Господ ме прати да бидам со тебе во текот на целиот твој живот

Свети Григориј Двоеслов, Папа римски (+604), бил толку милостив што и последното што го имал му го давал на оној што го моли. Татко му бил сенатор, па и тој ја наследил татковата професија. Но штом се упокоил татко му, тој се посветил на духовниот живот. Од своето големо богатство изградил шест манастири на Сицилија и седмиот, на свети Андреј, во Рим. Таму се замонашил и се населил.

Еден ден, кога по обичај седел во својата ќелија и пишувал полезни книги, му дошол некој сиромав, и го замолил за помош. Му раскажал дека како капетан на брод преживеал бродолом и притоа не само што го изгубил својот имот, туку и туѓиот. Свети Григориј го повикал слугата и му наредил да му даде шест дукати на сиромавиот. Тој ги примил и си заминал. Но малку подоцна, истиот ден, тој повторно дошол и побарал уште, бидејќи изгубил многу повеќе од шест дукати. Светителот му наредил на слугата да му даде уште шест дукати. Но сиромавиот по неколку часа се вратил и по трет пат молејќи уште за помош, бидејќи изгубил многу туѓ имот кој требало да го надомести. Светителот повторно му наредил на слугата да му даде уште шест дукати, но слугата изјавил дека немаат веќе ниеден дукат. Тогаш светителот го прашал слугата дали имаат некој вреден предмет. Слугата одговорил дека имаат само сребрена чинија којашто мајка му, му ја испратила неодамна. Светителот наредил да му ја дадат чинијата на сиромавиот за да не си отиде нажален. Слугата направил како што му било заповедано, а сиромавиот ја примил чинијата и си заминал.

Набрзо потоа, умрел папата Пелагиј и на негово место бил избран Григориј, иако тој го избегнувал овој висок призив и се криел. Како папа, тој правел уште повеќе милостина. Еден ден му заповедал на економот да викне на ручек дванаесет сиромашни луѓе. Економот направил онака, како што му било заповедано. Но кога дошле сиромасите, свети Григориј забележал дека се тринаесет, па тивко му префрлил на економот што не се придржувал до заповеданиот му број, туку повикал тринаесет. Збунетиот економ ги преброил сиромасите и видел дека се дванаесет. Очигледно тој не го гледал тринаесеттиот. Кога седнале да ручаат, папата обратил посебно внимание на тринаесеттиот, кој седел на крајот на масата. Неговото лице постојано чудно се менувало: за миг изгледал стар, а во следниот миг млад. Кога завршил ручекот, свети Григориј ги отпуштил оние дванаесет сиромаси, а го задржал тринаесеттиот, го однел во својата спална соба и го заколнал во името и силата на Господ Седржителот да му каже кој е тој и како се вика. На ова божемниот сиромав одговорил дека тој е ангел на Господ Седржителот. И уште му открил дека тој бил оној сиромавиот капетан на бродот кој од него барал милостина. Господ сакал да го искуша неговото срце: дали тој прави милостина од љубов или од славољубие. Па кога тој и последниот предмет што го имал му го подарил на несреќникот, Господ уште тој ден го одредил за епископ римски. Светителот многу се уплашил од овие зборови, но ангелот му рекол да не се плаши и уште додал: „Господ ме прати да бидам со тебе во текот на целиот твој живот, да ги примам твоите молитви и да му ги вознесувам на Бога, та сè што ќе побараш да биде исполнето“. По овие зборови ангелот станал невидлив, а свети Григориј се поклонил до земјата.