1448

За справувањето со простотијата

Неспорно е дека сме некултурни, невоспитани, необразовани, дека се восхитуваме на секаков евтин (но и скап) кич, дека турските сапуници ни стануваат мерка за стварноста и вредностите, дека во кафаните ечи турбо-фолк, дека на празниците и свеченостите го оставаме зад себе и она малку достоинство што го имаме. Сето тоа е премногу очигледно. Прашањето што ме мачи е: дали ако тоа се промени ќе станеме навистина подобри? Дали ако почнеме меѓусебно да се персираме, ако станеме љубезни, ако стекнеме навистина квалитетно образование, ако оформиме добар вкус и почнеме да избираме што ќе гледаме и што ќе слушаме, што ќе читаме и како ќе се однесуваме – дали тогаш навистина ќе станеме подостојни пред очите на Бога?

Секогаш кога ќе отидам во Германија ме восхитува културата и образованоста типични за просечниот Германец, но ми паѓа и уште една работа во очи: и во Македонија и во Германија христијанските храмови во главно се празни. На едно место од едни, на друго место од други мотиви, луѓето како да Го заборавиле Бога, како да заборавиле на Христа. Можеме до утре да бараме виновниците: кај другите, кај римокатолиците, кај протестантите, кај атеистите, кај Евреите, кај масоните, кај вонземјаните и т.н. Фактот останува: христијаните или ги нема, или станале невидливи.

Бесполезно е да се залажуваме со просветителскиот мит дека образованоста може од нас да направи совршени луѓе. Единственото што образованоста може да го направи е да ги реализираме на подобар начин своите природни потенцијали. И неспорно, така треба и да биде. Но, тоа не може само по себе да не донесе до Царството Божјо. Евангелието го нема ниту по скопските биртии, во кои распашаните „бизнисмени“ им лепат евра на турбо-пеачките, ниту по келнските паркови во кои средновечните геј-парови си ги шетаат кучињата држејќи се за раце. Стварноста ни се случува пред очи, а христијаните (или оние кои се уверуваат себеси дека сѐ уште се христијани) молкум гледаат и немаат поим што да прават со себеси и со светот околу себе. Го оставаме овој век да тече и со себе да ја однесе сета наша вера, сите наши ближни, а на крај и нас самите.

Впрочем, како воопшто ќе има Христијани ако не го сведочиме Евангелието? А како да го сведочиме Евангелието кога самите сме го заборавиле, кога водите на овој свет и век го избришале од нашата свест и совест? Основните Христови заповеди за тежнеењето кон совршенството, за носењето на крстот, за служењето на ближните, за одважноста при сведочењето, за божествената љубов – и на „културните“ и на „некултурните“ денес им изгледаат како бесмислици (впрочем, исто како на „Елините“ и на „Евреите“ од времето на апостолите). Причината за тоа лежи во фактот дека тие заповеди немаат ништо заедничко ниту со нашата пост-социјалистичка нео-отоманска „култура“, ниту со вредносниот систем на западното просветителство.

Евангелието, всушност, нема за цел да ги укине класните и културните разлики меѓу луѓето и народите. Тоа има за цел да ги преобрази, да им даде смисла, да ги облагороди. Кога човек ќе заживее во Христа – нема да му бидат задолжително потребни високо образование и научени манири за да познае што е кич, а што не е; што е воспитание, а што е простотија; што е достоинство, а што е себепонижување. Всушност, во секој народ, во секоја култура, во секоја класа – постои начин како да се биде и воспитан, и достоинствен, и чесен, и мудар. Она што треба да го промениме не е едноставно класата, народот, манирите – туку умот, самиот начин на кој гледаме и мислиме. Денес толку избегнуваниот збор „покајание“ го означува токму тоа: промена на умот, преумување кое човекот го постигнува познавајќи го Христа и донесувајќи одлука „самиот себеси и сиот свој живот“ нему да му го предаде.

Преземено од Премин Портал