Авторитет и слобода II дел

Христијанскиот живот е насочен кон апсолутната слобода. „Зашто вие, браќа, кон слобода сте повикани“ (Гал. 5, 16), пишува ап. Павле. Оваа насочување кон слободата со себе носи и постепено оддалечување од секаква надворешна принуда, но и од секој надворешен авторитет. Христијанската етика го нема за цел усогласувањето на ропството со слободата, туку е насочена кон човековиот премин од состојбата на ропство во областа на слободата. Секако, овој премин не е лесен ни едноставен, меѓутоа, тој не ја попречува конечната цел на христијанската етика, а тоа е слобода без било какво надворешно наметнување. Во рамките на оваа перспектива авторитетот делува позитивно само кога се вдахновува со вистинската љубов и се држи рака под рака со вистинската слобода.

Но би требало да се признае дека христијанската етика често се претставува одбивно, зашто навидум, не ја познава или дури и ја негира својата сопствена цел, а тоа е слободата. Овој феномен не произлегува од нејзината природа, туку од нејзиното искривување или лошо претставување. Произлегува од преобразувањето на слободната послушност кон Бога во општествена дисциплина. Така се случува христијанската етика да биде законски кодифицирана и користена со цел наметнување на дисциплина, а не заради обликување на послушноста кон Бога и Неговата волја, што претпоставува самовласност и води во слобода.

Истото важи и за духовното раководење на верникот. Со христовото словесно стадо не може да се раководи со принуда, ниту на начин на кој се раководат бесловесните овци. Пастирот на Црквата не е тиранин, ниту господар, туку соработник на верните во делото на нивното спасение и усовршување. Во ваков дух треба да се раководи со нивните дела и однесување. Конечната цел на пастирското делување е усовршување на верникот во слобода во Христа. Освен тоа, во предметите на верата, власта не се наоѓа во рацете на оној кој ја извршува пастирската дејност, туку во оној кој го прифаќа.

Црковните чинови, како знак за Божјото присуство во светот, треба да им помагаат на верниците во нивниот духовен напредок. Носителите на овие достоинства – епископите, презвитерите, игумените, учителите – во службата им се како показатели на верните на нивниот пат кон Бога. Поради тоа изразувањето на почит, послушност и пожртвуваност што го покажуваат верните, треба да биде насочено кон Бога. Присуството на пастирот, треба да биде помош, а не бариера во приведувањето на верникот кон Бога.

Апсолутната слобода не може да постои како човечко достигнување. Таа постои како човечко учествување во Божествената слобода. Како што е прецизно нагласено „крајното искушение“ за создадената човекова слобода, се состои во неговиот обид да создаде облик на постоење идентичен нему, за на тој начин да постане „бог“ и да одбие да го прифати единственото нешто што му е дадено, зашто во зададеноста тој се чувствува потчинет. Ова искушение го испита современиот човек до највисок степен, со можностите што ги достигнаа науката и технологијата. Веќе се планираат генетички промени кои ќе создадат едно надчовечко општество. Паралелно со тоа, меѓутоа, се изразуваат и стравови поради огромните опасности по човештвото, кои произлегуваат од таквиот напредок.

Историјата учи дека човекот копнее по совршенство, но дека не може да го оствари. Поради тоа, било кое негово насочување со цел остварување на совршенството, секогаш остава вкус на некаква празнина. Меѓутоа, од богословието сознаваме дека совршенството постои како дар на совршениот Бог. И совршена слобода, како и „секој добар дар“, доаѓа како „дар од Бога“. За човекот е доволно да сака и да се грижи да го прифати овој дар.

Овој Божји дар, на човекот му се нуди преку Христа. Он е Тој Кој дава апсолутна слобода, и човековата слобода се темели на верата во Христа, не само во смисла на прифаќање на Неговото Божество, туку и во смисла на потполна предаденост на човековата волја на Божествената волја. Верата е сила со која човекот ја прескокнува светската законитост и оди напред во љубовта и слободата на личносниот Бог. Верата, која е прво скалило на љубовта кон Бога, ја произведува надежта, што претставува највисок облик на љубовта, за на крајот да стане потполна љубов и потполна слобода.