Дојдете да се искачиме на Гората Господова и во домот на нашиот Бог, и да ја видиме славата на Неговото Преображение, слава како на Единороден од Отецот. Со (Неговата) светлина да ја примиме светлината и, од Духот возвисени, да ја воспеваме Троица Едносуштна во вековите.
Слава, и Ниње на Литиски стихири
Преображението Спасителово е извор на непресушна преобразувачка сила, која ја преобразува сета твар и сите суштества. Овој празник ни сведочи за духовната преобразба на човекот, за неговото духовно восовршување. Празнувајќи го, уште еднаш со духот се искачуваме на Таворската гора и со очите на верата, Го гледаме Спасителот како светли во Својата Божествена слава, со лице посјајно од сонцето и блескава бела облека. Покрај Него се Мојсеј и Илија како претставници на Законот и Пророците, за да Го посведочат Него како исполнување на обете. Некогаш Мојсеј се искачи на Синај и гледајќи ја таму неискажливата Божја слава, толку се преобрази во својот лик што останатите не можеа да го гледаат неговото лице. А еве сега тој стои со наведната глава пред својот Господ и се восхитува гледајќи ја нашата слаба човечка природа облечена во Божествена слава. Да, на Тавор Христос ја покажа сета убавина и слава на Своето Божество, за да знаат Апостолите, а преку нив и сета вселена, чие подобие е човекот и кон што се приближува, кога духовно се восовршува. И не случајно Господ ги одбра токму Петар – каменот на верата, Јаков – столбот на трпението и Јован – Апостолот на љубовта, за да им го покаже во сиот сјај блесокот на Царството Небесно кое доаѓа во сила. Токму тие добродетели можат да нѐ направат достојни за искачување на Таворската гора. Затоа Светата Црква преку овој празник нѐ повикува да го измениме својот внатрешен образ, утврдувајќи се во верата, растејќи во трпението и љубовта.
Озарени со светлината на Преображението која блеска во овие свети денови, Бигорската и Рајчичката обител повторно станаа место за духовно искачување на големо мнозинство верници, притекнати во овие два манастири за тука да го пронајдат својот мисловен Тавор. Сеноќната молитва облагодатена со прекрасните и длабоки по смисла празнични стихири, поттикнуваше кон созерцавање на високото достоинство што Бог му го откри на човекот и на сопствената грешност и недостојност што води кон покајание. И навистина соодветно беше во овие покајни денови на Богородичниот пост присутните да го започнат одново патот на очистување и духовно преобразување, укрепени од благодатната помош на самата Пресвета Дева Марија, нашата Мајка и помошничка во секој духовен подвиг. Упатувајќи ги кон неа своите надежи и молитви, тие најтопло ја замолија да ги удостои за примање на Таворската светлина, давајќи им смирени мисли и спасоносно покајание: „Да ни засветли и нам грешните, Твојата вечна светлина, по молитвите на Богородица, Подателу на светлина, слава Ти!“.