Човековиот етички живот секогаш се развива во однос на некој авторитет. Од друга страна, созревањето во етичкиот живот е вистинско, само тогаш кога е во согласност со созревањето во слобода. Меѓутоа, како да се помират овие две реалности? И уште повеќе од тоа: како можат да одат во чекор една со друга? На кој начин односот со некој авторитет може да го обликува човекот и да го созрее во слобода?
По својата природа, авторитетот поседува карактеристики на власт, и оној кој го води животот во однос со некој авторитет, подлегнува, се покорува на власта и не делува слободно. Меѓутоа, во ралноста ниту еден човек не поседува апсолутна слобода. На ниеден човек не му е поставено прашањето дали сака да се роди ниту, пак, на некого му се поставува прашањето дали сака да умре. Доколку човекот во однос на овие најважни прашања нема слобода, очигледно е колку е неговата слобода ограничена. Човекот поседува релативна слобода, која ја испробува или практикува во однос на некој авторитет.
Доживувањето на авторитетот, како и на слободата, се остварува пред сѐ во односот со мајката, таткото, семејството и непосредното опкружување. Понатаму, авторитетот се остварува во односот со општеството, работното место, со светот и невидливиот Отец. Природните, социјалните и религиозните закони и институции претставуваат рестриктивни граници или авторитети, но истовремено и рамки за растење во човековата слобода. Истите тие закони, институции или авторитети претставуваат еден друг поглед на човековата слобода.
Времето во кое живееме се карактеризира со интензивна криза на авторитетот и барање на неограничена слобода. Овие феномени сигурно стојат во врска со големите социјални промени и огромните можности со кои се соочува современиот човек. Меѓутоа, во исто време, современиот човек не престанува да се става себеси во врска со злоупотреба на авторитетот, како и во развивање на егоцентризмот и отфрлање на одговорноста. Веќе од втората половина на дваесеттиот век, изразувањето сомнеж во авторитетот, најчесто упатен кон личноста на Отецот, кој претставува символ за општествениот и религиозниот авторитет, како и барањето за поголема автономија, создаде нова клима во социјалниот живот и остави како позитивни, така и негативни последици. Од една страна, поткопан е деспотизмот и дволичноста на моќниците, но од друга, во прв план дојде самоволието и стремежот кон социјални и етички дејствувања сѐ до границата на распуштеноста. Поимите „добро“ и „лошо“ беа релативизирани, а слободата поврзана со неодговорноста.
Претпоставка на христијанската етика, е слободата која ја поседува секој човек, како можност за избор помеѓу доброто и злото. Овој избор, од страна на незрелиот и оттуѓен човек, секогаш постои во однос на религиозниот, општествениот, политичкиот или некој друг авторитет. Тоа подразбира дека религијата, општеството или било која друга метафизика или идеологија постојат во рамките на одредена или ограничена слобода, без оглед на тоа дали одредувањето или ограничувањето има позитивна, исцелителна вредност за човекот.
Апосолутна слобода во светот не е можна. Таа, пред сѐ не е можна заради човековата создаденост, која претставува причина за неговото постоење надвор од него самиот. Апсолутната слобода станува возможна единствено во неограничените временски и просторни хоризонти. И тие се поимливи само со ширење во бесконечноста и вечноста. Секако, и религијата може да биде ограничување на слободата. Меѓутоа, таквата употреба на религијата го отфрлува нејзиниот вистински карактер и цел. Религијата како движење кон Бога, на човекот му нуди мноштво можности за слобода, зашто ја преместува точката на неговата есхатолошка референца, во областа на трансцендентното, и поставува најшироки можни рамки на слобода.
Меѓутоа, христијанинот не е плод на религијата, туку на откровението. Тој не се потпира на движењето на создадениот и ограничен човек кон Бога, туку на откровението и пребивањето на бесконечниот и несоздаден Бог во човекот. Бог станува човек, за да го направи човекот бог. На тој начин Бог не пројавува некои надворешни авторитети, туку внатре во истиот тој човек го остварува неговото обновување и обожување. Тоа не значи дека Црквата не ги прифаќа или дека ги смета за непотребни и безвредни надворешните авторитети. Тие не ја губат педагошката вредност и значење. На овој начин, всушност, се толкува местото на законот во Црквата. Христијанинот не е безаконик. Тој не го укинува законот, туку го надминува, или попрецизно, тој го укинува законот, но не на тој начин што го отфрла на страна, туку со тоа што го надминува.
Кога човекот се покорува на некој надворешен авторитет, тогаш тој се оттуѓува и деградира. Божествениот закон, како надворешен авторитет, го уништува огревовениот човек и ја оправдува смртта. Но, оправдувањето на смртта е осуда на слободата. Тоа е конечна правда на надворешниот авторитет. Поради тоа и испраќањето на Законот не требаше да остане како вечен авторитет, туку педагошки да го подготви човекот за прифаќање на Христовото восиновување и слобода. Христос, меѓутоа, не дојде да воспостави некој нов авторитет, туку да го ослободи човекот од секакво ропство. Он не дојде да поучува за некоја нова етика, туку да донесе совршенство и изобилност на живот во светот. Христос е вистински живот, Кој го заменува авторитетот со совршенство и слобода. Он го изведува човекот од степен на заболеност и слобода која е во согласност со таа заболеност, до степен на совршенство и апсолутна слобода. Го насочува и води кон степенот на боговдахновеност, на несебична и некористољубива љубов.
Сите авторитети кои му припаѓаат на светот се конвенционални и се конфронтираат со Бога. Особено државната власт, која ги принудуваше христијаните да ѝ се потчинат, беше оспорувана од перспектива на послушност кон Бога. Секако, се доаѓало до многу несогласувања и злоупотреби во врска со авторитетите кои му припаѓаат на светот. Во своето учење, кое ја релативизира секоја светска институција, Црквата, не само што никогаш не ја истакнувала релативизацијата на државата, туку дури и ја користела со цел за зајакнување или богословска насоченост на државата. Меѓутоа, на овој начин не се изразува вистината на христијанството. Црквата, без двоумење го постави човекот пред Бога и ја објави слободата на неговата совест. Одбивањето на христијанските маченици да го обожуваат царот беше истовремено и одбрана на слободата на совеста. Поединечните слободи, кои човекот подоцна ги бараше како лични права, имаат свој суштински почеток во слободата на совеста, која е обликувана и негувана во просторот на Црквата.
Продолжува