Посета на амбасадорот на Република Албанија во Бигорската Света Обител

Овој топол јулски ден, Бигорската Свештена Обител имаше чест да го пречека амбасадорот на Република Албанија во Скопје, Неговата Екселенција г. Денион Меидани. Амбасадорот оствари пријателска и срдечна средба со Старецот на Обителта, Епископот Антаниски г. Партениј, со кого разговараа за досегашните добри односи на Манастирот со албанската заедница и со Р. Албанија и за можностите за нејзино продлабочување во иднина.

Средбата се одвиваше во духот на взаемна почит, разбирање и искрено пријателство, со акцент на значењето што го има Православието за духовната и културната поврзаност меѓу двата соседни народи. Беше изразена заедничка надеж дека светлината на духовните и морални вредности, кои ги негува монашкото предание, ќе продолжи да биде мост на соработка и добрососедство.