Радоста од Воскресението – преобразувачка сила!

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено на Света Пасха, по читањето на воскресното Евангелие 

ако да ви зборувам и како би можел да ви ја објаснам радоста која сега ми гори во срцето!? Тоа е неискажлива радост која е вечна! Радост која ни го открива пред нас животот вечен и поради која сите земни радости добиваат смисла. И верувајте, да не постоеше оваа воскресна радост, тогаш би биле оставени само на земните радости, а тие минуваат како здив и завршуваат во небитие, оставајќи зад себе тага. Единствено Христовата радост трае вечно и дава живот вечен. Затоа пак ќе повторам: вечерва срцето ми е преполно со многу силни чувства, со голема радост, која извира од Воскресението. Но, попусто би било да се обидувам да ви ја објаснам… Може ли нешто такво да се долови со зборови? Многу тешко. Тоа едноставно треба да се почувствува.

Затоа, оваа ноќ направете така: со љубов и вера отворете ги вашите срца и почувствувајте ја силата на Христовото Воскресение, која го променила светот. Бидејќи нема друга сила, нема друго нешто кое би можело да го постигне тоа – да го преобрази светот. Само Воскресението Христово! Само Он, Најблагиот, Најдобриот, Кој е посветол од сонцето и поблескав од секаква светлина. Само Он го промени светот. Неговите верни следбеници, проповедајќи Го Него и Неговото учење, го променија светот. А знаете ли како? Отворајќи си ги срцата за Неговата спасоносна наука, за Неговата љубов Божествена.

И денес нам ни е дадена таа сила да го преобразуваме светот. Но, само доколку по своја слободна волја целосно ги отвориме нашите срца, правејќи пат за Неговата љубов да влезе во нас. Во спротивно, Бог е немоќен да завладее со нашето срце. Затоа, да ги отвориме доброволно срцата за Неговата љубов и да Го почувствуваме Неговото Воскресение, кое живот дава. Тогаш ќе бидеме нова твар и ќе преобразуваме и осветуваме сѐ околу себе. Првите Христијани успеаја да го направат тоа. Вие добро знаете кои беа првите Христијани. Најпрвин светите Апостоли, а потоа и жените Мироносици, првите сведоци на Воскресението. Оти, воскреснатиот Христос не им се јави на првосвештениците и книжниците, ниту на Понтиј Пилат, ни на сите оние кои беа скептични и не веруваа. Не, туку им се јави и Го спознаа само оние кои ги отворија своите срца и кои Го бараа. Тие се удостоија и да Го видат и да Го почувствуваат Оној Кој, заради човекот слезе на земјата. Какво е тоа нешто! Каква голема тајна: Бог стана човек за ние да станеме богови по благодат! Што значи тоа? Дека Бог сака да нѐ спаси, Бог сака да нѐ обожи. Спасителот Христос им рече на Апостолите: Веќе не ве нарекувам слуги, зашто слугата не знае што работи господарот, туку ве нареков пријатели, бидејќи ви кажав сѐ што сум чул од Мојот Отец (Јован 15,15).

Мили мои, ние сме чеда, пријатели на вистинскиот Бог. Тоа е голема привилегија и чест, но и голема одговорност. Наша должност како Христијани ни е не само да ја примаме радоста на Христовото Воскресение, туку и да го сведочиме него, имајќи силна вера во Воскресението. Самиот Христос ни ја довери таа света должност, кога после Неговото Воскресение им се јави на Апостолите и им рече: Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание (Марко 16,15), односно сведочете ја благата вест насекаде. И што направија Апостолите? Утврдени во Него, тие некогаш немоќни и прости рибари, како Апостоли ја уловија целата вселена. А жените Мироносици? Станаа посилни и од најсилните мажи во тоа време во Римската империја. И благата вест проповедана од нив се рашири насекаде и го спаси и преобрази светот. Затоа ви велам, нам Христијаните не ни прилега да бидеме малодушни, да губиме надеж, велејќи: „Ќе си го празнувам Воскресението, бидејќи така останало обичај од порано. Пуштете ме во мир да си живеам, ќе си останам затворен во мојот храм, а вие градете си го светот како што ви е угодно“. Тоа никако! Ние сме должни да Го проповедаме воскреснатиот Христос, Спасителот на светот и со тоа да го преобразуваме светот, а не да се тргаме настрана и да бидеме индиферентни кон сѐ што се случува околу нас. А всушност, во ова тешко совремие светот има потреба од таква преобразувачка сила, бидејќи денес тој е потонат во омраза, во раздори и војни; со човекот денес завладеала една страшна алчност. И зарем би можеле да кажеме дека светот ја чувствува оваа воскресна радост? Како да кажеме такво нешто, кога гледаме дека повеќето луѓе денес се во духовна криза? А тоа е затоа што се изместиле од здравиот темелот на верата. Апостол Павле вели дека темелот на нашето спасение е Христос и Неговото Воскресение. Тоа е она што го преобрази светот, она во што веруваа Апостолите и за кое пострадаа, она во што веруваа мачениците и што и до денешен ден го сведочат. А меѓу нив се и многубројните маченици од времето на Отоманската империја, кои нашиот народ му ги даде на Бога како најубав принос и кои со крв посведочија за вистината, а и денес сѐ уште сведочат со својата благодатна помош, кога молитвено им се обраќаме. Тука се, секако, и оние современи маченици на Истокот, кои ја пролеваат својата крв заради верата Христова. Не помалку духовно крвави и Западот, кој тоне затоа што го презрел и се откажал од славното Воскресение, од верата во него како темел и единствена сила што може да го спаси и преобрази светот.

Гледате, ние овде вечерва не сме само дванаесет, не сме ни само седумдесет на број, колку што биле апостолите во тоа време, туку сме многукратно повеќе. И кога тие, иако малку на број, толку многу направиле, зарем ние да очајуваме? Колку и да сме мало стадо, можеме да бидеме таа преобразувачка сила во светот. Треба само да ги отвориме своите срца за воскреснатиот Христос, да ја почувствуваме радоста на Воскресението, која нѐ препородува за нов живот, која нѐ прави непоколебливи и силни во верата. Така ќе можеме да станеме нова твар и да спасуваме околу себе. Тоа е вистинскиот Христијанин.

Вистински Христијанин е оној кој се заквасил со љубовта од Троичниот Бог. Зашто Бог сака сите ние да бидеме едно, како што е Светата Троица Едно. Тоа ја прави Црквата една чудесна заедница; заедница над сите заедници! Заедница која поврзува со љубов.

Нека воскреснатиот Бог биде со сите вас, сите да го почувствувате Воскресението и да бидете сведоци Негови, светлини Негови. Амин!

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!