Размислувања за животот со рак – I дел

Оние што Го побараа Господа, не ќе бидат лишени од никакви добра
(Псалм 33, 10)

 Ги пееме овие стихови на чинот на петтолебието. За мене тие се извор на голема утеха и сила. Освен тоа, св. Јован Дамаскин во чинот на погребение запишал: „Која земна сладост не е помешана со тага?“ Понекогаш болката е толку силна, што речиси и не можеме да ја вкусиме сладоста. Нашиот живот на земјата може да биде постојана борба помеѓу верата и стравот: верата дека Господ го победува секое зло, и стравот да не се срушиме под прангите на болеста и сета мака што ја носи таа. Од длабочината на срцата Му повикуваме на Господа да ни помогне и да нѐ изведе од оваа темна долина, во Своето безбедно пристаниште.

Нашиот Господ одејќи на Распетие, Му се молеше на Отецот ако може да Го одмине оваа чаша на смртта, но додаде: „Нека биде Твојата волја“. Ние се наоѓаме на истиот пат кога треба да се соочиме со болката или од трпењето на ракот, или од гледањето на љубениот кој поминува низ таа страшна болест. Резултатите од испитувањето, од анализата на крвта, компјутерскиот скен и биопсијата излегоа позитивни: „Вие имате рак“, изјави докторот. После оваа тешка вест доаѓа напорниот пат на хемотерапија и зрачење.

Не знам многу за хемотерапијата, единствено дека би требало да ги убива клетките на ракот, но и некои други здрави. Можеме да се справиме со губењето на косата, но се молиме да не ни се случи губење на верата, трпението или надежта, бидејќи тоа е многу полошо од имањето на рак. Услиши го, Боже, моето молење, прими ја молитвата моја. Кон Тебе повикав од крајот на земјата, кога срцето ми папса. Ќе ме издигнеш на карпа и мир ќе ми дадеш. Ме упати, зашто Ти беше моја надеж, крепосен заклон од непријателот. Ќе се населам вечно во Твоето живеалиште и ќе се засолнам под покривот на Твојата закрила (Псалм 60, 1-4).

Нашиот непријател сега е оваа ужасна болест. Да најдеш сила да се бориш, е чудо само по себе, бидејќи нашата внатрешна сила доаѓа одозгора, од Тебе, Отче на светлината. Близу е Господ до сите, кои Го признаваат, до сите, кои вистински Го призиваат (Псалм 144,18). Целиот живот ни се заснова на верата дека Он ќе биде со нас и ќе ни даде мир, особено тогаш кога ни е потребен, во најмрачните часови на нашите животи.

Во шестата глава според Матеј, читаме: Вашиот Отец небесен знае од што имате нужда уште пред да сте Го помолиле… Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и се ова ќе ви се придаде (Матеј 6, 8, 33).

Она што тешките лекарства го прават во телото се разликува од еден човек до друг, но мора да се подготвиме за најлошото, а да се молиме за најдоброто.

Сите во Црквата се молат, името се спомнува на Проскомидија, луѓето испраќаат картички со желби за брзо оздравување. Сето ова се изрази на љубов, внимателност и грижа. И тоа е еден од начините на кои Господ ни кажува дека нѐ љуби. Кога старите жени од парохијата тропаат на вратата, носејќи здрави оброци, не можеме, а да не погледнеме горе во височините и да кажеме: „Ти благодарам, Боже, за љубовта со која нѐ опкружуваш“.

Кој од нас би сакал да го гледа љубениот како страда од болки? Никој. И Господ знае дека се молиме и уште пред да Го помолиме му дава на болниот извор на мир и сигурност дека сѐ ќе биде во ред.

„Како се чувствуваш?“, прашуваме. Таа одговара: „Слава Му на Бога, добро“, иако е во болки. Нејзината љубов и внимателност кон оние околу неа ја исполнува целата атмосфера со утеха и мир. Таа дури и има постојана насмевка на своето лице, извор на утеха за сите нас.

(Продолжува…)