Надгробно слово на патријаршискиот Архиепископ на Америка, г. Елпидофор, изговорено при погребението на блаженоупокоениот Старец Ефрем Филотејски и Аризонски, 11 декември 2019 лето Господово
Драги мои браќа и сестри,
Високопреосвештен Митрополите на Сан Франциско, г. Герасиме
Високопреподобен претставнику на Неговата Божествена Сесветост, нашиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј
Свети игумени, отци, високопреподобни игумении со вашите синодии,
Возљубени мои браќа,
Доколку го гледа некој оддалеку овој собор на толку многу луѓе денеска, во оваа Свештена Обител на Светиот Антониј, ќе помисли на прв поглед дека станува збор за една прослава, дека се работи за радост, дека станува збор за еден радосен настан.
Дали е така? Одговорот е: и е, и не е.
Затоа што се собравме денеска да го поздравиме нашиот Старец – Старец Ефрем јеромонах. Кому многу му должиме сите! Сите коишто се собравме денеска и оние кои од оправдани причини отсуствуваат меѓу нас вечерва.
Старец Ефрем проживеа живот во подвиг и молитва. Тие се двете главни карактеристики, но не само на неговиот живот, туку и на неговото учење. Тоа ни го проповедаше, на тоа нѐ научи и за сето тоа му сме благодарни сите. Подвиг и молитва.
Облечен е вечерва помеѓу нас во неговата свештеничка одежда, свртен кон исток, од каде што го чека својот Господ да се појави при Неговото второ доаѓање и сите нѐ поздравува. Старецот е една личност која остави длабоки траги во нашата Црковна историја. Еден цел континент, американскиот, го должи засадувањето и постоењето на православното источно монаштво токму на овој Старец, кого денеска го имаме пред нас да го поздравиме. За Старецот не беше лесно, беше многу тешка мисија, во едно особено световно место, кое немаше никаков мирис на подвиг, на разумна молитва, на православно монаштво.
И разбирливо, во обидот да го засади православното монаштво, наиде на многу тешкотии. Беше обвинуван, клеветен, повредуван и плачеше, но никогаш не отстапи. Зошто? Затоа што го носеше со себе и својот Старец, чесниот череп на Старец Јосиф Исихастот, којшто се чува во оваа Свештена Обител и како што ни објави високопреподобниот патријаршиски претставник, Патријархот веќе ја има најавено неговата канонизација. Старецот црпеше сила од својот Старец, од свештените мошти на светите отци и од разумната молитва, од самиот контакт со Господа. Обвинувањата кон него и тешкотиите го обелуваа, ја обелуваа неговата душа и го издигнаа на небото.
Овие длабоки црти во нашата црковна историја го засегаат не само истражувачот на историјата во иднина, туку ги засегаат луѓето, сите нас, сите вас, од кои повеќето, да не речам сите, се облековте во монашка схима, било мажи или жени, инспирирани од ликот и примерот на Старец Ефрем. Оваа длабока црта ќе остане неизбришлива, бидејќи историјата се менува, но спасението на луѓето е вечно. Тој се погрижи за спасението на сите нас. И се грижи и се моли, и сите нѐ имаше на својата бројаница, мажи и жени, свештеници, монаси, монахињи, мирјани, архиереи – сите нѐ имаше на својата бројаница и се молеше за сите. И затоа множества притекнуваа во овој Манастир и секаде каде што ќе се појавеше Старецот, за да земат благослов од него.
Како што ги имаме иконите околу нас, на иконостасот, на ѕидовите и насекаде, и преку нив го бараме застапништво на светителите за наше спасение, така го бараме и застапништвото на светите отци, бидејќи и тие се живи покрај нас. Не само живите икони што ги имаме околу нас, но и живите светители коишто сѐ уште не беа вкусиле смрт. Една таква личност беше и Старец Ефрем.
Денеска го предаваме на земјата. Неговата света душа е веќе помеѓу ангелите и светителите, и го опкружува престолот на Господа и пее како што пеат сите ангели: Свет, Свет, Свет е Господ Саваот! Своето тело ни го остави нам, за да го положиме во земјата, овде во Манастирот, та како зрно пченично посеано во земја, така неговото тело вечно да сведочи за благодатта Божја и за присуството на Светиите во нашиот живот, да нѐ поправа, да нѐ раководи, да нѐ просветлува и да посредува за нас.
За што, всушност, тагуваме?
Смртта, браќа мои, како што прочитав во молитвата пред малку, е еден дар што ни го подари Бог на нас, луѓето. Во молитвата што ја чита архиерејот пред покојникот, вели: „Ти благодариме Христе што ни ја подари смртта“.
Зошто? Затоа што ние, луѓето, по прародителскиот грев, со влегувањето на смртта во животот, постојано се измачуваме. Гревот нѐ измачува, ни го тиранизира животот. Се бориме да живееме христијански. Се бориме да го избегнуваме гревот, но не можеме да го избегнеме, колку и да се обидуваме. Колку високо и да се издигне некој во светоста, гревот е секогаш пред него и го контролира и го измачува. Но, со Воскресението на Господа, смртта е дар, едно ослободување, спасение. Зошто?
Молитвата вели: „За злото да не остане вечно“. Следствено, тоа што се случува е смрт за гревот, а не смрт за човекот. Смртта не е ниту за нашата душа, ни за нашето тело. Затоа и се радуваме. Да не тагувате, браќа! Да се радувате! Старецот се ослободи од борбата со гревот и со ѓаволот. Се бореше како лав, а и нас нѐ научи да се бориме. И дојде време, Бог да му го даде денот на ослободувањето, на спасението, на воскресението, на победата над смртта, победата над гревот. Тој веќе го живее воскресението.
Живеејќи во овој живот, ние имаме многу желби. Имаме добри, но имаме и лоши посакувања. Добрите посакувања ни ги има дадено Бог. Добри посакувања се гладта, жедта, неопходните работи. Штом Бог ни ги дал добрите посакувања, зошто ни ги скратува? Зошто ни дава смрт? Помеѓу добрите посакувања во животот е и желбата да живееме, да имаме жед за живот, да не сакаме да умреме. Никој не сака да умре. Зошто тогаш Бог нѐ остава да умреме? Смртта не е природна состојба, браќа, туку неприродна. Па, бидејќи смртта е неприродна состојба, Господ ја победи со Своето Воскресение и нѐ спаси од гревот и повторно нѐ постави во рајскиот живот на Адам и Ева каде што пред падот немало грев.
Затоа, да се радуваме, да Го славиме Бога и да ги бараме молитвите на Светиот секогаш. Да нѐ просветлува од горе на небото кај што е, да нѐ раководи, да нѐ држи обединети. Старецот не нѐ сака поделени, не нѐ сака скарани, нѐ сака возљубени под покровот на едната света Црква, под покровот на оваа купола, бидејќи храмот го симболизира Царството Небесно, новото небо, Новиот Ерусалим, којшто нѐ покрива сите. Затоа луѓето така и сакаат, свештениците, архиереите, монасите, ги погребуваат или во храмот – една стара византиска традиција – или надвор до храмот. Зошто? Затоа што храмот е прототип на Царството. Го бараме Царството Небесно. И кога ќе настапи Второто доаѓање Христово, се надеваме дека Господ ќе нѐ воскресне и нас заедно во Своето вечно Царство.
Нека е вечен споменот на Старецот! Да не го оплакувате, туку да го молите, да се молите, да го барате неговото раководство, да ги барате неговите молитви, бидејќи е свет. Живееше како светец и заминува како светец.
Нека ти е вечен споменот, блажен Старецу, и таму горе, крај престолот Господов, не нѐ заборавај никогаш, бидејќи денес се ослободи од борбата со гревот и злото, но ние овде, сѐ уште во војна, во борбената црква, се бориме и ни се потребни твојот благослов и молитви. Нека ти е спомен вечен и незаборавен!