Извикот ,,жеден сум“ на Распнатиот

Денот Велики Петок е трогателен, бидејќи во него Богочовекот Господ виси на Крстот, и во тој настан се крие(открива) целата љубов и болка на Бога за човекот. Во малкуте зборови што ги кажа на Крстот беше и она ,,жеден сум“.

Човекот што признава дека е жеден, открива дека во него има пламен што го гори, па бара да го изгасне со вода. Но на Крстот не висел некој обичен човек кој страдал, но тоа бил совршениот Бог. Така, извикувајќи ,,жеден сум“, Исус го кажа и како човек и како Бог.

Како човек поднесувал едно страшно мачеништво, па од тоа чувствувал силен пламен во Себе, што сакал да го изгаси барајќи вода.

Но како Бог ,,бивајќи нестрадален“ не горел од мачеништвото на Крстот, туку од Својата љубов за човекот. Според Свети Кавасила, бил полн со љубовна манија за своето создание, човекот. Па така, тоа ,, жеден сум“ на Бога Исуса го надминува конкретното време на Неговата Крстна жртва и е упатено низ вековите кон секој човек. Особено во денешнава епоха на отстапништво, материјализам, уништожение, несвесно безбожие, безбожен хуманизам, грижа за земното, збрканост, Распнатиот Господ извикува: ,,Жеден сум! Денес, човеку, те љубам уште повеќе, бидејќи гледам како се оддалечуваш егзистенцијално од Мене, својот Творец, и влегуваш во простор на безбожие и очај и се самоуништуваш. Барам вода од тебе, за да ја смирам таа Моја жед. А таа вода се солзите на твоето покајание и твоето враќање кон Мене. Тие солзи ќе направат Мојата љубов да се излие од Мене кон тебе, за твое успокојување, ослободување и спасение“!

И додека Богочовекот Господ бара таква вода од солзи од секого од нас, ние Му принесуваме, како и Евреите, оцет и жолчка.

Таков е човекот од нашата епоха! Наместо вода, на барањето на Богочовекот ,,жеден сум“, Му принесува оцет и жолчка, односно егоцентричност и отфрлање.

Нашиот Господ виси на Крстот и ни повикува ,,жеден сум“! Да се охрабриме, да му ги принесеме солзите на нашето покајание, да го освежиме Неговото љубовно за нас срце и да се соединиме вечно со Него.

Архим. Кирил Костопулос