Православието и човековите права – V дел

Изложување на православното сфаќање за човечката состојба и неговата врска со фундаменталните права на човекот

За да може да ја разјасниме концепцијата за човечката природа на којашто се заснова православната мисла, ќе се задржиме накратко на некои основни црти на православната антропологија, односно на православното сфаќање за происходот на човекот, неговата природа и назначение. Сепак, правејќи го ова, немаме намера да ги напаѓаме погледите што се изложени во текстовите на Меѓународните документи. Цел ни е, пред сè, да дадеме едно внимателно, промислено изложување на фундаменталните христијански верувања, кои неизбежно влијаат врз нашиот однос кон правата на човекот и нашите сфаќања за тие права.

Воопштување на православната антропологија

Основоположнички камен на христијанската антропологија останува верувањето дека Бог го создаде Адам по подобие Божјо (Битие 5,1). Секој следен библиски поглед на човечката природа се заснова на тоа сфаќање.  Новиот Завет исто така истакнува дека човечкиот род е Божја творба (Матеј, 19,4; Дела 17,28), создадена според образот Божји (Кол. 3,10) и по Негово подобие (Јак. 3,9). Бог се открива не само како Врховно Суштество, туку и како личносен Бог: постоење чијашто вредност е единството, заедничарењето помеѓу личностите; единство во три и троичност во едно; совршена заедница на љубовта. „Подобието“ на Бога им е дадено на човечките битија како можност, а не како зададеност. Тоа во краен случај, се постигнува преку дејството на Светот Дух.

Целото човештво произлегува од првата двојка, којашто Бог ја создава; следствено, сите човечки битија независно од нивната раса, боја на кожата, јазик, или образование, се надарени со достоинството на божествениот происход. Додека западната мисла го истакнува умот, интелектот и волјата како најкарактеристични црти на божествениот образ, источното богословие, пак, става поголем акцент врз слободата и љубовта, примајќи ги за појдовна точка љубовта и заедничарењето – во слобода и хармонија – меѓу лицата на Света Троица.

Бог не е само нашиот Творец, Он е и Отец на целото човештво. Тој поглед е непрестајно нагласуван во Новиот Завет (Матеј 6,9; 23,9; Рим. 1,7) и е директно сврзан со убедувањето дека сите луѓе, без исклучок, се чеда Божји и според тоа браќа и сестри. Убедувањето дека сите човечки битија имаат заеднички происход во творечката енергија на Бога, е живо прикажано од страна на апостол Павле среде Ареопагот во Атина: Бог, Кој го создаде светов и сè, што е во него… Од една крв го создаде сиот род човечки (Дела 17, 24-26) Така целото човештво е една огромна неделива целина, чиешто средиште на суштествување е Живиот Троичен Бог: Постои само еден Бог, Татко на сите. Тој е Господар над сите, дејствува преку сите и живее во сите (Ефес. 4,6)

Не е само заедничкиот происход она што ги поврзува човечките битија во едно семејство, тие се поврзани и преку заедничката мисија во животот. Целта на нивното суштествување е да ги реализираат од Бога дадените им способности и да се доближат до состојбата на битието „според Неговото подобие“. Нивната цел е да се издигнат од условите на чисто биолошко егзистирање до состојба на вистинско меѓуличносно заедничарење, во хармонија со сите созданија и сета твар, преку некористољубивата љубов, која ја откриваме во Света Троица и која е возвишена заедница на љубовта и пример за нашиот живот.

Освен тоа, покрај овој заеднички происход и заедничката цел, постои и друга суштинска карактеристика која го прави човештвото една целина: сите човечки битија се учесници во гревопадот и ја делат вината за него. Во почетокот на човечката историја, човечките битија не одбраа да се ориентираат кон Троичниот Бог, претпочитаа да не го следат патот на своето „обожение“ кое е цел на нивното суштествување, и кое се реализира  преку споделување на љубовта што постои меѓу трите Божествени Лица на Света Троица. Наместо тоа, тие се приврзаа кон сопственото „его“, ја отфрлија Божјата љубов и се обидоа да постигнат „обожение“ врз основа на нивните сопствени критериуми и на иницијатива на ѓаволот (и ќе бидете како богови, Битие 3,5). 

Таа несреќна состојба на човечкиот род е поврзана со фактот дека човечките битија се надарени со слобода како суштинска карактеристика – тие дури се слободни да ја отфрлат и некористољубивата љубов, како што и направија, за да станат затвореници на своето егоистично самољубие. И покрај ова, независно од самоналоженото изгнанство, тие сè уште ја имаат еднаквоста и наследството на својот духовен происход, како и копнежот по загубениот рај.

Православната мисла признава дека во човечката историја дејствуваат спротивставени сили, не само како целина, туку и во животот на секое човечко суштество. Тоа може да се види и во природниот свет, каде од една страна исклучителната хармонија сведочи за божественото интервенирање, а од друга страна постојат паразитски сили кои предизвикуваат секакви можни форми на раздор и дисхармонија.

Таа мрачна атмосфера беше надмината кога во човечката историја се случи настан од исклучителна важност – одново на иницијатива на Троичниот Бог: преку врховниот акт а љубов: Словото стана плот и живееше меѓу нас полно со благодат и вистина (Јован 1,14). Воплотувањето на Синот му донесе на човештвото можност за нов пат кон „општењето“ со Троичниот Бог, а исто така и со другите човечки битија кои се образ Божји. Проповедта на тоа благовестие е оној суштински придонес на христијанското Евангелие

(Продолжува…)