Промовиран зборникот „Македонците со исламска религија“

По иницијатива и покровителство на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи на Р. Македонија, Сојузот на Македонци со исламска религија, Македонската академија на науките и уметностите и Институтот за национална историја, денес, во Портата „Македонија“ беше свечено промовиран зборникот на трудови „Македонците со исламска религија во историски и современ контекст“, како и документарниот филм за Македонците со исламска вероисповед. Зборникот е, всушност, книжевно остварување на истоимениот научен собор, одржан во МАНУ на 29 јуни 2015 година, и содржи дваесетина научни реферати на наши истакнати професори, научни и општествени работници, кои говорат за животот на Македонците мухамеданци од историско-географски, културно-политички, лингвистички, фолклорен и етнолошки аспект.

Промоцијата ја отвори директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, почитуваната г-ѓа Валентина Божиновска, која, меѓу другото, истакна:

„Зборникот, кој е пред Вас, уважени, е резултат на нашиот заеднички труд и претставува едно од ретките дела во нашата научно-истражувачка и стручна јавност, во кое се обработуваат, пред сè историски и современи контексти на Македонците со исламска вероисповед.

Почитувани, неодамна се одбележа светскиот ден на толеранцијата, во кој светот се повика на човековите вредности, меѓуверското почитување, создавање единство меѓу народите – со еден збор: обединување на светот во едно семејство. Дозволете ми да ја изразам својата гордост, што публикацијата „Македонците со исламска религија во историски и современ контекст“ и овој филм, ги промовираме во овој значаен светски ден. Покрај темите на идентитетот, верските определби и исламизацијата, анализата на фолклорот, обичаите, ората, јазикот на Македонците со исламска вероисповед, во нив се презентирани и актуелните современи состојби, со кои се соочува овој дел од населението…

Апелирам, на исто ниво како што се интегрираа Албанците и Турците, како што се интегрираат Србите и Власите, и Македонците со исламска вероисповед да бидат дел и од државните институции и од севкупното општествено, мултикултутурно и политичко живеење во нашава земја, како граѓани кои се нераскинлив дел од Македонија…“

Претседателот, пак, на Сојузот на Македонци со исламска религија, почитуваниот г. Исмаил Бојда, подвлече дека: „никој не му дава за право на некој во оваа држава да нè отфрли од националното ткиво македонско. Ниту една национална припадност во соседството не се карактеризира по ништо друго освен по јазикот. Секој сакаше да нè приграби, никој, никој не сакаше да нè измилува, да рече: ’да, наши сте‘“.

Помеѓу бројните гости од македонскиот политички, културен, општествен и научен живот, на свеченоста, исто така, присуствуваа и нашиот Старец и игумен, Архимандрит Партениј, и манастирскиот економ, јеромонах Доситеј, кои со особено задоволство ја проследија промоцијата.

Нашето монашко братство го поздравува и искрено се радува на излегувањето на овој прекрасен Зборник, којшто дава драгоцени известија од историски и современ аспект за нашите браќа по крв, Македонците мухамеданци. Активно го подржуваме исто така, и процесот за нивна целосна интеграција во нашето општество, бидејќи, навистина, неправедно е да смета дека тие се нешто различно од македонскиот народ. Впрочем, негирањето на овој суштествен и жизнено важен член од нашиот народносен организам, доведува до погубно расплотување на телото на македонската самобитност. Во контекст на ова, особено го поздравуваме стремежот на Македонците муслимани да го задржат, или оние што го немаат – да го вратат, суфиксот -ски/-ска во своите презимиња, зашто тој, заедно со суфиксот -ов/-ова, е најкарактеристичниот македонски патронимичен суфикс – особено за Западна Македонија – со кој се изразува припадноста кон македонскиот славјански етникум. И ако поради арапската провиниенција на најголем дел од личните имиња на Македонците муслимани, не може да се разграничи на која народност тие припаѓаат, тогаш, презимињата остануваат како основен личен показател за нивниот македонски национален идентитет. Затоа, суфиксот –ски има темелна важност за целосна интеграција на Македонците муслимани во нашата народна македонска посебност и во нашето современо општество. Исто така, клучно значење за интеграцијата на Македонците со исламска религија има и поставувањето на националното чувство на прво место, над сите дневнополитички, економски или лични интереси.

За есенцијалната улога, пак, на Бигорското Светилиште во процесот на интегрирање на нашите сонародници Македонци-мухамеданци, сведочи фактот што нашето братство во изминатите две децении изгради и негува исклучително пријателски, би рекле, братски односи со нив, не правејќи никаква дискриминација врз оснава на нивната религиска припадност. Тоа придонесе и тие да го чувствуваат Бигорскиот Манастир како свој, не само културно-историски, ами и духовен центар. Токму затоа, нашиот игумен, Архимандрит Партениј, кој, со својата евангелска широкоградост и човекољубие, е, всушност, главниот поборник за еднаквоста и неделивоста на Македонците муслимани од македонскиот род, и прв потписник на Апелот до Владата за нивна интеграција во нашето општество, во своето слово на свеченоста за осветувањето на конаците Горни и Источен Палат, на 26 април минатата година, им изрази посебна благодарност за нивната помош при возобновувањето на Манастирот:

„(…) И, секако, она што ќе остане непобитен сведок за времето и историјата, за тоа дека доброто срце не познава определеност, граници и меѓи – фактот дека на помош, нам монасите и на ова светилиште на македонската духовност и култура, пристапија и многумина од нашите браќа по крв, Македонци со мухамеданско верување…“