Еве нѐ сите повторно на благодарствено поклонение пред скромните Витлеемски јасли, кои сјаат со Божествена слава, зашто Богомладенецот Христос тука го започнува своето крстно патешествие по лицето на земјата. Тука е почетокот на нашето спасение, залогот за нашето обожение и зародишот на нашата вечност. Патот, Вистината и Животот – Христос Бог, како Младенец повиен во пелени, се јави во светот. И Мајката Дева со благоговение се наведнува над Него, стоејќи со восхит и славословие пред несфатливоста на откриената пред светот тајна. Заедно со Неа, во оваа богоозарена ноќ, страшната и велика тајна на Божјото вочовечување молитвена ја воспева и благодарствено ја славослови и Свештената наша Обител, со големото множество поклоници и вљубеници во родениот ни Спасител. А како своевидна подготовка и израз на радоста за Божјата посета на овој минлив и гревовен свет, и оваа година беше скромната, но со духовно веселие богата бадникава закуска, повторно украсена со настапот на нашите мили пријатели од ансамблот „Македонија“.
И како некое од Витлеемскиот вертеп до душите на сите нас испратено послание, се покажа рождественското слово на возљубениот ни Старец и игумен, Архимандрит Партениј, што вдахновено го изговори пред почетокот на сеноќното бдение:
„Мили мои, смирени поклоници на во пештера роденото Слово Божјо!
Пред сѐ, би сакал од длабочината на моето срце, најтопло да ве поздравам и да ви се заблагодарам од мое лично име, како и од името на целото ни монашко братство и сестринство, што во оваа надразумна витлеемска ноќ, во толкаво множество притекнавте во големата ни Светиња, за заедно да го прославиме Роденденот на Беспочетниот, на „Царот на вековите“ – нашиот Спасител Господ Исус Христос.
Бослужбениот типик на Црквата за денешниот црковен поредок пропишуваше празничната вечерна богослужба да се соврши одделно од останатите последованија на дневниот богослужбен круг. Согласно тоа, вечерашново наше молитвено бдение ќе го започнеме со великото повечерие, ќе продолжиме со утрената, завршувајќи, се разбира, со Божествената Литургија.
Меѓутоа, пред да започнеме, би сакал да се навратиме за миг на вечерното богослужение од преѓеска, поточно на еден дел од него. Вообичаено, знаете, кога се празнува некој поголем празник или спомен, литургискиот поредок на вечерните предвидува читање на извадоци од Светото Писмо на Стариот Завет, т.н. паримии. Една од осумте преубави паримии што ги слушнавме на денешната вечерна овој пат ми остави особен впечаток. Напишана е од светиот пророк Исаија, наречениот од светите отци „старозаветниот евангелист“, поради многуте предречени настани од животот на Синот Божји на земјата. Имено, овој Божји човек, обдарен со силно просветление од Светиот Дух, многу живо и дејствително проѕрел во тајните на Божјото делување за спасение на човекот, отприлика осум век пред нивното збиднување. Би ве замолил да го слушнеме уште еднаш неговото пророштво, со цел да биде појасно она што ќе го говориме потоа:
И ќе потера фиданка од Јесеевата пењушка, и стебло ќе израсне од нејзиниот корен; ќе почива врз Него Дух Господов, дух на премудрост и разум, дух на совет и крепост, дух на знаење и благочестивост; ќе се исполни со страв Господов, ќе суди, не според тоа како што очите Негови гледаат; и ќе ги решава делата, не според тоа како што ушите Негови слушаат. Он ќе им суди на сиромасите по правда, и делата на страдалците во земјата ќе ги решава според вистината; со зборот од устата Своја ќе ја порази земјата, со дишењето на устата Своја ќе го убие нечесниот. Појас на половината Негова ќе биде правдата, а појас на бедрата Негови – вистината. Тогаш волк ќе живее со јагне, леопардот ќе лежи заедно со јаре; теле, лавче и вол ќе бидат заедно, и мало дете ќе ги води. Крава ќе пасе со мечка, нивните млади ќе лежат заедно; лавот ќе јаде слама како волот. Новороденче ќе игра над змиина дупка, дете ќе протега рака кон змиино гнездо. Нема да прават зло и штета по целата Моја света гора, зашто земјата ќе биде полна со познавање на Господа, како што водите го полнат морето. Во оној ден кон Јесеевиот корен, кој ќе стане како знаме на народите, ќе се обрнат незнабошците, мирот негов ќе му биде слава (Иса. 11,1-10).
Навистина чудесни зборови! За овој краток старозаветен извадок би можело да се говори со денови, но сега ќе се задржиме само на некои негови моменти. Очигледно, во првиот дел на паримијата се зборува точно за доаѓањето на Синот Божји на земјата, Кој од љубов кон нас стана и Син Човечки, примајќи човечка плот од племето на царот и пророк Давид, синот Јесеев: И ќе потера фиданка од Јесеевата пењушка, и стебло ќе израсне од нејзиниот корен. Во продолжение пророкот додава дека врз Него ќе почива Дух Господов, дух на премудрост и разум, дух на совет и крепост, дух на знаење и благочестивост. Овие пророчки зборови несомнено во целост се исполниле кога Словото стана тело и се всели во нас, полно со благодат и вистина (Јован 1,14).
Но она што посебно го привлече моето внимание беше вториот дел од Исаиното пророштво, каде се вели дека волк ќе живее со јагне, леопардот ќе лежи заедно со јаре; теле, лавче и вол ќе бидат заедно, и мало дете ќе ги води. Додека се читаше паримијата, се обидов да се ставам во положба на слушател што размислува со земска логика. И си реков: што ли ќе помислат луѓето за ова што го слушаат? Вистина ли е ова? Може ли вакво нешто да се види некаде во стварноста? Или, можно е ли воопшто да се оствари ова некогаш?
Во духовна смисла и овој дел од пророштво се овистинил. Зашто сите оние што во текот на оваа двомилениумска историја на светоста и мирот се исполниле со Духот на Оној, за Кого свети пророк Исаија предвестува дека ќе изникне од коренот Јесеев – Христос родениот во пештера, во неискажливо смирение – постанале необично кротки и смирени, дури и неразбирливо за закономерноста на обезбожениот човечки разум. Сите коишто со искреност, смирение и вера го примениле во своите животи словото на Неговото Евангелие, навистина се преобратиле од волци во јагниња, од леопарди во јариња, водени од „малото Дете, предвечниот Бог“ – како што пееме за Боголаденецот во познатиот рождественски кондак. Лошите и сурови луѓе преку Христа стануваат добри и кротки. Всушност, нашата гревовна и подивена природа после падот на првосоздадените, се скротува единствено преку воплотеното Слово Божјо, Кое за да би му го вратил на човекот загубеното Божествено достоинство, и Самото стана Човек.
Животот и взаемните човечки односи пред Христа и без Христа би можеле да се опишат и само со онаа позната латинска поговорка, која гласи: Homo homini lupus est, ’човек на човека волк е‘. Мудрите Латини точно констатирале дека луѓето биле толку помрачени и озлобени, што едни на други се однесувале како крвожедни волци. Меѓутоа, со слегувањето на Втората Ипостас од Божествената Троица на земјата, таквата претстава за човекот радикално се измени. Богочовекот Христос дојде да ја исцели подивената и израсипана човечка природа. Зашто после гревопадот на нашиот праотец Адам и прамајката Ева, во душата на човекот, во разумот негов, навлегла страшна болест, загосподарила распадливоста и смртта. Човекот постанал роб на своите страсти. Затоа, во духовна смисла, дивите животните од пророштвото на свети Исаија можеме да ги подразбереме и како страстите, коишто како ѕверови дивеат во нашиот внатрешен човек. Сме го почувствувале сите тоа беснеење што се случува внатре во нас. Но, еве, вели: Новороденче ќе игра над змиина дупка, дете ќе протега рака кон змиино гнездо и тоа нема да му навреди. Тоа ја означува семоќната превласт на Богомладенецот над сите непријателски сили. Доколку човек се труди во словото на Евангелието, општејќи и соединувајќи се Христос на светата Евхаристија, ќе започне да ги победува овие животински страсти во себе. И полека од волк ќе се претвори во јагне. Повеќе, пак, такви словесни јагниња образуваат заедница на мирот. Со Христос настанува нелажен, траен, вечен мир. Охристовените луѓе го промениле светот, откако најнапред самите тие се промениле, совладувајќи го со Божјата благодат ѕверот на егоизмот. Оти, човек егоист не може никого да љуби – ни Бога, ни ближните, ниту, пак, се сака самиот себе на правилен начин. Следствено, таквиот нема мир со никого, ни со себеси. А ние Христијаните милуваме да кажеме дека овој празник е празник на мирот и на љубовта. Но, да се запрашаме, доколку човек не го стекне тој внатрешен, духовен мир преку добродетелта на христијанското смирение, го празнува ли во вистинска полнота Рождеството Христово? Радоста од ова светло празненство можеме да ја вкусиме само тогаш кога покажуваме борба со своите гревовни слабости и страсти, пред сѐ, со гордоста и егоизмот; кога се уподобуваме на нашиот кроток Спасител, Чијшто земен живот бил едно крајно смирение. Има една многу убава византиска претстава на Христос каде е прикажан во изглед на необично скрушение, а зад Него се гледа и симболот на Неговата слава – Крстот. На грчки оваа претстава се нарекува ἡ ἄκρα ταπείνωσις – крајно смирение. И не само со Неговата смрт на Крстот, туку и со Своето Раѓање во бедната Витлеемска пештера, среде јаслите на бесловесните животни, Он ни остави совршен пример за крајно смирение. Па така, патот до кротоста, до мирот, до духот на разумот, на просветлението, е пат на борба во смирение со сопствените страсти и себељубие.
Вечерва од нашиов хор ќе слушнеме чудесни песнопенија во кои се слави надумното Божјо снисходење кон човечкиот род. Преку нивната содржина, светите отци уште еднаш ќе нѐ повикаат на смирение, за да можеме да Го пречекаме Христос во нашите срца. Да може Он да се роди во нас, литургиски, бидејќи тоа е навистина остварливо, доколку со смирение Го бараме. Тогаш и мирот Негов ќе се всели во нас. А знаете колку е насушен тој за сите – прво за нас самите, за домот наш, за Татковината наша и за овој со толку немир разбрануван свет. Затоа, да бараме од најголемиот и единствен Миротворец, Оној Кој стана надеж и знаме на народите, и Чија слава е мирот Негов, да ни го испрати Својот небесен мир, кој нема граница.
Христос со роди и убаво бдение на сите!“