Илјадници поклоници пред чудотворната икона на Богородица на Крит

Извор:

Секоја година на празникот на Рождеството на Пресветата Богомајка, илјадници православни верници доаѓаат на поклонение во храмот Панагија Антифонитрија во селото Мириокефала на Крит. Многу од нив за да Ѝ оддадат почит на нашата Владичица и Небесна Царица пешачат и цели километри пред да се поклонат на нејзината чудотворна икона што се наоѓа во овој храм. Споменатата црква е всушност католикон на еден стар манастир кој бил основан од страна на Св. Јован Отшелник во 1020 година. За жал манастирот не е повеќе активен а црквата денес служи како парохиски храм на селото.

Се вели дека еден ден Св. Јован поминувал низ ова место, и огромна трнлива грмушка му го попречила патот. Светиот ја запалил грмушката за да си направи премин, но од пламенот слушнал глас кој велел: „Овде сум! Овде сум!“ Тој го изгасил огнот и ја нашол во него иконата на Богородица. Потоа веднаш решил да изгради манастир на местото каде што ја пронашол иконата.