„Словото Божјо… Ја очисти нашата природа со чудесниот и непристапен оган на Своето Божество… и не само тоа мешање, кое Он за нас го прими, туку и секој од оние што се удостоиле на општење со него Он ги направил сопричесници на огнот, кој што Господ слезе да го симне на земјата. Во воскресението и вознесението на нашиот спасител ние сите учествуваме и ќе учествуваме, бидејќи Он е воскресение и вознесение на човечката природа, и не само на човечката природа туку и на секој верник во Христа кој ја исповеда својата вера“.
(Цитат од Тријадите на Свети Григориј Палама)
Изразувајќи го исконското православно учење и во зборови облекувајќи го насобраниот аскетски опит, Григориј зборуваше за нетварната Божја светлина. Таворската светлина, велел тој, не е создадена и таа е светлина на самиот Бог и Негова благодат која се јавува за оние што ќе се причестат со таа светлина, да не умрат туку да се осветат. Не толку Христос се преобразил, објаснува Црквата, колку што Он ги преобразил видот и чувствата на учениците, за тие да можат да Го видат Христос Каков што е. И тоа созерцание е предвкус на идното Царство.
Вакво преобразување на умот и чувствата со благодатта Божја се почувствува во Рајчичкиот параклис, во онаа благопријатна мистична атмосфера која го богатеше сеноќното бдение, и која како да нѐ подготви за доживување на најблагодатната светлина следниот ден на празничната Литургија отслужена во чест на Светиот Григориј Палама. Присуството на Старецот и Архимандрит Партениј уште повеќе ги галеше срцата на сите присутни, излевајќи молитвен мир и елеј на милоста и така подготвовувајќи ги за претстојниот Божикен пост.
Бог по молитвите на ова светило на Црквата, нека измоли од небесните височини благодатни сили, за да можеме времето на постот да го поминеме во свештен мир и доблесна љубов.