Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Светата Литургија на споменот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец во Рајчица, на 6 мај 2023 лето Спасителово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Мили мои Христијани, чувме пред малку од Светото Евангелие, предвидено да се чита на споменот на некој Христов маченик, дека Христос им вели на Своите следбеници: Ако светот ве мрази, знајте дека Мене светот уште пред вас Ме замрази. Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот затоа светот и ве мрази (Јован 15,18-19). Гледате, значи, Христос со ова нè повикува на една постојана борба со стариот свет, кој лежи во зло (сп. 1. Јован. 5,19) и кој се распаѓа во измамливи похоти (сп. Ефес. 4,22). Оти, светот во кој живееме не е оној што бил првично замислен и сотворен од Бога, туку оној кој, по гревопадот на првосоздадените, започнал да паѓа стрмоглаво надолу кон пропаст и распаѓање. Но дојде Христос, Воскресителот на душите и на телата, за да сотвори еден нов свет. Всушност, целокупното дејствување на Синот Божји на земјата беше духовно пресоздавање на паднатото човештво. Затоа за Христа велиме дека е новиот Адам, новиот образец за вистински и целосен човек, според Кого треба сите да се сообразуваме и обновуваме. Бидејќи смртта дојде преку човекот, така и воскресението од мртвите, стана преку Човек. И како што по Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе бидат оживеани (1. Кор. 15,21-22) – пишува Апостолот Павле.
За креацијата на новиот свет говори и самото Слово Божјо: Ете, сè ново создавам (Откр. 21,5). А извикот од Крстот, при Неговото издивнување – Се сврши! – го означува тоа дека сè што беше потребно за обновата и пресоздавањето на човештвото, Господ Христос го изврши и го запечати преку Крстот, за накрај, преку Воскресението, Вознесението и слегувањето на Светиот Дух, да им го подари на луѓето како сигурен потенцијал, како бесценета можност за спасение и обожение, се разбира, доколку постои доброволна основа.
Денес прославуваме еден голем сведок на новото создание (сп. 2. Кор. 5,17), сведок со сопствената крв, со сопствениот живот. Нема друго објаснение, освен тоа дека тогаш Свети Георгиј веќе потполно го живеел својот живот во Христа, оти инаку не ќе можел да ги остави и презре сите почести, убавини и угодности од овој свет и со таква решителност и бестрашност, со својата крв да ја посведочи вистината што ја чувствувал и гледал. Оти, само преку Божествената благодат, која обилно се излева врз оние кои Го љубат Бога, тој можел така храбро да отстои на сите тие страшни гонења и измачувања, од кои секој се ужаснува и не може а да не се праша како е можно човек да претрпи толку големи маки и сепак, да остане неразнишан во својата вера. Но таа благодат, мили мои, таа сила доаѓа од Воскреснатиот и Воскресителот, од нашиот Спасител Господ Исус Христос. Погледнете, низ сета историја Воскресението Христово е најмоќната движечка сила којашто го преобразува светот. На кој начин? Преобразувајќи ги душите на личностите што одговараат на Неговиот призив. Доколку некој посака да стане нова твар во Христа, тогаш Он е секогаш тука да му притекне, да го преобрази, да го успокои, да го израдува, да му ја подари вечноста.
Спасението човеково се состои во тоа секојдневно да се бориме со некоја наша внатрешна слабост, со егоизмот, да победуваме некој грев и така сè повеќе да се прилепуваме за Христа. А тоа е можно само доколку во нас има особена љубов кон Спасителот. Несомнено, сите ние грешиме. А гревот е тој кој нè оддалечува од Бога, создава бариера помеѓу нас и Бог, помеѓу нас и другите и во нас самите. Но љубовта, пак, ги покрива гревовите, вели апостолот Петар (сп. 1. Петр. 4,8). Значи, кога грешиме, барем да признаеме дека сме грешни, да го осудиме гревот во себе и да поитаме со љубов кон Христа. И уште, кога веќе знаеме дека самите сме грешни, да не го осудуваме ближниот, туку да ги покриваме гревовите на другите со плаштот на љубовта. Во тој случај Господ нема да се одврати од нас, туку ќе ни ја испраќа потребната благодат да Го сведочиме. Никој од нас не би можел да Го разбере надразумниот Бог, доколку не му е подарена благодат одозгора за тоа. А таа благодат се испраќа тогаш кога сето свое срце ќе Му го предадеме Нему. Кога сецело ќе Го возљубиме Бога, тогаш ќе ни биде дарувана и потребната благодат, помош и сила, за да можеме да го победиме паднатиот свет и да застанеме од страната на оние кои преку Христа го преобразуваат светот.
Да го напуштиме, мили мои, пред сè лицемерието, кое денес е особено застапено и да го поставиме нашиот најмил Бог над сè во своето битие. И тогаш не бојте се, оти сè друго што ни е потребно ќе ни биде придодадено. Да го гледаме својот ближен преку Христа и во Христа, оти токму преку нашиот ближен, кога пожртвувано му се предаваме на служба, стасуваме до спасението. Евангелието што го чувме сега започна токму со таа заповед: Оваа заповед ви ја давам: да се љубите еден со друг (Јован 15,17). Вистинската љубов по делата се познава. За љубовта можеме да зборуваме до бескрај, но доколку немаме дела, тогаш тоа е лицемерие.
Да го молиме великиот Свети Георгиј Победоносец, тој сведок на Воскресението овенчан со вселенска слава, да испроси од Христа таква љубов за нас, та и ние да станеме сведоци Негови. Амин.
Христос воскресе!