Почитувани љубители на Бигорскиот манастир,
Со особена радост и чест ве известуваме дека со благослов на Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, игумен на Бигорската свештена обител на Чесниот Претеча, во недела, на 2 ноември, во 12 часот, во една од просториите на манастирот ќе се одржи свечена промоција на нашето најново книжевно издание „Бигорска хроника – архиерејско петлетие“.
Ова монументално дело, издадено во пет тома, претставува духовен летопис и сведоштво за најзначајните настани од животот на нашата света Обител во последните пет години од архиерејското служење на нашиот возљубен старец и владика, г. Партениј.
Промотор на делото ќе биде проф. д-р Александар Спасеновски, кој во своето излагање ќе се осврне на значењето на оваа хроника како духовно и културно богатство, како запис на едно благословено време исполнето со Божји благослов и благодат.












