Светителот

Да се почувствува топлината во студената зимска ноќ, да се загреат срцата на свеќите во храмот, да се вкуси најслаткиот залак од сеуште топлата погача, виното кое грее низ душата, ладното ветре на заруменетите лица, пченицата која засладува на крајот, црвените јаболка наспроти белиот снег кој крцка под нозете како кората на погачата кога се крши…

Спевот и молитвата на свештеникот, чии ладни раце го палат темјанот, чиј требник е најнатиснат кај Светителот, сам да го оставиш таму ќе се отвори, чие време вечерва е најскратено, зашто мора да поита до наредниот дом…

Прегратките на мајката и таткото кои со целив те гушкаат, но не сакаат да те допрат, да не те направат со риба, со гравче, со ориз, со расол, со буковска, со туршија…, а со насмевка ти велат да откраднеш од баклавата, од костените, од мандарините, од пченицата, дури чекаш…

Дури ги чекаш гостите на поставената трпеза со љубов, со мерак, со мир, со душевна полнота за вечерта, за денот, за славата на тој дом, на сите во него, на самиот Светител кој постојано е вдомен таму и во битието на сите души кои живеат и чекорат во тој дом…

Свеќата веќе до пола догорува пред иконата на Светителот, чие лице чиниш е строго, чиниш сериозно, чиниш налутено, можеби насрдено. Но, сепак, погледнуваш и знаеш во себе, во душата и во срцето дека те гледа со милост, со љубов, со топлина, со ведрина, со прошка, со жар, со присутност, со застапништво пред Господ Исус Христос и пред Пресветата, кое никој не може да го спознае, освен Тие самите, како што и Тие самите се сообразени на самата икона околу него…

И повторно се прекрстуваш и се молиш и пристапуваш…

За доброто на сите дома, за најблиските, за домот, за сите ближни, за сите наоколу, за сите луѓе, сега и секогаш, се молиш Светителот да се моли, да нѐ има во молитвите, да нѐ спомени.

И вечерта и денот ќе поминат со радост, затоа што и Светителот се радува кога сите на Бога Троичниот се радуваат.

Секоја вечер да биде таа вечер, секој ден да биде тој ден, постојано во душите и срцата да живееме така, достојно, скромно, чесно, радосно, со милост, молитвено, посветено…

Љубовта кон ближните, кон родителите, кон семејството, кон братот, кон сестрата, љубовта кон сите наоколу, љубовта за доброто, љубовта кон Бога, исполнета со целосното битие и торжество кое можеме да го исполниме, катаден да тлее во нас и во сѐ наше, во сѐ што постои.

Топлината на домот да биде топлина од Бога, преку топлината на нашите души, нашите мисли, нашите срца, нашите дела, нашите молитви…

Поголема слава за Светителот од тоа така да пристапиме ќе нема, а и поголемо застапништво од Него за нас грешните ќе нема во милоста Божја кон нас.

Свети Николае, моли Го Бога за нас грешните, недостојните и непоправливите!