Со благослов на нашиот Старец, Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј, деновиве во Свештената Бигорска Обител престојуваа околу десетина млади луѓе, повеќето од Битола и неколку од Кичево, кои доброволно и самоорганизирано притекнаа да помогнат во обемните работни активности во овој период. Главната работна сила беше насочена кон бигорскиот скит „Свети Кирил и Методиј“ во с. Битуше, каде што за рекордни два дена пожртвуваните и богољубиви работници ги изглетуваа внатрешните ѕидови на храмот, со вкупна површина од околу 1800 м2!
Покрај работните активности, нашите драги гости имаа можност да присуствуваат и да земат молитвено учество на вчерашното воскресенско бдение и на денешната Света Литургија. Тие, исто така, беа топло примени од нашиот Старец во неговата игуменска одаја, каде што имаа можност да слушнат прекрасни поуки за нашата спасителна вера и да добијат татковски благослов.
Беше навистина радосна и вдахновувачка глетка да се види како овие млади побожни души, со силен ентузијазам и љубов кон Светињата, работат, помагаат и се молат во домот на Св. Јован Крстител. Нека славниот Претеча ги награди со својот моќен благослов и молитвеното застапништво пред Господа!