По денешната претпладневна посета на Амбасадорот на Република Албанија, Бигорската Света Обител попладнево повторно беше удостоена со значајна чест: во нејзините благословени дворови пристигна и Неговата Екселенција г. Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија во земјава.
Во духот на монашката гостољубивост, тој беше срдечно пречекан од Старецот на Обителта, Преосвештениот Епископ Антаниски г. Партениј. Во пријателски разговор, Старецот го запозна својот висок гостин со духовната, културната и социјалната мисија на Манастирот, споделувајќи размисли и за актуелни предизвици со кои се соочува современиот човек, како и за мисијата на Црквата во денешниот свет.
Срдечната и искрена средба помина во атмосфера на меѓусебно разбирање, почит и добра волја, со надеж дека светлината на духовната традиција ќе продолжи да биде мост на поврзување меѓу народите и културите.