Тавор: Торжествена прослава на празникот Преображение

Добро е да се биде овде, добро е да се биде на автентичниот Тавор за да се прослави празникот Преображение Христово.

„Саботата, во пресрет на овој голем Господов празник, уште пред полноќ, реки од народ се упатија пеш од подножјето на планината Тавор кон врвот, каде постои манастир посветен на Преображението Христово. Токму како некогаш апостолите Петар, Јаков и Јован, млади и стари, болни и здрави, водени од внатрешниот христијански повик неуморно брзаа кон врвот, исполнети со силна надеж дека ќе го стекнат и своето лично преображение. Она што може да ја исполни секоја космополитска душа е радоста која ја доживува во тоа огромно мноштво народ, каде на едно место и во исто време може да се чуе како се зборува на разни јазици: арапски, грчки, руски, англиски, романски, полски, грузиски. Сите присутни, собрани на едно место во името на нашиот Господ Исус Христос, покажаа дека тоа се моменти кога се бришат разликите, кога секому му се открива вистината дека постои само еден јазик разбирлив за сите, без оглед на која нација се припаѓа: јазикот на љубовта. Оти тој е универзалниот јазик кој може секоја душа да ја приведе кон личното преображение. Одекна и прекрасното и познато таворско ѕвоно, кое придонесе целата атмосфера да се украси со уште поголемо торжество“, вели Латина.

Богослужбата, која траеше до утринските часови, исто така во исто време се одвиваше на неколку јазици: грчки, арапски, црковнословенски и романски, а многубројниот народ исполнет со благодатна радост се причести со Светите Христови тајни.

Од Ерусалим за Бигорски манастир: Латина Стаменкова