,20).

Триесет години од монашкиот потстриг во сведоштво за верност, во неуморна посветеност и во пожртвувана љубов кон Бог и кон луѓето, кои го направија патот на монаштвото не само негов личен подвиг, туку и животворен извор на благослов и утеха за сите кои го следат и го љубат. „Крепост моја и воспевање мое е Господ и Он ми стана за спасение“ (Пс. 117,14) – оваа вистина ја живее и ја сведочи во секој миг на своите живот и служба оној кој нѐ роди во Христа.

Оваа светла јубилејна година е како славословен воспев, како песна на благодарност и восхит кон небесната промисла, која го повика и го водеше нашиот Старец низ радостите и искушенијата, низ тагата и утехата, низ мракот и светлината, низ крстот и воскресението, со едно единствено срце исцело посветено на љубовта Христова.

Нека Господ Бог ви даде, старче наш свет и возљубен, да продолжите со дух на мудрост и откровение, во крепкост и здравје, во бројни и благословени години, исполнети со сила и слава Божја!

Во овој благословен јубилеј од возобновата на монашкиот живот, ние, браќата и сестрите од манастирите под духовното раководство на нашиот возљубен Старец, се собравме, со срца исполнети со благодарност и љубов, на синаксис во свечениот манастирски сионодикон. Таму Старецот нѐ почести со својата родителска љубов, споделувајќи трогателни спомени од почетоците на својот монашки подвиг, како и вдахновени монашки наставленија:

Ви благодарам, возљубени мои, што се сеќавате на годишнините поврзани со обновата на монаштвото. Впрочем, вие секоја година го одбележувате денот на моето монашење како некаква годишнина. Но, навистина, оваа година е посебен јубилеј – цели триесет години откако, токму на оваа вечер, спроти празникот на светата маченица Христина, во храмот на свети Јован Крстител, го примив светиот рамноангелен монашки потстриг.

И ден-денес, кога ќе си спомнам на тој велик и светол за мене настан, срцето ми се исполнува со солзи. И како да не се трогнувам кога говорам за тоа?! Зашто знам: Господ е Оној Кој ме донесе. И да бидам искрен, тогаш не сакав. Монасите го знаат тоа – многупати сум им зборувал дека во тоа време навистина немав желба да станам монах. Кога настапи часот да дојдам тука, желбата некако беше избледена. Претходно, на дваесетгодишна возраст силно копнеев да станам монах – сѐ правев за тоа. Сѐ оставив зад себе и тргнав на Света Гора. Но, откако се вратив оттаму, до мојата дваесет и петта година, тој порив некако почна да стивнува. Единствено нешто кое ми беше знак дека треба да станам монах и тоа токму во Македонија, беше преподобниот старец Паисиј Светогорец. Тој ми беше единствениот знак што ме водеше, што ми беше светило.

Имено, кога бев да го посетам во неговата ќелија Панагуда – тоа беше околу две години пред да дојдам во Бигорски – разговарав со него. Монасите и монахињите го слушнале ова сведоштво повеќепати, но добро е да се повтори. Корисно е да го повторуваме, за да си спомнуваме како Бог на сите ни дава знаци и нѐ води во животот. Бог однапред знае сѐ. Знаел и каков ќе бидам на тие мои дваесет и пет години кога ќе дојде часот да бидам повикан. Човек не може да ја знае иднината. И старец Паисиј како човек не можеше сам да ја знае целата иднина. Но Бог на Своите избраници им дава просветление во моментот, според верата на оние кои им пристапуваат со доверба, со искреност и со духовна жед.

Така, во текот на разговорот со старец Паисиј, меѓу другото, го прашав: „Старче, не знам што да правам: да се оженам ли и да останам во Битола? Еве, постои можност да станам свештеник. Или, пак, да станам монах? Навистина не знам што да направам.“ А тој, без никакво двоумење, со одлучност и мир во погледот ми рече: „Не, ти нема да се ожениш. Ти ќе станеш монах.“ Се обидов да му објаснам: „Но, старче, кај нас нема услови… Се обидов, бев расофор во еден манастир, но тешко оди сето тоа. Знаете, кај нас се прекинало црковното предание, нема живо монаштво, нема духовници, нема старци…“ Тој, пак, со истата сигурност ми рече: „Не се грижи, ти ќе бидеш монах; кога ќе дојде време, ќе те викнат по телефон, за да ти дадат еден манастир.“ Да бидам искрен, тогаш не можев да поверувам во овие зборови, ми звучеа речиси како шега, како утеха со насмевка. Старецот знаеше, дури и кога зборуваше сериозно, да каже нешто духовито, да внесе некаква леснотија, некоја духовна ведрина што те смируваше.

Тој ден околу седумдесетина луѓе чекаа да го видат. Јас бев при крајот на редот, и не сакав толку долго да чекам. Се снајдов, би рекол, малку итро, и се упатив до блискиот манастир Кутлумуш, за таму да се поклонам и да одморам додека помине редот. Подоцна се вратив кај дедо Паисиј, како последен. И, иако веќе поминале многу души пред мене, Старецот и понатаму беше ведар, полн со љубов и радост во Господа. Се чувствуваше дека, и покрај уморот, во него имаше неисцрпна сила што не беше од овој свет. Наместо да седнеме во ќелијата, ме фати под рака и заедно прошетавме низ дворот на Панагуда. Во таа свештена и пречиста атмосфера, тој ми ги кажа тие зборови што засекогаш ми се впечатија: „По телефон ќе те викнат од дома.“ Притоа, со татковска грижа ме опомена: „Да не се оддалечуваш од Црквата, ниту од светата Причест. Да одиш, да пееш на певница, да се причестуваш редовно… И кога ќе дојде времето, по телефон ќе те викнат од дома, за да ти дадат манастир.“

И навистина, така и се случи. Еден ден, отец Зоран, мој школски другар, денес свештеник во храмот на света Параскева во Црниче, кој тогаш беше референт на блаженоупокоениот митрополит Тимотеј во Охрид, ми се јави по телефон. Всушност, тоа му го наредил владиката: „Јави му се на Зоран од Битола; тој бил на Света Гора, знае од монаштво, ако прифати, ќе му го дадам Бигорски.“ Зашто Манастирот беше празен, а немаше ни кој да биде испратен таму, откако државата, по долго време, го врати во владение на Црквата. И ете, се јави. А јас во себе немав никаква желба тогаш. Ревноста за монаштво беше тукуречи изгасната. Но, се сетив на зборовите на Старецот, коишто ми беа живо запаметени. Сè што ми кажа тој благодатен и впечатлив старец – сè ми остана впишано во срцето. Особено она: „По телефон ќе те викнат…“ – коешто, ви реков, ми се чинеше како да е малку на шала кажано. И токму тоа се случи. Телефонот заѕвони. Отец Зоран ми вели: „Брат, владиката те бара. Можеш ли да дојдеш утре во Охрид?“ И тогаш узнав дека ова е крајот на моето лутање. Господ ме повикува. Веќе не постоеше друго, тоа беше времето определено одозгора. Повикан сум, овде, сега, да станам монах. И ве уверувам, таа ноќ беше агонија за мене. Преживував борба, внатрешна бура, цела вечер, цела ноќ. Свртив пешки еден круг околу градот и по една долга прошетка, со интензивна борба во себе, се вратив пред портата од мојот дом. Оти си бев рекол: ќе излезам да прошетам и кога ќе се вратам дома, пред порта ќе одлучам што понатаму. И кога стигнав си реков: „Готово. Крај. Сега ќе решам, и тоа е тоа. Без да зборувам со никого за ова.“ Зашто бев свесен колку сум слаб. Доволно беше некој – а такви беа речиси сите, вклучувајќи ги и моите родители – да ме разубеди, и така ќе отстапев од волјата Божја. Затоа молчев. Влегов дома, ги спакував алиштата во едно мало куферче, и им реков на моите: „Одам неколку дена на одмор.“ И тоа утро заминав за Охрид, но наместо на одмор, отидов кај владиката, кај дедо Тимотеј. Следниот ден, заедно со владиката дојдовме тука, во Бигорски. Со нас беше и отец Иларион, тогаш ѓакон во Свети Наум, кој и самиот посака да дојде со нас. Нè донесоа, значи, овде, во бигорската светиња. И така започна монашкиот живот во манастирот. А на оваа вечер, спроти празникот на светата Христина, пред земската и небесната Црква ги положив своите монашки завети.

Така, значи, гледате дека сѐ е Божјо дело. Бог сакал. А ние само со смирение треба да ја исполнуваме Неговата света волја. Он нѐ избрал, според Својата неискажлива промисла, за апостоли во овој живот, без разлика на начинот. Некои од нас уште од младоста сме го чувствувале тој таинствен призив. И овде, многумина од браќата монаси го почувствувале тоа уште како деца, силно, трепетно. Како што и јас го чувствував. И колкупати сум ви зборувал: бегав од тој призив. Се молев Господ да ме ослободи. Ама, ете, Он посакал да бидам токму јас, иако тогаш се чувствував – а сега уште повеќе – за крајно недостоен. Но Бог, сезналец и премудар, гледа во срцата на луѓето нешто што ние не го гледаме. Па дури ни самите не знаеме зошто Бог токму нас нè избрал. Како што бил избран, на пример, и пророкот Мојсеј. Знаеме од Светото Писмо дека Мојсеј бил претходно првенец во Египет, па подоцна, откако убил еден Египќанец во одбрана на свој истородник Евреин, побегнал и се сокрил во пустината на Синај. И таму, во тишината на смирението и на молитвата, му се јавил Бог. Мојсеј, како и секој смирен човек, сакал да ја избегне одговорноста, се сметал за недостоен и за неспособен. Го молел Господа и велел: „Господи, не можам јас да го водам народот свој…“ И со смелост Го прашал: „А како Ти е името, за да знам што да им одговорам на синовите израилски кога ќе ме прашаат за Тебе?“ А Бог, Кој е пред сè, над сè и Кој му дава име и постоење на секоја твар, му одговори со света таинственост: „Јас Сум Оној Кој Сум.“ И повторно Мојсеј сакал да се изземе: „Но јас не сум доброречив човек, не знам да зборувам добро.“ Оти, имал мана во говорот, тешко зборувал, тепкал. Но Господ, ете, него го избра. Затоа му рече: „Аарон, твојот брат, ќе зборува место тебе.“ Интересно, гледате, Бог не го избра Аарон, кој убаво зборувал, туку Мојсеј, кој се колебал, кој се сметал за недостоен. Зашто Бог видел во неговото срце нешто што ни самиот Мојсеј не можел да го препознае. И така, Мојсеј стана оној кој го водеше Божјиот народ.

Сите ние сме избрани, браќа и сестри мои. Сите! Штом сме го облекле расото и сме легнале крстообразно пред светата Трпеза, ние веќе сме избрани – избрани да Го сведочиме и проповедаме Словото Божјо во овој свет исполнет со заборав, неправда и тага. Дури и монахот ништо да не говори со устата, доколку само живее со труд и внимание – барем со стремеж според монашките правила – тој веќе станува проповедник, станува живо Евангелие што тивко сведочи меѓу луѓето. И сега замислете колкава е нашата одговорност како монаси! Колку свето и достоинствено треба да се држиме до тоа што Бог нѐ удостоил да го носиме, што нѐ избрал, ни проговорил – на секого според неговото срце, на секого во неговиот час. Оној час кога сме решиле да стапиме на монашкиот пат, оној таинствен миг кога срцето ни се вознемирило од повикот – тоа бил Божјиот глас длабоко на дното од нашата совест.

Ќе повторам, Господ мене ми проговори преку свети Паисиј. Ми даде претсказание. Ми рече дека ќе ме повикаат по телефон. И тоа стана знак за мене, еден од оние свети мигови што оставаат светлина во душата. Зашто Бог го знаеше моето колебливо расположение, мојата човечка слабост, моето можно двоумење. И ми даде знак, не за да ми ја одземе слободната волја, туку за да ми помогне да го препознам Неговиот повик кога ќе дојде часот. Истото е и кај вас, мили мои. Можеби некогаш тие Божји знаци ви изгледаат обични, скромни, незабележливи. Но во тие тивки случувања, во тие навидум обични нешта, се кријат клучните одлуки, пресудниот повик на Божјата волја. Како што и зборовите на старецот Паисиј мене тогаш ми звучеа едноставно, дури и по малку смешно, но беа животопроменувачки. Со нив Бог ја запечати мојата патека, ме повика со тивок, но неодолив глас, и така, на крајот, ме поведе по патот на монаштвото.

Така и сите вие, возљубени, во мигот кога сте посакале да тргнете по Христа, Бог испратил Своја особена благодат. Благодат ненаметлива и незабележлива за телесните очи, а толку силна, што се изедначува со онаа што им се давала на мачениците во мигот кога храбро се решавале да не се одречат од Господа, туку со љубов да Го исповедаат Неговото име и да одат на страдање. Исто е тоа. Иста е таа благодат, зашто да кажеш „да“ на монаштвото денес, во ова време на толку соблазни и предизвици, тоа е вистинско мачеништво. Еве, ние кои седиме овде напред, о. Доситеј, о. Макариј и јас, ја примивме благодатта на монаштвото во последните години од минатиот век. А мнозина од вас, пак, на почетокот од овој. А знаете каков е овој век. Колку силни и опасни се соблазните и искушенијата! Особено сега, кога технологијата, како потоп, го преплави целиот свет и навлезе во сите пори од човечкото секојдневие. Колку сè се промени од времето кога ние станувавме монаси, колку е различно сега! И пак, благодатта Божја е иста. Не ослабнала. Иста по сила, иста по благост, иста по просветлување. Се дава само на оние што Бог ги избира, на оние што имаат отворено срце да кажат: „Да, Господи, доаѓам по Тебе!“ Верувајте, тоа „да“ е страшно големо. Тоа е духовна експлозија, мачеништво без пролевање крв. Јас, на пример, не можам да гледам монашење, а да не плачам. Внатрешно целиот треперам. Се восхитувам колку е силен гласот Христов! Колку е моќна Неговата благодат низ вековите! Зашто монахот, според мене, е апостол. Исто како што Господ некогаш ги повика Петар и Андреј: „Појдете по Мене“, така и нас таинствено нè повикува во срцето: „Појди по Мене“. И тргнуваме. Но без таа посебна благодат, без тој глас, без тоа вдахновение одозгора, човек не може да го направи тој чекор. Голем е тој подвиг. И токму затоа, многу збунувачки е за световните луѓе. Тие не можат да разберат – и не само световните, ами дури ни некои што носат мантија – како тоа некој доброволно влегува во општежитие, живее во послушание, нема ништо свое, се откажува од сè. Тоа е велика тајна. Тоа е крст што се прегрнува со љубов. И кога некој световен човек, макар и млак во верата, ќе погледне кон монаштвото, ќе се замисли. Ќе се растрепери. Ќе се утврди. Затоа луѓето отсекогаш оделе по манастирите. Барале таму светлина, утеха, вистина, молитва, радост. Зашто начинот на животот во манастирот ја влева довербата дека е можно да се живее евангелски. Манастирот сведочи дека Евангелието е живо и дека навистина се применува. Тоа е нашата огромна одговорност. Тоа е нашиот дар. Тоа е нашата благодат дадена на денот на монашењето, кога го кажавме светото „да“. И да знаете, никој не би можел да стане монах, доколку не ја прими таа благодат. Без неа, ќе се уплаши, ќе избега. Но кој ја прими, тој веќе е со Христа – и Христос него ќе го носи.

Така што, возљубени, одговорноста што ја преземаме со монашкиот завет не е само моментална, туку се протега до последниот здив. Потребно е да се изоди патот до крај. Тоа е суштината на монашкиот подвиг – да се остане верен до крај, да се даде добар одговор на крајот од животот, зашто токму исходот ќе ја определи смислата на целиот наш подвиг. Ако некој тргне, па застане и се врати, исто како и да не тргнал. Како ништо да не било. Дури и полошо. Жалосно е тоа, страшно е. Токму затоа треба да бидеме цврсти, храбри, истрајни, да го држиме крстот и да одиме по Христа без да се вртиме назад.

Да нè укрепи Господ со Својата сила, да го изодиме овој пат до крај, и овој наш монашки јубилеј да биде запомнет не како заслуга човечка, туку како сведоштво на Божјата милост. Да се слави и по нас, ако светот продолжи да постои, како спомен на денот кога Бог повторно се смилува на овој народ и го обнови монаштвото во ова светилиште. Нека се сеќаваат тие што ќе дојдат по нас, дека повеќе од шест децении овој манастир беше без монаси, без Литургија, без кандило што гори пред иконите. Немаше монах кој да возгласи: „Благословено е Царството…“; сè беше запустено, осквернето, испокрадено. Присобиравме малку по малку, за едно кандило, за еден крст; на почеток купивме еден мал путир од алуминиум – со тоа почнавме. Со ништо, освен со вера. И еве, Господ направи од тој почеток едно чудо, едно воскресение. Одново имаме монаштво. Повторно гори, не едно, ами многу кандила. Повторно се изговараат светите зборови на Божествената Литургија. И дај Боже, и други по нас да дојдат, и други да ги слават годишнините, да го спомнуваат денот кога Бог повторно ја излеа Својата милост над овој свет манастир и го облече во рамноангелски образ.

Оти сите велат, и тие што се монаси и тие што не се: без монаштво Црквата не може да опстои. Без монаштво нема духовен препород. Манастирите се срцето на Црквата, таму каде што молитвата никогаш не престанува, каде што жртвата е постојана, каде што небесната благодат обилно го осенува народот Божји. И ако тоа срце запре, тогаш и телото ќе ослабне. Затоа, монаштвото мора да живее. Да биде светилник за народот, за Црквата, за целиот свет.

Навистина, не може да има Црква без монаштво. И ние, возљубени, сме се увериле во тоа со сопствени очи, со сопствена борба. Овие триесет години монаштво – тие не се само бројка, туку еден длабок печат на Божјата благодат, на едно чудо на обнова. Монаштвото, како животворна дождовна капка, падна врз сува почва и таа се претвори во градина. Благодарение на тоа, обновена беше целата духовност, и повторно засветли највозвишеното нешто – евхаристискиот живот. Се боревме, како коливарите од Света Гора во осумнаесеттиот и деветнаесеттиот век, меѓу кои се вбројуваат и свети Никодим Светогорец и многу други свети отци. Се бореле тие, и ние по нив, за да се возобнови Литургијата во својата полнота. За да се врати светата Причест во срцето на народот. Господ ни даде да бидеме и ние борци за овој свештен таинствен живот. Тешко беше. Се спротивставуваа на честото причестување, и свештеници и мирјани. Некои ги бркаа монасите од црквите, не ги причестуваа верните, ги потценуваа. За исповед не сакаа ни да слушнат: „Што е тоа што ви го зборуваат тие монаси?“ – велеа. „Што ќе ви е исповед?“ – прашуваа. „Кај сте го виделе тоа? Кај нас нема такво нешто.“ Сето тоа беше горчина, болка, понижување.

Но сега, слава Му на Бога, по триесет години, народот е веќе пробуден. Народот бара духовници. Народот сака да се исповеда, сака да се причестува. И тоа не поради некоја пропаганда, туку заради духовната жед што му се родила во срцето. Благодарение на монашките братства и сестринства, благодатта повторно се излеа. Црквата повторно заживеа. Дај Боже, еден ден, и ние, ако биде милостив Господ кон нас, да се најдеме во Царството небесно и оттаму да ги гледаме тие што ќе дојдат по нас: монасите што ќе ја продолжат оваа жива и света борба. Да не ја заборават оваа обнова на монаштвото, зашто токму таа беше обнова на целата духовност, на целата евхаристиска реалност во нашата помесна Црква. Зашто монаштвото не е само еден облик на живот – тоа е срцето кое непрестајно се моли и страда за целиот свет. Без монаштво Црквата не може да биде она што е: огледало на Небото.

Да сте благословени сите!