Ќе се реставрира црквата „Свети Спас“ во село Крчишта

Извор:

Националниот совет за реставрација на Албанија ќе ја реставрира црквата „Свети Спас“ во пограничното село Крчишта, кое некогаш било населено исклучиво со Македонци.

Усвоениот проект од страна на Регионалната управа за национална култура во Скадар предвидува реставрација на конструктивните елементи на црквата.

Овој божји храм е изграден 1270 година и како споменик на  културата под заштита на државата е од 1970 година. Ѕидовите се изградени од камен поврзани со варен малтер. На нив има ретко вредни фрески, но истите се оштетени.

Селото Кришτа припаѓа на околијата Пешкопеја, на албанско-македонската граница во близина на Дебар. Повеќето од жителите по падот на комунистичкиот режим се преселиле, главно во Македонија, а дел во други градови во Албанија. Сега таму живеат само неколку македонски семејства.

Пред повеќе οд десет години по иницијатива на Левко Радевски од Дебар, а родум од Крчишта, беше обновен покривот на црквата на кој беа поставени и нови греди, влезна врата и санирана оградата, по што истата од страна на отец Ристо од МПЦ-ОА, кој исто така е по потекло од Крчишта, беше преосветена.

Постарите жители по потекло од Крчишта, а живеат во Дебар, сеуште се погребуваат во гробиштата кај црквата, со свештеник од дебарската парохија,  бидејќи во овие албански погранични села нема свештеник.

Некогашните жители Македонци и нивните потомци, како и жители од Дебар, секоја година по повод празникот Спасовден се собираат во дворот на црквата и го одбележуваат денот.


Пишува: Вера Тодоровска