Задушница

Со Твоето воскресение од мртвите, Христе, смртта повеќе не владее со оние што умреле благочесно. Затоа се молиме прилежно: Слугите Твои упокој ги во Твоите дворови и во прегратките на Авраама, од Адама до овој ден, кои Ти послужиле чисто: татковците и браќата наши, пријателите и роднините, секој човек кој во животот послужил верно и дошол при Тебе на овој или на оној начин, и удостој ги за Твоето Царство небесно.

Подобна стихира од Вечерната на сабота Месопусна

Подготвувајќи се за неделата на Страшниот Христов суд, Месопусната, Светата Црква ни наложила да си спомнеме за сите од века умрени православни христијани: цареви, патријарси, архиереи, јереи, јеромонаси, јероѓакони, монаси, монахињи и сите отци и праотци, дедовци и прадедовци, родители и прародители, браќа и сестри и роднини наши, сите од краиштата до краиштата на вселената.

Како да не се разнежни и да не омекне секое човечко срце кога во молк ќе застане пред Бога за да се помоли за сите оние драги души кои не се повеќе меѓу нас?! Во таквите мигови нашата врска со нив станува посилна отколку додека биле покрај нас, бидејќи тој еден дел од нашата заедница, веќе Го гледа Бога како стварност, а ние пак, Го бараме со срдечен копнеж.

Но, како да не сфатиме, ние кои сме заборавени во овоземните грижи и заробени во овој современ свет што се замислил дека е вечно млад и вечно жив, дека тој премин е неизбежен и многу скорашен, тој е само еден единствен критичен миг кој ќе донесе радост или јад на нашата душа, штом луѓето кои до скоро беа постојано до нас, за многу кратко време се јавија на Божјиот повик?!

За молитвата за покојните, свети Атанасиј Велики вели: „Ако некој што е набожен починал и веќе е расеан во воздухот, не престанувај да палиш кандило и свеќи на неговиот гроб, призивајќи Го Христа Бога, бидејќи тоа му е благопријатно на Бога и надоместува многу давања. Ако умрениот е грешен, ти ќе придонесеш да му се простат гревовите. Ако бил праведен, наградата ќе му биде зголемена. Впрочем, и оној што принесува дарови за таквите, учествува во наградата, бидејќи покажува љубов за спасението на ближниот, како што и оној кој друг помазува со миро, прави од самиот него да излегува благопријатен мирис“ (Синаксар на сабота Месопусна).

Какви прекрасни зборови! Какво вдахновение од Христовиот Евангелски Дух! Покажувајќи милостина спрема ближните, ќе најдеме милост за самите себе и преку најмал подвиг ќе најдеме неизмерно богатство.

Нека Штедриот Бог биде милостив спрема душите на сите упокоени, да ги всели во прегратките на Авраама, а и спрема нас да биде човекољубив во Неговиот ден, и да нѐ помилува!