1946

Толкувачки приближувања кон иконата на Рождеството Христово

Несомнено, православната икона на Рождеството Христово е најинтересниот случај во иконографиjата, од толкувачки, догматски поглед. Се оформила во ранохристијанскиот период[1], разликувана во повеќе варијанти, и во себе прифатила повеќе влијанија: пророштва[2], евангелија[3], апокрифни објаснувања[4], светооотечки толкувања, а воедно и химнолошки – од поезијата на празникот на Рождеството Христово и од Акатистот. Истата носи еден впечатлив наративен карактер, опишувајќи во една и иста рамка, одделни временски настани од раѓањето Христово. И покрај тоа што иконата содржи практично и сликовито објаснување на божественото воплотување на Христос, моментот на приснодевството на Богородица и улогата на Јосиф, како и служењето на ангелите, се неизоставни делови од составот.

Рождество Христово, ракописен Месецослов на Василиј II

Во средиштето на претставата ја имаме пештерата – јаслите. Имам чувство дека барем ова основно јадро е евхаристиско, без, секако, да се негира историскиот карактер. Внатре во пештерата се наоѓа Богородица, воплотениот за распетие и погребение Христос. Оваа слика потсетува на жртвеникот од олтарот, истовремено еден Витлеемски и Голготски олтар. Ми укажува на светата проскомидија и приносот, додека пророчките животни во пештерата – јаслите[5], во службата на архиерејот Христос за време на првиот (малиот) вход: луѓето коишто го прифаќаат повикот во верата, Го последуваат просветлени[6]. Ги исповедаат правилните догмати, како предуслов за Божествената Евхаристија. Пештерата секогаш се слика како место на Адот. Божествениот Младенец се слика завиткан во пелени наместо повиен, во мртовечки саркофаг. Во некои случаи зраците на ѕвездата имаат форма на литургиското копје (во подоцнежниот византиски период)[7]. Темнината укажува на мртовечките сенки на душите и на сенките од Стариот Завет, коишто Христос ги просветли[8].

Богородица некаде се слика во природно легната положба, покажувајќи ја болката и измореноста, коишто една родилка ги преживува. Пошироко, човечката природа на Христос не беше проголтана од божествената, ниту пак функционира како моноенергизам или монотелизам. Да не заборавиме и дека Пресветата Богородица често се слика и поголема од другите елементи на иконата. Сепак, во други случаи, Пресветата Богородица е нацртана во речиси седната положба. Во овој случај го изразува светоотечкото мислење за безболното раѓање: „Чиста, која безболно го израсна“[9], „Во Твоето чудесно раѓање, Дево, натприродно си ја одбегнала болката“[10], „Која безболно роди“[11]. Болното раѓање претставува последица на прародителскиот пад[12]. Најдоцна од единаесеттиот век се појавува нејзината приближно седечка положба. Секако, постои и претстава каде Богородица е со свиени колена. Целото создание и, по икономија, Мајката Негова, Му оддаваат поклон на воплотеното Слово. Вообичаено, ова се смета како западно влијание. Една друга ретка претстава е онаа каде Богородица Го дои Христос. Потекнува или од евангелското анонимно ублажување[13], или од Протоевангелието на Јаков[14].

Литијна икона, од Зборникот на Андреади, 1400-1450

На иконата постојат и два вида растенија: раширена недоразвиена вегетација и дрвото, кои растат заедно во едно неплодно место. Првата може да се поистовети со несогорливата капина како прототип на Дева. Дрвото, од друга страна, близу до Богородица и Јосиф, може да се протолкува како есхатолошкото дрво и книгата на животот. Но, главно, се сврзува со приснодевството на Богородица и искушението на Јосиф. Богородица како место на несместливиот Христос, ја содржи сликата на карпата која не беше допрена од човечка рака и го уништи идолот од видението на Навуходоносор[15]. Тука е, секако, и сведоштвото на Исаија[16].

Ѕвездата од (Евангелието по) Матеј и од пророштвото на Валаам го претставува повикот кон јазичниците[17]. Сепак, правилно толкува свети Јован Златоуст дека таа не би можело да е природна ѕвезда, додека свети Григориј Богослов изрично ја именува како Ангел Господов. И навистина, во некои изображенија ѕвездата е претставена како Ангел. Таа, заедно со испратениот троичен зрак, го обединува минливиот создаден свет кој е нацртан на иконата, но и неограничениот, кој се подразбира надвор од неа. Божествениот Младенец, совршен Бог и совршен Човек, доаѓајќи во светот го носи обновувањето на нарушените врски после падот. Нормално, присуството на Ангелите припаѓа на литургиската проскомидија: свештеникот поставува ѕвезда на дискот, каде како жртва се издига Агнецот. Го покажува паралелно и она: „да стоиме добро“, пазењето на ангелите на Отечкото осветување[18].

Мозаик во храмот “S. Maria dell Ammiraglio -Martorana” во Палермо,
Сицилија (1143-1151).

Јосиф секогаш се претставува надвор од пештерата, бидејќи немал никаков телесен допир со Богородица. Денешната икона на пештерата, од типот на западното: „Свето Семејство“, доаѓа во целосна спротивставеност со православниот иконопис[19]. Јосиф стои, изразувајќи сомнеж. Ако Марија направила престап, тогаш должен е да го примени законот. Ако е од Светиот Дух, ќе падне во хула. Кога Јосиф е нацртан сам, тоа дело потекнува од библиското објаснување[20]. Кога му се приближува пастир – или се следат некои апокрифни извори[21], или, пак, Акатистот[22]. Тешко искушение: „Како што овој сув стап не може да даде лисја, така и девица неможе да има дете“. Но, сувиот стап расцути и на суво место, дрвото се однесува на животот и на приснодевството.

Бањата што ја сретнуваме на некои икони претставува една малку тешка за толкување сцена. Би можело да е една типична сцена на секојдневното живеење, или и не баш, доколку ја нагласува човечката природа на Христос. Првиот случај како аргумент го има тоа дека и претставите на Рождеството на Богородица, и на светиот Николај, и на Претечата, ја  имаат, исто така, како елемент бањата. Од друга страна, човечката природа на Христос е доволно нагласена во пештерата. Бањата, секако, би можела да се сврзе со после породувањето на Богородица и миењето со бабицата Саломија[23]. Сепак, овде имаме една бабица, додека според канонот на иконите постојат две или три[24]. Значи, ваквото поврзување е проблематично.


[1] Сп. фреската на Поклонувањето на Мудреците во Катакомбите на Прискила (средина на III век) и иконата во енкаустика од VI век во Обителта на Синај.

[2] Исаија, Даниил итн.

[3] Матеј 1,18-2,23 и Лука 2,1-20.

[4] Протоевангелието на Јаков 17,1-21, 4 и Псевдо-Матеј.

[5] „Волот го познава стопанот свој, и оселот – јаслите на господарот свој, а Израилот не Ме познава, Мојот народ не разбира“ (Иса. 1,3).

[6] Максим Исповедник, Мистагогија, PG 688C-689B.

[7] Сп. Рождеството од Збирката на Андреади, кое датира од 1400-1425.

[8] Исаија 9,2, сп. и апокрив за Слегувањето во Адот 5,3.

[9] Од Акатистната химна, тропар на четвртата Песна.

[10] Тропар на деветтата песна од Канонот на утрената на 24ти Декември.

[11] Фотиј Константинополски, Омилија 28 На Рождеството.

[12] Битие 3,16.

[13] Лука 11,27.

[14] Протоевангелие на Јаков 19,2.

[15] Даниил 2,1-49.

[16] „И ќе потера фиданка од Јесеевата пењушка, и стебло ќе израсне од нејзиниот корен“ Исаија 11,1.

[17] Броеви 24,16-17.

[18] Откровение на свети Јован Богослов 12,7-9.

[19] Види: Монах Серафим, Еретичкото сликање на Светото Семејство.

[20] Матеј 1,19-20.

[21] Протоевангелие на Јаков 14,1-2; Евангелие на Псевдо-Матеј.

[22] Имајќи во себе бура на помисли од сомневаче, целомудрениот Јосиф се збуни, гледајќи Те, неискусобрачна, за тајнобрачна мислејќи Те, Тебе, пренепорочна; кога дозна дека од Светиот Дух е Твоето зачнување, рече: Алилуја! – од Акатистот на Пресвета Богородица, кондак 4.

[23] Протоевангелие на Јаков 19,1-3.

[24] Од малкуте претстави со само една бабица, во Минологијот на Василиј II (975-1025).


Извор: pemptousia.gr
Превод: Филип Тинтоски