Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Воскресението Христово – Света Пасха, на 24 април 2022 лето Господово
Од Евангелието чувме дека веста за Воскресението Христово први ја примија жените Мироносици, кои во првиот ден од седмицата, дојдоа на Гробот многу рано, кога изгреваше сонцето, за со миропомазание да му оддадат почит на мртвото тело Исусово, според погребниот обичај кај Јудеите. Но, кога стигнале кај Гробот, виделе дека гробната врата, односно огромната камена и запечатена плоча, била веќе тргната. А внатре стоел младич во светли облеки, кој ги поздравил, велејќи: Не плашете се! Вие Го барате Исус од Назарет, Распнатиот. Тој воскресна, не е овде! Еве го местото каде што беше положен. Но одете, кажете им на учениците Негови и на Петар дека Тој пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви беше рекол (Марко 16,5-7). Жените со страв и голема радост веднаш отрчале, за да им соопштат на Апостолите. По пат ги пресретнал Спасителот жив и ги поздравил повторно со истите зборови од Ангелот: Радувајте се! … Не плашете се; одете и соопштете им на браќата Мои, да отидат во Галилеја, и таму ќе Ме видат (Матеј 28,9-10).
Која поука можеме да ја извлечеме од Евангелието? Учениците се разбегале, нивната вера во Спасителот се беше расклатила. Исто така, и жените Мироносици мислеле дека Он е мртов. Но, ете, Он воскресна и им вели: „Не бојте се. Отворете ги срцата свои, за да ја разберете големата тајна на Воскресението“. И неслучајно ги упатува во Галилеја. Зошто? Затоа што таму започнало сè. Првите Апостоли Андреј и Петар беа повикани токму во Галилеја, каде по повикот Исусов веднаш ги оставија своите рибарски мрежи и сè што имаа и тргнаа по Христа. Притоа, кога тие Го заследиле Христа, не Го прашале: „Каде ќе одиме, Учителе? Каде нè водиш? Што ни ветуваш?“ Не. Туку тој чудесен, Божествен глас ги повикува и тие без двоумење оставаат сè. Тоа било, навистина, едно големо чудо. И токму затоа, сега кога нивната вера е разнишана откако Го видоа немоќен и распнат на Крст, Господ ги повикува во Галилеја, за да се сетат како некогаш на чудесен начин беа повикани и со силна вера тргнаа по Него, подготвени да ги дадат дури и своите животи за Него.
Не плашете се! Овие зборови, мили мои, да ги разбереме како упатени и кон нас сите. Оти, сите ние во животот, во некој час сме биле повикани од Христа. Сме го слушнале во срцата свои Неговиот „Божествен, најљубезен, најсладок и најпосакуван глас“; нè допрела Неговата љубов, нè трогнала Божјата благодат. Затоа, во моментите кога нè навасуваат искушенијата, да се потсетиме без страв на тоа и на сè што Господ направи за нас, та да ја разбереме тајната на Воскресението, кое, пак, е суштина на нашата вера. Воскресението е најголемата победа што му беше потребна на човечката душа. Па така, мили мои, секогаш да ги имаме на ум овие зборови на нашиот најмил Христос: Не плашете се никогаш! И пред да тргне на доброволните Свои страданија, Он ги охрабри Своите следбеници: Да не се плаши срцето ваше; верувајте во Бога и во Мене верувајте… Нема да ве оставам сираци; ќе дојдам кај вас… Јас живеам и вие ќе живеете (Јован 14,1 18-19). И кога им се јави воскреснат во Галилеја, Он повторно ги охрабри учениците: Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот (Матеј 28,20).
Во нашево време на притесненија од сите страни, особено е потребно да не се плашиме, туку да го отвориме своето срце за Божјите тајни, бидејќи Он сака да ни говори, жеден е за нашето покајание, за нашата љубов. А сите добро знаеме дека стравовите во нас се многубројни. Понекогаш ние се плашиме од околината да тргнеме по Бога со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој разум (Матеј 22,37). Се грижиме за тоа што ќе речат другите, како ќе гледаат на нас доколку почнеме да живееме светотаински живот, да постиме, да се исповедаме, да одиме редовно во храмовите на богослужби. Се плашиме од гласот на толпата. Некогаш и нас верниците кои веќе сме тргнале и одиме по Христа, нè плашат многубројните искушенија, неволјите околу нас и во нас, неизвесноста, страдањата. Но, имајќи Го пред очи Воскреснатиот и Неговото моќно и вистинито не плашете се – не смееме од ништо да се плашиме, затоа што вистинскиот живот е токму во Него. Во Христа е вечната радост и непрестајното веселие.
Со ова „не плашете се, туку појдете во Галилеја за да Ме видите“, Он нè повикува да погледнеме во себе и во сета историјата, да увидиме што направи од светот Воскресението Христово. Тоа, имено, ја преобрази човечката историја, човековото суштествување, преобразувајќи ги најнапред душите на Апостолите, а потем и на сите Негови следбеници. Токму Воскресението е она кон кое треба да го насочиме својот внатрешен поглед и така ќе ги препознаеме Неговите чудеса. Тогаш Он ќе го стори најважното – ќе ни се открие во нас. Таму, во срцето наше, се наоѓа таа преобразувачка Галилеја каде што ќе нè сретне и ќе ни го каже тоа онтолошко и вечно: радувајте се! Срцето е средиштето каде што може да се случи нашата преобразба, преку покајанието, непрестајната молитва, Евхаристијата – со посредство на кои се причестуваме со Неговите несоздадени Божествени енергии. Нашиот призив е да станеме деца Божји, синови Божји, да станеме богови по благодат. Во Евангелието што ќе го прочитаме на претстојната пасхална Литургија ќе го слушнеме следново: на сите што веруваа во Неговото име – им даде моќ да станат чеда Божји (Јован 1,12).
Нека Неговата воскресенска радост ги преобрази срцата на сите вас овде присутни, да ни го даде мирот Негов што не може никогаш да се одземе, та со тие Божествени радост и мир да бидеме сведоци на Воскресението. Амин!
Христос Воскресе!
Христос Воскресе!
Христос Воскресе!
Навистина воскресна Господ!