Во овој завршен Празник, верни, да го празнуваме светло денот на Педесетницата, бидејќи е исполнување на ветувањето, зашто во тој ден слезе огнот на Утешителот во вид на јазици, и ги просветли учениците, и ги направи неботајници. Светлината на Утешителот дојде и светот го просветли
Седален од Утрената на Педесетница
Денес земјата небо станува, не затоа што е украсена од ѕвездите небески, туку затоа што денес неа ја краси блескавата слава на апостолите, кои дури и над небесата се вознесоа, кога од небесната Троична слава дар примија. Денес обилната благодат на Светиот Дух се излева и просторот на сиот свет во небо го претвора. Истата таа благодат што некогаш го најде цариникот и евангелист го направи, го најде разбојникот и во Рајот го воведе, ја најде блудницата и кон девојките ја придружи, денес со својата огнена сила ја прогонува злобата и добродетелта ја воведува, насилството го отстранува и ја втемелува слободата, го остава и простува долгот и милоста Божја ја донесува. Денес големи дарови од нашиот милосрден Отец небесен примаме, затоа да се зарадуваме и нашиот Господ со песни да Го славиме, објавувајќи радосно на сите страни дека споменот на тие дарови го празнуваме. Зашто не така одамна Вознесението на небо на нашиот Господ Исус Христос го прославивме, а денес веќе и самиот врв на нашите духовни богатства го среќаваме, се приближуваме на самиот врв на празнувањето и примањето на ветувањата Господови го достигнуваме. Само десет дена откако се вознесе, откако царскиот престол го прими и седна оддесно од Својот Отец, а денес веќе даровите на Светиот Дух ни ги праќа и преку Него сѐ што ни е за спасение ни дава. Зашто нема ништо што за наше спасение служи, а со Духот Свет да не се врши. Пред десет дена природата наша на царски престол беше вознесена, а веќе денес и Духот Свет ни слегува. Тогаш Господ нашата првина ја прими, а сега во замена Својот Дух Свет ни Го прати. Така, ние испративме вера, а примивме дар на помирување. Испративме послушание, а примивме оправдување.
Како да не се радува денес светата Бигорска обител кога така торжествен роденден слави! Роденден на Црквата и роденден на Царството небесно, кое на овој ден конкретно се пројавува. „Почеток на вечноста напишана со светлозарните букви на Светиот Дух“ – како што Светиот Максим Исповедник ни вели. Со подготвени души, украсени со смирение и надеж во милоста Божја, присутните верни што благодатта на Светиот Дух од сите краишта ги привлече во Бигорското сокровиште, стојат трепетно во цветно-закитениот храм и умилно ги упатуваат кон небото очите на своите срца, очекувајќи да слезе и на нив благодатното озарување на Духот. Слеани во една мисла, една молитва, еден дух, стануваат жив одраз на она што торжествените и раскошни стихири го воспеваат – соборот на Црквата земна и соборот на Црквата небесна, како Царство Небесно кое почнува на земјата, а во полнота се доживува на небото. Зашто во тие мигови на молитвено истапување, додека свечените напеви ја слават полнотата на откровението на Светата Троица, ние го живееме Царството Небесно, со восхит тргнуваме во пресрет на Духот, Кој доаѓа за со огнот на љубовта да ги преобрази душите наши. А во светлината на таа преобразувачка љубов, сѐ станува поинаку, сѐ добива нови бои и нова смисла. Шумат во воздухот снопови ореови лисја, налик на мали пламенчиња, и како да ја доловуваат пред нас сликата на апостолскиот собор со Светиот Дух, Кој во вид на огнени јазици со шумење слегува над нив. И со поголема сила одекнуваат во нас благодатните зборови на молитвите за призив на Светиот Дух, кои полека течат од устата на нашиот Старец. Како чудесната богослужба да подготви во нашите срца добра основа за тука да се посадат и дадат плод даровите на Духот.
„Многумилостив Владико Човекољупче, Отче на нашиот Господ, услиши нѐ кога и да Те повикуваме, особено до овој ден на Педесетницата, во којшто, по Вознесението на Господ наш Исус Христос на небесата и Неговото седнување оддесно на Тебе, Бога и Отецот, Го испрати Твојот Свет Дух на Своите Свети ученици и Апостоли, Кој застана врз секого од нив и сите се исполнија со Неговата неисцрпна благодат и говореа на разни јазици за Твоите големи дела и пророкуваа! Затоа, услиши нѐ и нас кои сега Ти се молиме, и спомни си за нас, смирените и осудени, и врати ги од ропство нашите души, имајќи ја секогаш Твојата милост.