Размислувања за животот со рак – I дел

Оние што Го побараа Господа, не ќе бидат лишени од никакви добра
(Псалм 33, 10)

 Ги пееме овие стихови на чинот на петтолебието. За мене тие се извор на голема утеха и сила. Освен тоа, св. Јован Дамаскин во чинот на погребение запишал: „Која земна сладост не е помешана со тага?“ Понекогаш болката е толку силна, што речиси и не можеме да ја вкусиме сладоста. Нашиот живот на земјата може да биде постојана борба помеѓу верата и стравот: верата дека Господ го победува секое зло, и стравот да не се срушиме под прангите на болеста и сета мака што ја носи таа. Од длабочината на срцата Му повикуваме на Господа да ни помогне и да нѐ изведе од оваа темна долина, во Своето безбедно пристаниште.

Нашиот Господ одејќи на Распетие, Му се молеше на Отецот ако може да Го одмине оваа чаша на смртта, но додаде: „Нека биде Твојата волја“. Ние се наоѓаме на истиот пат кога треба да се соочиме со болката или од трпењето на ракот, или од гледањето на љубениот кој поминува низ таа страшна болест. Резултатите од испитувањето, од анализата на крвта, компјутерскиот скен и биопсијата излегоа позитивни: „Вие имате рак“, изјави докторот. После оваа тешка вест доаѓа напорниот пат на хемотерапија и зрачење.

Не знам многу за хемотерапијата, единствено дека би требало да ги убива клетките на ракот, но и некои други здрави. Можеме да се справиме со губењето на косата, но се молиме да не ни се случи губење на верата, трпението или надежта, бидејќи тоа е многу полошо од имањето на рак. Услиши го, Боже, моето молење, прими ја молитвата моја. Кон Тебе повикав од крајот на земјата, кога срцето ми папса. Ќе ме издигнеш на карпа и мир ќе ми дадеш. Ме упати, зашто Ти беше моја надеж, крепосен заклон од непријателот. Ќе се населам вечно во Твоето живеалиште и ќе се засолнам под покривот на Твојата закрила (Псалм 60, 1-4).

Нашиот непријател сега е оваа ужасна болест. Да најдеш сила да се бориш, е чудо само по себе, бидејќи нашата внатрешна сила доаѓа одозгора, од Тебе, Отче на светлината. Близу е Господ до сите, кои Го признаваат, до сите, кои вистински Го призиваат (Псалм 144,18). Целиот живот ни се заснова на верата дека Он ќе биде со нас и ќе ни даде мир, особено тогаш кога ни е потребен, во најмрачните часови на нашите животи.

Во шестата глава според Матеј, читаме: Вашиот Отец небесен знае од што имате нужда уште пред да сте Го помолиле… Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и се ова ќе ви се придаде (Матеј 6, 8, 33).

Она што тешките лекарства го прават во телото се разликува од еден човек до друг, но мора да се подготвиме за најлошото, а да се молиме за најдоброто.

Сите во Црквата се молат, името се спомнува на Проскомидија, луѓето испраќаат картички со желби за брзо оздравување. Сето ова се изрази на љубов, внимателност и грижа. И тоа е еден од начините на кои Господ ни кажува дека нѐ љуби. Кога старите жени од парохијата тропаат на вратата, носејќи здрави оброци, не можеме, а да не погледнеме горе во височините и да кажеме: „Ти благодарам, Боже, за љубовта со која нѐ опкружуваш“.

Кој од нас би сакал да го гледа љубениот како страда од болки? Никој. И Господ знае дека се молиме и уште пред да Го помолиме му дава на болниот извор на мир и сигурност дека сѐ ќе биде во ред.

„Како се чувствуваш?“, прашуваме. Таа одговара: „Слава Му на Бога, добро“, иако е во болки. Нејзината љубов и внимателност кон оние околу неа ја исполнува целата атмосфера со утеха и мир. Таа дури и има постојана насмевка на своето лице, извор на утеха за сите нас.

Како Симеон, на кој што му беше речено да Му помогне на Господа во носењето на Крстот, се чувствувавме обврзани и мотивирани од љубовта која нè поврзуваше да се потрудиме некако да помогнеме, но одговорот што дојде, беше: „Ви благодарам, јас сум добро, Господ е со мене“.

Ја завршивме првата етапа на хемотерапија и зрачења. Се израдувавме и Му заблагодаривме на Бога што некако работите тргнаа во добар правец и нејзината коса почна полека да расте. Но една година подоцна, истиот рак се појави некаде на друго место во телото, дури зафати и некои главни органи. Започнавме да се подготвуваме за уште една битка со оваа напаст од болест.
Господ вели: „Не плашете се, мало стадо…“ Затоа се трудевме да се молиме без страв. Освен тоа, во своето Послание до Римјаните во осмата глава, св. Павле вели: А знаеме дека на оние што Го љубат Бога и се повикани по Негова волја, сè им содејствува за добро.  Едно сепак ни беше сигурно јасно – дека Го љубиме Бога. Он е лекарот на нашите души и тела. Нека биде Неговата волја.
Тргнавме со неа во болница за нова етапа на хемотерапии и наместо да бара утеха, таа беше оној што нè утешуваше нас. Господ веројатно делува заедно со хемотерапијата. На моменти не опфаќаше немир, па се принудуваме да се кренеме со духот и да продолжиме, дозволувајќи Му на Бога да ни го земе бремето. Доста ти е мојата благодат, бидејќи мојата сила се покажува потполно во слабоста (2 Кор. 12,9). Токму Неговата благодат е она што ја преобразува нашата слабост во Негова сила. Ете зошто успевавме да се будиме секое утро со благодарење во срцата и на усните, бидејќи ако не беше таа Негова помош, нашите слабости ќе нè повлечеа кон очај.

Секој од нас си има своја подносливост кон болката и страдањето. Некои можат да поднесат повеќе отколку други. Кога страдањето е од болест, нашата молитва е Господ да помогне со отстранувањето на болката, бидејќи ние самите сме немоќни и безнадежни. Ако погледнеме во животот на Светиите и колку тие морале да страдаат поради љубовта Божја, не може а да не се прашаме колку само голема внатрешна сила имале. Тие не биле некои натчовечки суштества, туку обични луѓе како нас. Но со едно дополнително оружје: нивната вера и љубов за Бога им го приближила Христа толку многу што тие добиле сила да истрпат.

Болниот од рак, кој е верник, може да ја добие оваа Христова сила и да ја направи своја, борејќи се со тиранијата на болеста и со болката. Ако Господ допушта болеста да нè мачи, дали Он ни дава или не ни дава сила за да се бориме? Секако дека ни дава, преку молитва, Света Причест, и молитвеното посредување на целата заедница.

Колку и да е непријатна болката, сепак Бог ни ја дал како показател за тоа каде се наоѓа проблемот во човечкото тело. Таа му кажува на докторот каде да ги бара изворите за нарушувањето во телесниот систем. Не ја сакаме болката, но и таа си има своја улога.

Сепак едно е да видиш болен човек како страда, а друго е да страдаш заради страдањето на љубениот. Кога мајката ќе види дека нејзиното дете гори од температура, таа не може да се смири додека не му стане подобро. Болниот од рак, ретко е сам во болката и страдањето. Членовите на семејството земаат удел во борбата и болката, поради љубовта. Господ лекува на многу начини: преку допирот на докторот, грижата на медицинската сестра и љубовта што ни ја дава семејството, пријателите и семејството. Сите овие се присуство Божјо во животот на пациентот.
Доколку и кога ќе дознаеме дека некој од Црквата е болен од рак, треба да покажеме дека кога страда еден дел од телото, целото тело страда. Што и да можеме да направиме во тие мигови, да не се двоумиме да го направиме. Ако посета не е дозволена, тогаш барем телефонски повик, честитка или едноставно еден направен здрав оброк Ќе бидат навистина драгоцени. Најмногу од се, молитвата за исцелувањето на болниот, без разлика дали ракот е во крајна или почетна фаза. Болниот треба да знае и да чувствува дека е опкружен од милоста на милосрдниот Бог, Кој се грижи преку верниците.

Во третата глава од Посланието кон Колосјаните читаме: И мирот Божји да владее во срцата ваши. Кога тоа ќе се случи, ништо не може да не исплаши ниту да ги нажали нашите срца. Не треба да се загрижуваме околу тоа каде е ракот, туку едноставно постојано да си спомнуваме дека сме во Божји раце. Без разлика дали болеста ќе победи или не, знаеме дека нашата љубов за Христа останала непоклатна.

Не се плашам да се препуштам на момент на слабост, преку треперење и солзи. Плачењето понекогаш е терапевтско, но не треба да стане погубно. Разговорот со пријатели и барање утеха во нив е исто така многу добро нешто. Може да чувствуваме многу работи, но никогаш не смееме да помислиме дека болеста е казна за нешто што сме го згрешиле. Бог е љубов и милост. Он сострадува со нас, и нè води низ долината на плачот. Не треба да ја додадеме и болката на вината врз самото страдање заради болеста. Нашиот Господ е нашето кормило. Во Него наоѓаме сигурност и мир. Секоја празнина што болеста ја прави, Господ ја пополнува со својата љубов.

„Скоро е полноќ, треба веднаш да одиме на брза помош, не можеме да го запреме повраќањето, нема што друго да правиме“. Така ми рече едно од децата. Тогаш докторот телефонски им препиша лек што требаше да се земе од дежурната аптека. Таа ноќ помина мирно. Поминавме часови и часови во одделот за примање инфузија, молејќи се, читајќи, разговарајќи и чекајќи капка по капка да заврши инфузијата. Целото ова семејство израсна во Црквата, закотвено во духовниот живот на Црквата и во нејзините Свети Тајни. Токму во вакви моменти, се разгорува нашата вера во Христа. Исто како тогаш, кога учениците на бродот беа фрлани ваму – таму од ветрот, и беа уплашени. Толку бевме уплашени и се обидувавме да се храбриме едни со други. Но најпрекрасното нешто не дојде од нас, туку од самата онаа која боледуваше од рак. Таа нè тешеше со зборови што не беа нејзини. Верувам дека Господ зборуваше преку неа, за да нè успокои. Токму тогаш, почувствуваме како божем Господ, одејќи по водата, дојде кон нашето бротче, го смири ветрот на стравот и ни даде утеха…

Сега, додека очекуваме да започне уште една серија на хемотерапии, а Господ ни дава сила тоа да го примиме без преголем немир, сфаќаме дека повторно ја живееме Божјата интервенција. Многу доктори им кажуваат на своите пациенти да имаат вера, и ќе видат како Господ делува. Но ако Духот на Оној Кој Го воскресна Исус од мртвите живее во вас, тогаш Оној Кој Го воскресна Христос од мртвите, ќе ги оживотвори и вашите смртни тела (поразени од болест), преку својот Дух Кој живее во вас (Рим. 8,11). Како што низ целиот наш живот се соочуваме со смртоносните болести, нас не укрепува и утешува кажаното од Господа во Светото Писмо, преку Пророкот Јеремија: Со вечна љубов те засакав и затоа пристапив кон тебе со милост.