578

Љубовта и саможртвата се оружјето со кое се брани Татковината

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено на празникот Илинден, по читањето на Светото Евангелие на Божествената Литургија, отслужена во храмот „Св. Вмч. Георгиј Победоносец“, во с. Лазарополе

 

озљубени лазарополци, нека ни биде на здравје и спасение отслужената Света Литургија! Ви благодарам на сите што со внимание и побожност го следевте богослужението и молитвено учествувате во него. Светиот славен и сефален Пророк Илија, чиј спомен денес празнуваме, заедно со Светите Пречистански Преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј – монаси од нашиот род, кои во подвигот биле многу слични на Свети Илија и во време на Отоманската Империја со својата крв ја посведочиле вистинската вера – нека се молат за сите нас, за ова прочуено село и за Татковината наша.

Да се молиме и ние да има што повеќе вакви сведоци со маченичка совест во родот наш, та да можеме да си обезбедиме светла и благословена иднина. Оти, сè што имаме денес – оваа наша мала и многу сакана држава и Татковина и слободата што ја живееме – е завештание на нашите самопожртвувани предци кои се давале себеси како принос за да ги придобијат за нас тие свештени дарови од Бога. Тие навистина биле слични на старозаветните пророци, биле слични на Апостолите, слични на Мачениците, кои со крвта своја го сведочеле Божјото откровение и со љубов и самопожртвуваност го освоиле светот за вистината Христова. Велам да се молиме да имаме што повеќе такви Божји сведоци, зашто знам дека низ историјата сме имале многумина. Од ова село, на пример, како и од овој мијачки крај воопшто, произлегле многу такви духовни великани, и тоа во нашата блиска историја – можеби не постара од две столетија. Историјата непобитно сведочи за тие великани кои нè задолжиле премногу со делата што ги направиле во слава Божја и за доброто на родот наш. Денес, за жал, нивните села се речиси празни. Меѓутоа, јас сепак се радувам што не се заборавени докрај. Ете вие и денес доаѓате тука, барем во лето, при темелите на вашите предци, со надеж дека никогаш нема да загине споменот за славното минато на овие села. А нема да загине само доколку и ние, подобно на нив, се вратиме на основните начела на нашата спасоносна вера.

Впрочем, да се запрашаме што е тоа што ги поттикнало нив и им помогнало да истраат во тие тешки времиња на Отоманската империја, кога владееле суровите шеријатски закони? И не само да истраат, туку и да остават зад себе едно непропадливо бесценето духовно богатство за идните поколенија? Се разбира, тоа е единствено верата во вистински Троичен Бог, Творец и Седржител; во нашиот преблаг Спасител, Господ Исус Христос, Кој проповеда само љубов, и во Духот Свети, Животодавецот и Утешителот. Ете таа вера е сигурноста за нашата светла иднина. Имајќи ја неа, ние не ќе се двоумиме, доколку е тоа потребно, и да се жртвуваме за другите. Зашто Христијанинот за идеал Го има Христос, Кој се распна на крстот, ги рашири Своите раце во љубовна прегратка за целото човештво, а ги прегрна дури и оние што Го распнуваа. Љубовта и саможртвата се единственото оружје со кое нашиот човекољубив Господ, преку Своите ученици, го освои светот. Читаме од Евангелието, кога Он требало да биде предаден во рацете на беззакониците, некои од Неговите следбеници сакале да Го бранат со оружје – имено, апостолот Петар извадил нож во Гетсиманската градина, но Господ му рекол: Врати го ножот на местото негово; зашто сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат (Матеј 26,52). Гледате: Христос и во последните мигови од Својот живот нè поучи дека не со оружје, ами со вистина и љубов ќе победуваме. Он дури ни на Крстот не покажа никаква злоба и желба за одмазда кон оние што Му правеа зло, туку со љубов молеше од Својот Отец за нив прошка и спасение.

Таа е верата со која биле задоени нашите предци. Би ги истакнал овде славните лазарополци: Ѓурчин Кокале, кој го изградил овој голем и прекрасен храм, и особено Архимандритот Анатолиј Зографски, кој со своето смирение и светост толку многу направил за нашиот народ… Пред некој ден додека бевме на трпеза – а знаете дека според манастирскиот ред на редовните трпези секогаш се чита некое поучително слово – слушнав за еден прекрасен настан од животот на големиот египетски пустиножител, Авва Памво. Имено, еднаш тој со своите монаси патувал по Египет, кој тогаш бил оаза на Христијанството и монаштвото. Кога поминувале покрај нeкoи луѓе, коишто сeдeлe додека монасите врвеле покрај нив, Авва Памвo ги повикал и им рeкoл: „Станeтe и пoздравeтe ги монасите, од нив благослов да примите, oти тие нeпрeстајнo бeсeдат сo Бога и устите нивни се свети“. Овој пример ме охрабри повеќе да ги фалам монасите. И иако секогаш внимавам во тоа за да не бидам погрешно сфатен, сега сепак ќе ги пофалам. Се разбира не и себеси, бидејќи јас не сум достоен за тој превозвишен призив, но за моите браќа можам да кажам дека тие се новите Илиевци, новите Анатолиевци, новите Евнувиевци, Пајсиевци, Аверкиевци… Еве, меѓу нас денес има и еден брат кој се вика Анатолиј, токму според името на великиот Анатолиј Зографски. Сите тие монаси се, всушност, новите сведоци Христови, кои за Него храбро сведочат. Да се запрашаме што би бил Бигорскиот Манастир без монаси? Еден куп камења и ништо друго. Истото би било и со ова село кога вие не би доаѓале често тука. Така што, и наши старославни манастири и храмови би изгубиле секакво значење, доколку ние самите не постанеме живи храмови, не станеме Божја Црква, собор свештен во Христа Исуса. Затоа, да го помолиме огненосниот и Свет Пророк Илија да ни ја испрати својата огнена ревност да бидеме дејствителни Христијани. За тоа, секако, потребно е чудо: Бог да го отвори нашето срце со Својата милост и добрина за да би можеле да Го примиме во него. Оти, ние имаме слободна волја и без наша согласност, без наша синергија, Бог не сака да се всели во нас. Следствено, нашата денешна молитва бара од Него чудо; да го просветли разумот на што повеќе луѓе, та сите тие да ги отворат своите срца за вечната Вистина и Убавина и да го збогатат светот со неовоземна љубов и добрина. Немојте да мислите дека такво нешто е невозможно за обичниот човек. Сетете се дека некогаш и Апостолите биле обични луѓе, но имајќи Го Христа во себе – како што сведочи Свети Апостол Павле: не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене (Гал. 2,20) – со љубов го освоиле целиот свет и го преобразиле. Замислете само каква била Римската империја – една неверојатно моќна воена и административна машинерија којашто го покорила скоро целиот тогаш познат свет. И ден денес, на сета онаа развиена технологија што ја имаме, кога ги гледаме тие градби што ги правеле пред повеќе од две илјади години, просто занемуваме пред нивната импозантност. Меѓутоа, таа Империја била духовно гнила и во мрак. И она што не можеле да го направаат бројните освојувачи од овој свет, кои немоќно запирале пред неосвоивите римски бедеми, успеале да го постигнат кротките и невооружени Апостоли Христови, победувајќи го мракот и освојувајќи го Рим со својата победоносна вера и љубов во Христа. Така, вистинската Светлина засветли од Исток, од Израил, и, преку гонетите Апостоли Христови, се распространи насекаде. После три века гоненија и мачеништво, Христијаните, со љубов и саможртва, најпосле го победија и преобразија светот. Зошто ви го зборувам ова? Затоа што и денес на светот му е потребна една таква преобразба, му е потребна Христовата светлина. Ако во наше време ги нема тие материјални идоли на кои се поклонувале Римјаните; на кои, во времето на Свети Порок Илија, се поклонувале и богоотпаднатите Израилци на чело со царот Ахав и царицата Језавела, сепак, и ние имаме идоли, можеби уште поголеми од нивните. Мислам дека најстрашни идоли денес се среброљубието и егоистичната желба за себеугодување. За жал, многумина се оние кои, свесно или несвесно, им се поклонуваат на овие идоли. Денешниот човек трча по материјални богатства и угодности и подготвен е заради среброљубието да ги жртвува и најсветите нешта, како што се верата и Татковината…

По молитвите на Свети Илија и на Светите Пречистански Преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, Бог на сите да ни дава сили да одолееме на соблазните од современите идоли и непоколебливо да ја сведочиме вистината Христова. Накрај би ве замолил да се молите секогаш и за монасите и монахињите од нашите четири манастири: Бигорски, Рајчица, Пречиста и Кнежино. Ги набројувам овие манастири, бидејќи на почетокот, кога ја започнавме нашата духовна преродба, беше само еден манастир – Бигорски, а сега се веќе четири светилници што сведочат во нашата епархија и во западниот крај на Македонија. Монасите и монахињите ги напуштиле своите домови и семејства и сега живеат во овие обители, каде постојано бдеат, жестоко се борат со своите желби и страсти, а особено со светот кој е посилен од кога и да било. Господ да ги утврди нив, а и сите нас што повеќе да сведочиме за Вистината и за љубовта Божја!

За многу години нека ни е големиот христијански и национален празник и Бог да ни ја сочува Татковината вечна!