Руската црква – пријател кој знае да се однесува само непријателски

Андреас Лударос

Ако луѓето што се кријат позади стратегијата на Руската црква имаа можност да ги прочитаат записниците на последното заседание на Јерархијата на Грчката црква за украинското прашање, или ако барем ги прочитале репортажите на orthodoxia.info на оваа тема, ќе сфатеа дека нивната стратегија е во најмала рака катастрофална.

Во последниве денови цел ред на објави во руските телевизиски, печатени и интернет медиуми, се обидуваат да убедат (искрено, не знам кого) дека на Јерархијата во Атина имало некој си „механизам“ кој ја наметнал одлуката за признавање, подразбирајќи меѓу редови дека вистинската желба на Синодот била друга.

Истовремено, незаинтересирани дека телото на Јерархијата е сочинето од осумдесет архиереи, тие продолжуваат да им оставаат простор на два-тројца, кои постојано го негираат основното начело за мнението на мнозинството, монотоно повторувајќи дека десет митрополити не се согласиле.

Не се потребни ниту особени познавања, ниту страшни интелектуални способности за некој да сфати дека во последниов период се врши координиран обид за дестабилизација на Грчката црква и прикажување на Јерархијата како едно тело што се обидува да живее и да се носи со една одлука која ја донела под притисок.

Но, како што на почетокот напишав, доколку имаа барем мала јасна слика за тоа што навистина се случи, ќе имаа сосема различна стратегија, ако воопшто може сегашниве справувања да се наречат „стратегија“.

Сликата која ја прикажа Јерархијата на тоа заседание беше еден лонец што под притисок го исфрла својот капак. Притисок кој беше предизвикан од неподносливите и постојани притисоци врз нејзините членови, за да донесат одлука во која ни самите не веруваат. И кога велиме притисоци мислиме на чисто руски челични притисоци. Такви што го натераа огромното мнозинство на јерарси да проговорат отворено за недозволивиот обид за промена на нивното мнение, кој ги премина сите граници.

Но, сепак! Скоро секојдневно излегуваат текстови за американски пари, американски притисоци, купување на совест и злоставувања кои доведоа до одлуката на Атина и се објавуваат фотографии на Атинскиот архиепископ и Вселенскиот патријарх со американски чиновници, како би покажале дека Грчката црква и Вселенската патријаршија се „окупирани“ од американските интереси.

Сакаат да направат да поверуваме во ова, истите оние кои на туристичките агенции им ја објавија својата синодска одлука за да нè казнат, враќајќи ги назад поклониците. Самите тие кои се обидуваат -повторно- да ги злоставуваат митрополитите, велејќи им, ни повеќе, ни помалку, дека „ако не ја погазиш одлуката на сопствениот Синод, со мене ќе си имаш работа“.

Што се однесува до “à la carte” прекинувањето на општење… мислам дека на многу места од планетата теолозите си ја кубат косата. Непричестување за архиереите што ќе ја почитуваат одлуката на својата Јерархија, причестување за оние што ќе ја погазат! Зашто се обидуваат да го направат ова – откако не успеаја да го убедат Синодот во целост, се трудат да им го направат тоа на митрополитите еден по еден. Тоа е истата тактика која ја следеа тогаш кога ги повикуваа своите олигарси за да не ги помагаат финансиски манастирите на Света Гора, но нивните.

Еве со едноставни зборови, за да не ја изгубиме суштината. Оние митрополити што се спротивставија на одлуката на Јерархијата чии членови се – ќе имаат причест, ќе имаат туристи, ќе имаат даренија, ќе имаат сè што ќе им посака душата. Другите… ќе се изгубат во бездната. Во секој случај, како за идеолошки заштитници на светите Канони, зарем не мислите дека многу често го користат паричното убедување?

Особено тажно е да гледаш некого кого до скоро си го сметал за пријател и брат, при првото несогласување да ти се заканува толку строго и да се обидува да ти го разнебити домот… За ум и за ука!

Единственото што можеме да го направиме е да се надеваме дека и во Русија еден ден ќе ја видат стварноста и ќе сфатат дека на овој начин единствено што ќе добијат ќе биде бесконечна осаменост која ќе биде „прекинувана“ од присуството на малцина купени или подвластени пријатели. Но тие не се пријатели, зарем не?

Извор: Orthodoxia.info