Родители, носете ги своите деца при Христа

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за Десеттата недела по Педесетница, изговорено во манастирската трпезарија, на 25 август 2019 лето Спасителово

Денешниот евангелски расказ, мили мои, се случил непосредно после светлото Преображение на нашиот Господ Исус Христос, кога Он на Гората Тавор, пред Своите ученици Петар, Јаков и Јован покажал дел од Својата Божествена слава и блесок. Евангелието започнува со зборовите: Кога дојдоа кај народот, пристапи кон Него еден човек, кој падна на колена и рече: „Господи, смилувај се на мојот син, зашто при нова месечина го напаѓа зол дух и се мачи многу; често паѓа во оган и често – во вода; го одведов кај Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат“ (Матеј 17,14-16).

Архимандрит Партениј Бигорски

Блажен и достоен за секоја пофалба е овој татко, кој го однел својот син при Господа. Иако веројатно верата не му била толку силна, сепак неговиот пристап кон Христа  заслужува пофалба. Овој многустрадален родител, гледајќи го секојдневно својот син како страшно се измачува, целосно предаден на злото, насекаде се обидувал да најде некаков лек, некое решение, но безуспешно. Оттаму, разбирлив е и неговиот сомнеж, неговата недоверба, за што ќе зборуваме подоцна.

Меѓутоа, и покрај големото страдание, покрај неуспесите на сите негови обиди, овој татко најпосле ја положил сета своја надеж, не во човечките болници и лекарите од овој свет, туку во Лекарот над сите лекари. И тој со своите духовни очи, сепак, видел дека Христос е Единствениот Кој можеби би го исцелил неговото дете. Затоа и Му пристапил со зборовите: ако можеш, смилувај се над нас и помогни ни! (Марко 9,22)

Се чини дека нема ништо потешко, поодговорно, пострадално, од тоа да се биде вистински родител. Колку е тешко да ги гледаш чедата свои како страдаат! Конкретниов татко, гледајќи ја маката на својата рожба, и самиот бил вознемирен и измачуван, насекаде барал помош и спас, за најпосле да стаса при правиот Лекар. Исто толку блажени се и сите други родители, што како овој татко, ги принесуваат своите чеда при Лекарот над лекарите. На кој начин? Со тоа што уште од младини ги учат на верата, на подвиг, на молитва и пост. Таквите родители се навистина за секоја пофалба.

Можеби некој ќе рече: но, нели демоноопседнатоста е посебен случај, тоа е нешто крајно и мошне ретко. Да, ама да знаете, сите ние се наоѓаме во една таква постојана опасност, поради многубројните страсти што дејствуваат во нашите тела и души и поради разните искушенија на кои сме подложувани од лукавиот. А целта на ѓаволските искушенија и напади е да ја уништат нашата вера, со што ние се разболуваме духовно. Духовната, пак, болест е причина за сите други болести. Многу од родителите не ја знаат причината за појавата на телесните болести на своите деца; не ни помислуваат дека тие имаат подлабока причина. Не се грижат воопшто за нивното духовно здравје. Напротив, сведоци сме, особено во нашето време, како современите родители наместо да ги отсекуваат, ги стимулираат страстите кај своите деца. Сакаат нивните деца да уживаат во сѐ, им дозволуваат сѐ, им купуваат скапи телефони, им плаќаат разни патувања низ светот…  Ги поттикнуваат дури и да блудствуваат! Многупати сум слушал како родителите ги „советуваат“ своите деца: „Оди и само уживај“. Татко на момчето му вели: „Сине, гледај да бидеш со што повеќе девојки, бидејќи еднаш се живее“. Има и случаи кога родители тоа им го велат и на своите ќерки – да бидат слободни и да не се врзуваат со еден маж! Замислете, тоа се случува дури и кај семејства што се декларираат како Христијани! Некогаш девојката во Христијанството претставуваше синоним за чистота, за блаженство, за нежност и љубов, за мајчинство. Денес, пак, со „воспитувањето“ што кај нас го наметна претходното атеистичко општество, а сега го потхранува логиката на новиот светски поредок, се доведовме во една ужасна состојба. Страстите кај човекот се сметаат за нормална работа и се оправдуваат како такви. Родителите ги потхрануваат гревовните навики кај своите деца…

Меѓутоа, да се потсетиме со некои примери од Светото Писмо, за тоа колку страстите го уназадуваат и уништуваат човека. Ќе го земеме за пример пророкот и цар Давид. Позната е борбата помеѓу Давид и Голијат. Филистеецот Голијат бил џин, човек огромен, воин уште од млади години, а Давид бил едно кревко, мало по раст момче, пастир на овци. Овој Голијат дрско ги предизвикувал Евреите и Го навредувал нивниот Бог и немало таков којшто би сакал да излезе на мегдан со него. Сите се плашеле од неговата сила и нечовечност. Давид, меѓутоа, со својата силна вера во Господа, истапил пред царот Саул и рекол дека ќе се соочи со крволочникот. Сите се вчудовиделе: како тоа мало и немоќно момче ќе излезе пред еден таков ѕвер, кој погубил толку луѓе?! Но, ете, преку верата во вистинскиот Бог, Давид успал да го победи Голијата. Всушност, тој, со посредство на верата своја, направил чудо. Потоа, поради своите добродетели и Божјата промисла, станал и цар на Израилот. И токму како цар, на врвот на својата слава, победникот Давид бил победен од блудната страст. Таа го поразила, завладеала со неговата душа. Победникот Давид бил победен од страста во неговото срце. Се вљубил во жената на својот пријател Уриј и за да би можел непречено да ја поседува го испратил својот близок другар во бој, и тоа во првите редови, знаејќи дека сигурно ќе загине. Замислете на каква неправда се решил овој силен  човек поради страста! Оној кој бил чудотворец, богомислител и богосозерцател, кој имал Божји откровенија и победил човек многупати посилен од него – сега го гледаме поразен и понижен од страста! И тогаш Бог го испратил при него пророкот Натан кој му рекол: зошто го презре зборот на Господ, извршувајќи зло пред очите Негови? (2. Цар. 12,9) Знаеме од Светото Писмо што направил потоа цар Давид – како силно се покајал, ги напишал покајните псалми што до ден денес се кажуваат во Црквата и  повторно станал Божји пријател. Исто така, да се потсетиме и на моќниот Самсон, кој со посредство на Духот Божји, поразил илјадници непријатели. Неговата приказна е многу позната, сигурно сте чуле за него. Тој имал огромна сила, бил судија на сиот израилев народ, но и него, ете, го поразила страста кон една жена, кон Далила. Го прекршил заветот што Му го дал на Бога. Потоа таа на спиење му ја истрижала косата, која била долга во знак на заветот со кој од Бога ја добивал силата, но штом го прекршил, тој од моќен и непобедлив, наеднаш станал бессилен.

Ова не се случува само кога е во прашање блудот, туку и со секоја страст што ќе му стане опсесија на човекот, било да е тоа среброљубието, славољубието, суетата, гордоста… Но, за жал, многу родители не ги заштитуваат своите деца од овие погубни болести на душата. Зошто? Затоа што не знаат за Светото Писмо, не знаат за борбата што треба да ја води секој човек против духовниот непријател.

Таткото од денешното евангелско четиво го донел своето бесомачно момче при вистинскиот Исцелител, при Христа. Неговите очи се удостоиле да го видат она што пророците и праведниците од Стариот Завет посакувале да го видат, или пак, го гледале само во загатки. Тоа момче, значи, добило исцеление од Христа пред очите на својот родител. Господ, пак, за да го утврди уште повеќе таткото во верата, но и сите присутни, рекол:  О, роде безверен и развратен! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? (Матеј 17,17) И кога Апостолите Го прашале насамо Господа: Зошто не можевме ние да го истераме? – Он им одговорил: Заради вашето безверие: зашто, вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа планина: „Премести се одовде таму!“ И таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно. Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост (Матеј 17,19-21). Вака Господ ни укажа на три важни работи што треба да ги пазиме како Негови следбеници: верата, воздржанието и молитвата. Притоа најпрвин ја истакна верата како основна и појдовна добродетел. Без вера човекот не може да направи никаков подвиг. Таа е врата кон сите добродетели, подлога за увереноста во она на кое се надеваме – убеденост во она што не се гледа (Евр. 11,1). Затоа, кога таткото бил запрашан од Христос дали верува, тој одговорил: Верувам, Господи, помогни му на моето неверие! (Марко 9,24) Овој човек бил свесен за своето маловерие и на некој начин се плашел од него. Како да знаел дека маловерието е опасна работа и лесно може да заврши со целосно губење на верата, а со тоа и губење на Бога.

Туку ајде малку повеќе да се задлабочиме во исповедта на овој татко. Верувам, Господи, помогни му на моето неверие! Колку оваа кратка реченица може да се однесува на секого од нас. Всушност, на сите ни е потребна помош во нашиот сомнеж! Немоќни луѓе сме, секојдневно опкружени од страстите и гревовите, од соблазните и испитанијата. Ветриштата на искушенијата дуваат од сите страни. Живееме во свет каде страстите и гревот се во мода. Лудоста владее насекаде. Ненормалните луѓе ги сметаат нормалните за ненормални. Побожниот човек, кој се воздржува и подвизува во христијанските добродетели, е исмеван од своите современици. Во контекст на ова, ќе ви раскажам за еден неодамнешен случај. Имено, пред некое време, при мене дојде еден родител кој во мобилниот телефон на својата ќерка пронашол ужасни работи, порнографија. Човекот, побожен, настапил со родителско разбирање и љубов и почнал смирено да разговара и да ја советува својата ќерка. Притоа во разговорот со неа дошол до страшно сознание дека не само таа туку и сите нејзини другарки, соученички од класот, гледале такви нешта. Таткото со солзи се прашуваше: „Отче, што ли ќе биде со овие деца, со новите генерации?!“ Јасно е дека доколку не се поправат, тие ќе бидат духовно болни личности. Од нив не ќе можеме да очекуваме здраво семејство, а следствено – ни здраво општество. Личности поробени од страстите не можат да изградат едно слободно општество.

Замислете, ова е човек кој е побожен, верник, воцрковен. Грчевито се бори да ги доведе своите деца на правиот пат, да им го покаже вистинското познание, вистината, Христос. И гледајте со какви работи се соочува при воспитувањето на своите деца. А што ли се случува во оние семејства каде што не се знае за Христос?! Подобро и да не помислуваме… Слава Му на Господа, по многу зборување и советување, децата на овој родител ја сфатија опасноста од страстите и во текот на овој пост дојдоа и се исповедаа.

Доколку сакаме да им помогнеме на нашите млади да ја спознаат непроценливата убавина на животот во Христа, неопходно е најпрво ние да се бориме со сопствените страсти. Единствено така ќе можеме да им помогнеме и на тие околу нас. Ова особено важи за родителите од денешно време, зашто денес во семејствата нема веќе баби и дедовци задоени со духот на Христијанството, како порано кога тоа беше општествена философија на живот. Некогаш, нашите предци, во преносна смисла, биле како древните спартанци, еден вид силна духовна војска што го победувала  злото на овој свет. Од најмали години биле воспитувани во подвигот на верата и поучувани во начините на борба против духовниот непријател. Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост. Воздржанието и молитвата биле нераскинлив дел од секојдневието на обичниот човек. Постојан подвиг. Пост, не само од храна, туку, пред сѐ, од гревовните навики и страстите, заради Господа. И накрај, најважното – молитвата. Радувајте се секогаш! Молете се постојано! – советува Светиот Апостолот Павле (1. Сол. 5,16-17). Човек треба постојано да пребива во молитва, а кога ќе стане родител, должен е и своето дете да го научи на вера, на подвиг и молитва. Само така неговото чедо ќе биде духовно здрава личност. Оти, во спротивно, доколку допушти во него да се развијат страстите, тие ќе направат страшна пустош во неговата душа, а тоа, пак, мошне лошо ќе се манифестира и врз телесното здравје. Видовме од примерите каква штета им нанеле страстите и на личности кои биле огромни духовни великани.

Како загрижен татко, засегнат и самиот од евангелското четиво, би сакал сега да им се обратам и на моите сакани духовни рожби што живеат овде, моите деца кои западнале во тешката и погубна страст на наркоманијата. Ве замолувам, мили мои, да се разбудите од гревовниот сон. Да знаете, нема друг пат освен овој, Христовиот. Нема, а и до крајот на светот нема да има, бидејќи Христос е патот, спасението и вечноста. Наркоманијата е многу опасна страст, таа просто се граничи со демоноопседнатоста, затоа што обземен од неа, човекот целосно ја губи својата личност. Сите зависници од наркотици се исти, безлични. Тоа го забележуваме со секој нов зависник што ќе дојде во манастирот. Кога тие малку по малку ќе почнат да се ослободуваат од оваа страст, веќе почнуваме во нив да препознаваме личности, да препознаваме карактерни црти, човечки особини. Бог ве донел овде за да се спасите, мили мои. И да знаете, голема привилегија е тоа што сте тука. Затоа, уште еднаш ве замолувам: разбудете се! Навистина, тешко е за човек да се разбуди од гревовниот сон. Срцето станало грубо, бесчувствено. Потребен е огромен труд и работа над себеси. Но, немојте да очајувате, туку верувајте. Христос во Евангелието вели: сè е можно за оној што верува!  (Марко 9,23) Тешко му, пак, на оној човек што нема да Го спознае Христа во овој живот! Таквиот исто како да не се родил, како да не постоел. Зашто, единствено во Христа нашето постоење добива важност и вечност. А Он е секогаш тука, до нас. Нѐ чека сите да се обратиме кон Него. Ни дава можност да општиме, да се соединуваме со Него.

Зошто, родители мои, мора да чекаме нашите деца да паднат до најдолните гревовни граници, да се разболат, да дојдат до работ на смртта, па дури тогаш да Го побараме Бога? Голема одговорност пред Бога носи родителот што не внимава навреме на своите деца и не ги воспитува во духот на Христијанството. Оти има и такви родители кои се сеќаваат на Бога дури откако нивните деца ќе го допрат дното. Тогаш доаѓаат во црквите и манастирите. Сум имал многу случаи кога родители ќе дојдат и ќе ми речат: „Отче, ви го оставаме синот, ние кренавме раце од него, Вие правете што мислите“. И како да сакаат што поскоро да си заминат, а него да го остават тука, едноставно да се ослободат од него, бидејќи не гледаат решение.  Деновиве добив порака од едно момче што се лекуваше овде. Неговите зборови го потврдуваат ова што ви го зборувам сега. „Отче“, ми пишува тој, „Му благодарам на Бога што се допрев до тоа лошото – не сака ни да го именува – и што преку тоа Ве сретнав Вас и браќата од манастирот и Вие ме принесовте при Христа“. Погледнете: Му благодари на Бога што паднал во грев и бил загрозен до смрт, зашто сфатил дека преку тоа го добил најважното – Го пронашол Христа. Но зошто да мора човек да падне до таа мера и така, кога веќе нема друг излез, да дојде до Бога?! Гледате на овој млад човек претходно никој не му Го покажал Христа. Можеби некој и му зборувал, но не сретнал вистински пример. Во нашето општество многу луѓе се декларираат како верници, традиционално одат во црква и тоа само неколку пати годишно, прават домашни слави, имендени, но доколку нивните деца почнат да читаат духовни книги, или сакаат да одат често во храмовите и во манастирите – наеднаш се возмутуваат и им велат: „Што ти стана сега? Па ти си млад, што бараш в црква толку често? Какви се овие книги што ги читаш? Оди уживај, живеј го животот додека си млад…“ Пред извесно време имав токму таков пример. Една девојка беше спречувана од својата мајка да доаѓа в манастир, под изговор дека во Бигорски имало наркомани. Колку бедно размислување! Како надвор во светот да нема наркомани; како во зградата каде што живеат тие да нема наркомани; или по улиците каде што секојдневно се движат  – зарем нема  наркомани?! Па нив насекаде ги има, во целото општество луѓето страдаат од некакви зависности. Не мора тоа да е дрогата. Може да е блудот, среброљубието, властољубието, славољубието или каква-годе страст. Секој човек што се оддава на некаква страст, е зависник и далеку од Бога. Па и оваа мајка што не ѝ дозволува на ќерка си да доаѓа в манастир е зависник, и тоа поголем од децата што ги имаме овде. Да, поголем е затоа што не е ни свесна за тоа. Секогаш најболни се оние луѓе што не се свесни за својата болест. Исто како што не биле свесни за својата духовна болест ни првосвештениците, книжниците, фарисеите, оние што секојдневно го читале Светото Писмо во времето на Христа. Лекот Самиот дојде при нив, но тие не сакаа да го примат, мислејќи дека се здрави. И затоа Он им рече: Вистина ви велам дека цариниците и блудниците ќе ве испреварат во царството Божјо (Матеј 21,31). Токму вчера на еден од моите браќа монаси му покажав кратко видео направено од едно од момчињата што живеат тука и веќе се обидуваат да сменат многу работи во својот живот заради Христа. Видеото е мошне интересно: момчето избрал некоја композиција и направил монтажа со повеќе фотографии, така што видеото пренесува една порака, добива длабока смисла. Накрај тоа завршува со икона на Христос Добриот Пастир, Кој на рамо ја носи загубената овца. Симболиката е ваква: ова дете се чувствувало изгубено во животот, оковано од своите страсти, но потоа во Манастирот го спознава Христос Кој му ги раскинува оковите и како добриот пастир го прибира во Своето стадо. Му го покажав, значи, видеото на братот и тој насолзен ми вели: „Отец, овие деца ќе ме испреварат во Царството Божјо. Тие имаат вистинско покајание и богомислие“. Дај Боже да биде така, дај Боже и понатамошниот негов живот да соодветствува со видеото што го направил! Оти честопати ние знаеме што е добро, но не го правиме зашто ни е тешко, мрзеливи сме. Во ред, луѓето се слаби, непостојани, сите ние паѓаме, само да гледаме да не се удавиме во гревот. Паднеш ли во грев? Станувај веднаш и трчај со покајание пред Христа. Сите имаме страсти кои непрестајно дејствуваат во нас, само не смееме да им дозволиме потполно да нѐ завладеат. Има ли некој што нема страсти и не греши? Се разбира, не. Видовме, дури и големите и праведни луѓе, како, на пример, светиот цар и пророк Давид, паѓале и тоа во тешки гревови. Меѓутоа, она што го прави цар Давид голем и свет, е неговото покајание. Тој не паднал во очај, туку сериозно се зафатил со покајанието, со преумувањето, со молитвен плач пред Бога. И отпосле, очистен и вдахновен од Божјата благодат, ги напишал најубавите псалми, кои до ден денес се читаат во Црквата.

Па така, мили мои, сѐ предајте Му на Бога, Он никогаш нема да ве остави. Имајте доверба во Оној Кој секојдневно прави многу за нас. Дури и не можеме да си замислиме колку многу. И да примаме со вера сѐ што ни доаѓа од Евангелието оти сѐ што Христос кажал во Светото Евангелие е вистинито и сѐ се исполнува. Така за денес доволно е да го примиме и запомниме овој триделен рецепт за исцеление од Христа: вера, молитва и воздржание.

Да сте благословени и ви посакувам благодатен дочек на Успението на премилостивата наша Богородица!