Деновиве, по Божја промисла, уште еден сноп светлина заблеска врз „благиот и благодатен монашки лик на славниот Бигорски игумен – ктитор, архимандрит Арсениј“. Имено, големиот пријател и соработник на нашата Свештена Обител, г. Филип Филипов од Софија, по потекло од Река македонска, историчар по професија, во Софиската народна библиотека изнајде еден за нас особено драгоцен документ – писмо на игуменот Арсениј до проигуменот на Зографската Света Обител на Света Гора, јеромонахот Иларион. Ова писмо уште посилно го потврдува духовното величие на светиот бигорски игумен, неговата сеопфатна духовничка и отечка грижа, неуморниот порив да се дејствува во полза на спасението на душите на ближните.
Писмото е напишано на еден табак хартија, на четири страници. Датирано е на 25 март 1834 година, односно пет години пред упокојувањето на архимандрит Арсениј, кога тој веќе бил во доста напредна возраст. Јазикот на кој е составено е црковнословенски, со изразени примеси на месниот народен говор, во кој се среќаваат и говорни турцизми.
Од содржината на писмото лесно може да се заклучи дека тогашниот зографски проигумен бил некогашен бигорски собрат („ова ти е отечеството и овде ти е твојата метанија“), духовно чедо на отец Арсениј. Впрочем, тој така и му се обраќа: „Ова молитвено послание да му се предаде на кир кир Иларион… наше во Христа возљубено чедо“; и на друго место: „Чедо мое духовно и брате мој возљубен, како твој отец духовен големо желание имам јас грешниот, да го видам твоето чесно лице…“ Исто така, лесно воочлива е големата поврзаност на Бигорската Обител со Светата Гора Атонска, особено со Манастирот Зограф. Раководен од духот на премудроста Божја и од желбата за спасение на својот народ, архимандритот Арсениј испраќал во Градината на Пресвета Богородица многу свои духовни чеда и ученици, за таму да стекнат потребни знаења и искуство, со кои ќе можат да му помогнат на својот поробен народ во западниот дел на Македонија. Парафразирајќи го Свети апостол Павле, тој со пастирска болка пишува: „нема полза во тоа човек да се спаси самиот, туку да спаси и други души, за кои Христос умре“.
Како добар духовен татко и пастир, тој се грижи да ги собере своите чеда, на кои и материјално им помогнал да се школуваат, и да ги натера да се вратат во местото на својот подвиг, со цел да помогнат во духовниот препород на страдалниот народ. Меѓу неговите духовни чеда се јавува името и на великиот наш црковен деец и преродбеник, архимандритот Анатолиј Зографски.
Но она што е особено важно и кое сведочи за силата на гигантскиот дух на игуменот Арсениј е фактот што, и покрај големата потреба и недостиг со кои се соочувал сопствениот му Манастир, сепак со сите свои усилија учествувал во духовната обнова на Света Гора, особено на манастирот Зограф. Таму тој испраќал многу свои духовни чеда, кои со време станувале видни игумени, духовници, економи, учители…, кои многу придонеле за материјалното и духовно издигнување на Света Гора во тој период.
Мошне интересно е и тоа што во дел од содржината на писмото се зборува за направата за производство на халкографии (бакрописи) со ликови на светители. Познато е дека Бигорскиот Манастир, во времето на игуменот Арсениј, печател хартиени икони со ликот на својот патрон, Свети Јован Претеча.
Од зборовите на отец Арсениј може да се прочита неговата голема скромност и смирение, како и тешката материјална оскудност на Бигорската Обител.
Ова скромно писмо говори навистина многу за огромното значење и улога што ја имал Бигорскиот Манастир во времето на Преродбата и во издигнувањето на такви дејци што ќе бидат протагонисти во образувањето на народната свест, јазик, култура, државотворност…
Во продолжение ја наведуваме целосната транскрипција на писмото на архимандритот Арсениј:
Сїе молитвеное посланїе да вручится Кирїю Кирїю Iларїωну священосхимонахъ, проигумену Зωграфскому Монастирю, Святому Геωргїю намъ же во Хрїстѣ любезному чаду.
Во Святую Гору, у Монастиръ Зωграфъ
Вашегω высокопреподобїю всеусерднω
молитвую, и всякагω благополучїя
и душевнагω спасенїя вседушевно
вамъ желаю
Со симъ моимъ молитвенымъ настоящимъ отеческимъ писанием, засвѣдѣтелствую Вашему Высокопреподобїю, якω радостнω приахомъ многожелателное намъ Вашегω честное посланїе и не малω возвеселихомся, ω Ваше пришествїе и ω Ваше здравїе. Аще вопросите ω насъ, живи и здравы сме до нинѣшнягω часа, и молиме Господа Бога нашегω Iисуса Хрїста и Пречистую Матер егω и Приснодѣву Марїю, и святагω Iωанна Предтечи ω Вашемъ многолѣтномъ тѣлесномъ здравїемъ и душевномъ спасенїемъ. Ѕѣлω ωскорбихомся ω ωскудѣнїе Святую Гору и ω нынѣшная тежина, и Богъ премилостивїй съ молитвами Пресвятыя Богородицы, да дастъ умноженїе и ωтъ невидимо нѣкоя лѣснота.
Чадо мое духовное, и брате мое любезнѣйшїй, якω отецъ духовный великω желанїе имамъ азъ грѣшнїй да видамъ твое честное лице, и да молитвую еще во сей животъ и акω е возможнω овая пролетъ да дойдешъ да се видиме, и да исполниме нашетω великω желанїе, и да учрездимся душевнω и тѣлеснω. Дошелъ и Захарїа и не беше праведнω да приимемъ егω, заради беганѣто що сторилъ и други безпутый, но ваши честный посланїй оумолиша насъ да приимемъ егω, и приахомъ егω и сопричтихомъ со братиами, якωже и прежде. Ни донесолъ и по еднω рало кондури, мене еднω и духовнику нашу хаџи Серафиму, и по еднω рало бройнички черни, и благодариме вашему дару и вашегω благоразумїю, и Богъ да отдастъ вамъ за вашегω благотворенїе велика мзда на небесехъ и неизреченую радосъ.
И благодариме васъ оти радите за нашъ монастиръ, но молиме васъ да понуждавате и други наши оученици що суть оу скить ξеноф(онт)ски, единъ нарицается Неофитъ їеромонахъ, иже бяше прежде имя ему Никодимъ, а другїй Григорїа їеродїаконъ, емуже имя бяше Гаврїилъ, и да понуждавате имъ да си дойдатъ назатъ оу метаниата, отї якоже глаголетъ святый апостолъ Павелъ, нѣстъ полза спастися самъ человекъ но да спасетъ и други души, за имже Хрїстосъ оумре, зато молимъ васъ да понуждавате ими да си дойдетъ назатъ отї ω ефимерїй сме скудны. Извѣстнω ти будетъ отї наречафме есенеска со единъ таξїдїотъ ωтъ Лавра именемъ Тимоѳеа їеромонахъ и наречафме четири стаби (…), и той го пущиле таξїдїотъ во Велико Турново, и ни пиша една книга ωтъ Солωнъ, отї испиталъ сите щамбаџий и нашолъ еденъ по искусенъ во Кареа нарицаемый Кѵрїллъ и ценилъ четирите щамби, хиляда и сто гроша, и мїе да найдиме трите бакири и другиотъ да гω даватъ той така го цениле, и мие сакаме мошни арни щамби, и за бакирите ке чиниме чаре, и за парите, токω сакаме да видиме една книга ωтъ негойте щамби, за то ти се молиме да чиниш толко захметъ да одишъ да ти даватъ щамбачиата Кѵрїллъ една книга щамбосана що святый да биде нека биде, токω мие сакаме да му видиме марифетотъ, и да ния пущишъ вамω со еднω твое честное посланїе, и така акω ни бетендисатъ да барамъ бакири, токω ти се молиме да чинишъ толкω захметъ за ова святое место, отї ова ти естъ отечество, и овде ти естъ твоя метания.
И ти се моля да ми пишишъ каде естъ Анатолїа сега за да му пишамъ една книга, отї акω не пракятъ той, то я требитъ да му пракя. И Iларїωна го прощавамъ и го благословуамъ, токω не сторїа арнω отї я имъ платифъ борчъ и оуще не можа да куртулиса ωтъ негω, и плакя до денеска файде за тие пари, за те и найде наказанїе обата.
Такω и благодатъ святому Iωанну да будетъ съ вами и съ нами до вѣка, аминъ.
1834 года, Мартїа во ке‘ денъ
Вашегω преподобїя молитвеникъ къ Богу теплейшїй,
Игуменъ Арсенїа Архимандритъ
со братиами
Хаџи Серафимъ духовникъ молитвуетъ тя
Ѳеодосїа їеромонахъ цѣлуетъ тя во Хрїстѣ
Аврамїа їеромонахъ такω
Мїхаилъ їеромонахъ такω
Дїонѵсїа їеромонахъ такω
Д(…)лъ їеромонахъ такω
(…)лъ їеродїаконъ полоннω лобизаетъ святая твоя десница
Ѳеофанъ монахъ еклисиархъ такω
Данїилъ монахъ зуграфъ такω
Захарїа монахъ такω
Трифилїа монахъ такω
Iларїωнъ монахъ такω
хаџи Генадїа монахъ такω
и прочїй монастирски такω.
Македонски превод на писмото:
Молитвено писмо да му се предаде на Кир Кир Иларион, свештеносхимонах, проигумен на Зографскиот манастир, посветен на Свети Георгиј, на нашето возљубено чедо во Христа.
Во Света Гора, во манастирот Зограф
Со сета моја почит, се молам за вашето високопреосвештенство, посакувајќи ви секое благословение и спасение на душата од дното на моето срце.
Со ова мое сегашно молитвено и отеческо писмо, сведочам пред Вашето Високопреосвештенство дека со голема радост го примивме вашето долгоочекувано честито писмо и не малку се зарадувавме од веста за вашето пристигнување и за вашето здравје. Ако прашувате за нас, живи и здрави сме до овој момент, и се молиме на нашиот Господ Бог Исус Христос, на Неговата Пречиста Мајка, Приснодева Марија, и на Свети Јован Крстител за вашето многу години телесно здравје и спасение на душата. Многу жалиме за сиромаштијата во Света Гора и за сегашната тежина, но Бог Премилостивиот, преку молитвите на Пресвета Богородица, нека даде зголемување и нека донесе олеснување од овие невидливи искушенија.
Моето духовно чедо и највозљубен брате, како твој духовен отец, јас грешниот имам голема желба да го видам твоето честито лице и да се молам уште еднаш во овој живот. Ако е можно, оваа пролет да дојдеш, за да се видиме и да ја исполниме нашата голема желба и да се укрепиме и духовно и телесно. Доаѓаше и Захарија, но не беше правилно да го примиме поради бегството што го направил и други неправилни постапки, но вашето честито писмо не убеди да го примиме, и го примивме и го вклучивме повторно меѓу браќата, како и претходно. Ни донесе и по еден пар обувки, едни за мене и едни за нашиот духовник Хаџи Серафим, и една црна бројаница, и ви благодариме за вашиот дар и за вашата благоразумност, и нека Бог ви врати за вашата добротворност со голема награда на небесата и неизразлива радост.
Ви благодариме и за тоа што се грижите за нашиот манастир, но ве молиме да ги поттикнете и другите наши ученици кои се во скитот на Ксенофонт, еден се нарекува Неофит, јеромонах, а некогаш се викаше Никодим, а другиот е Григориј, јероѓакон, кој некогаш се викаше Гаврил, и да ги поттикнете да се вратат во нивното покајание. Како што вели светиот апостол Павле, нема полза човек да се спаси самиот, туку да спаси и други души, за кои Христос умре. Затоа ве молиме да ги поттикнете да се вратат, бидејќи ни недостигаат свештеници.
Биди известен дека минатата есен разговаравме со еден патувачки монах од Лаврата по име Јеромонах Тимотеј, и разговаравме за четири печатарски матрици. Тој ги оставил во Велико Трново, а ни пиша од Солун дека ги испитал сите печатари и нашол еден искусен во Кареја, по име Кирил, кој ги проценил четирите матрици на илјада и сто гроша. Ние треба да најдеме бакар за три од нив, а четвртата ќе ја обезбеди тој, како што беше проценета. Ние сакаме многу добри матрици и ќе најдеме начин за бакарот и парите, но сакаме да видиме книга отпечатена со овие матрици. Затоа ве молиме да отидете кај Кирил и да земете една книга отпечатена со неговите матрици, за да ја видиме неговата умешност, и ако ни се допадне, ќе побараме бакар. Ве молиме да направите толкава услуга за ова свето место, зашто ова е вашето татково место, и овде е вашето покајание.
Исто така ве молам да ми пишете каде се наоѓа сега Анатолиј, за да му напишам писмо, бидејќи ако не го испратат, тогаш јас ќе треба да му го испратам. Му простувам на Иларион и го благословувам, но тој не постапи добро, бидејќи јас му го платив долгот и сè уште не може да се ослободи од него, и до денес плаќам за тие пари, затоа и најде казна за двајцата.
Нека благодатта на свети Јован биде со вас и со нас довека, амин.
1834 година, 25 март
Ваш молитвеник пред Бога,
Игумен Арсениј, Архимандрит
со браќата
Хаџи Серафим, духовникот, се моли за тебе.
Јеромонах Теодосиј те поздравува во Христа.
Јеромонах Аврамиј исто така.
Јеромонах Михаил исто така.
Јеромонах Дионисиј исто така.
(…) исто така.
Јероѓакон (…) ти ја целива твојата света десница.
Монах Теофан, еклисиархот, исто така.
Монах Даниил, зографот, исто така.
Монах Захариј исто така.
Монах Трифилиј исто така.
Монах Иларион исто така.
Хаџи Генадиј монах исто така.
И останатите браќа од манастирот исто така.