Патријаршиско послание за Света Пасха 2017

† Вартоломеј
по милоста Божја, Архиепископ на
Константинопол – Нов Рим
и Вселенски Патријарх
до сета полнота на Црквата – благодат, мир и милост
од славно воскреснатиот Христос

Браќа возљубени и богољубиви чеда во Воскреснатиот Господ,

„Во светот ќе имате жалост, но бидете храбри, зашто Јас го победив светот“ (Јн. 16, 33), ги уверува родовите човечки Господ, единствениот Кој со смртта смртта ја победи. Христос воскресна! Извикуваме и ние, кон сите блиски и далечни, од овој свештен двор на животниот крст и жалост во светот, но и од дворот на Воскресението, од оваа зеница на земјата, Константиновиот град, од каде се објавува дека „животот победува“, разложувајќи секаков вид на распадливост и смрт.

За време на Неговото присуство во тело на земјата, Господ многупати им преднавестил на своите ученици за жалостите поради Неговата крсна жртва на страшната Голгота, како и поради дејствувањето и борбата во овој свет – на нив самите, но и на сите оние кои ќе поверуваат во Христа. Но, со една карактеристична подробност: „Вие ќе заплачете и ќе заридате, а светот ќе се зарадува; и вие ќе бидете нажалени, но жалоста ваша ќе се претвори во радост… Па така вие, сега сте нажалени; но Јас пак ќе ве видам, и ќе се зарадува срцето ваше“ (Јн. 16, 20-22).

Оваа воскресна и надовоземна радост први ја доживеаја жените Мироносици, кои многу рано дојдоа на гробот на Животодавецот, преку единствениот збор на Господа: „Радувајте се!“ (Мт. 28, 9). Истата воскресна радост доживувајќи ја и Мајката Црква од Константинопол, ја објавува со висок глас: „Овој е денот Господов, да се зарадуваме и развеселиме во него“ (сп. Пс. 117, 24). Последниот непријател, смртта, жалоста, проблемите, тлението, скрбите, искушенијата – се победени и се укинуваат од страна на Победникот, Богочовекот Господ.

Но, живееме во еден свет во кој средствата за општа комуникација постојано пренесуваат непријатни известувања за терористички дејствија, за војни на разни места, за природни катастрофи, проблеми поради верски фанатизам, глад, бегалски проблеми, тешки болести, сиромаштија, психолошки притисоци, чувство на небезбедност и слични непожелни состојби.

Среде ваквите секојдневни „крстови“, кои ние луѓето ги понесуваме со роптање, доаѓа нашата Мајка, светата Православна Црква, да нѐ потсети дека можеме да бидеме радосни, зашто нашиот началник Христос ги победи овие и ја донесе радоста, осветлувајќи ја вселената.

Нашата радост се потпира на уверувањето во победата на Христа. Имаме целосно уверување дека доброто е победник, зашто Христос дојде во светот и „излезе за да победи“ (сп. Откр. 6, 2). Светот во кој ќе живееме вечно е Христос: светлина, вистина, живот, радост и мир.

Мајката света, Христовата Велика Црква, покрај секојдневните крстови и жалости, живее исклучиво и единствено заради радоста. Живее во неа, во овој и отаде овој живот, во Царството Божјо. Од ова свештено средиште на Православието, од бедрата на маченичкиот Фенер, во оваа „светозарна ноќ“, објавуваме дека продолжение и крај на крстот и на жалостите и изгонување на секоја човечка болка и на секое искушение е Господовото уверување: „Нема да ве оставам сираци“ (Јн. 14, 18-19). „Ете, Јас сум со вас преку сите денови, до свршетокот на векот“ (Мт. 28, 20). Оваа порака треба сите да ја слушнеме, да слушне современиот човек и да си даде слобода да Го види Христа кај чекори покрај него. Да, да Го види покрај себе. И ќе Го види, само ако го слуша и го живее Неговото слово во својот живот.

Оваа порака за надвивањето на животот над смртта, за победата на тивката светлина на пасхалната ламбада над мракот на безредието и разнебитувањето, на невечерната светлина на Воскресението над скрбите и проблемите, ја објавува Вселенската Патријаршија на сиот свет и ги повикува сите луѓе да ја живеат. Ги повикува да застанат со вера и надеж пред воскреснатиот Христос, пред тајната на животот, ги повикува да се доверат на Оној Кој ги држи конците на сета твар, Воскреснатиот Господ, Господ на радоста и веселието.

Значи, Христос воскресна, браќа и чеда! Неговата благодат и бескрајна милост, на Владетелот на животот и Господарот над смртта, Господ наш, да бидат со сите вас.

Фенер, Света Пасха 2017
† Константинополскиот
огнен молитвеник кон Христа Воскреснатиот
за сите вас

Од Вселенската Патријаршија